[Литература] Вања Петреска – IX одд.
Што ме движи, кога сѐ стои?
Што е она што не движи сите нас во животот? – Малите нешта кои не прават среќни. Ситните моменти на среќа и радост поминати со семејството, пријателите или пак на социјалните мрежи. Секој човек на оваа планета го движи нешто различно од тоа што те движи тебе. Веќе една година, сиот свет влезе во пандемија, страшна пандемија. Многу луѓе го загубија својот живот поради вирусот, целиот свет застана. Да, тешко е да се најде нешто што ќе те движи кога сѐ стои. Но, кога навистина добро ќе размислиш, ќе сфатиш дека ти постојано се движиш кога ги правиш работите кои те прават среќна.
Луѓето секогаш имаат избор во животот, дали ќе направат вака или така. Не секогаш ние го правиме точниот избор, напротив, ние многу пати грешиме. Се нервираме за непотребни работи, небитни нешта за кои забораваме дека постојат следниот ден. Ме нервираше кога сестра ми ќе ми влезе во соба, а сакав да сум сама, не сакав кога ми е несредена собата, кога барав мој предмет, а во моментот не знаев каде е, кога некоја работа ми е преместена на друго место, кога некои другарки ме озборувале и други слични глупости. Кога се појави вирусот сфатив дека тоа е нешто што навистина треба да те загрижи и дека моите наводни проблеми почнаа да ми изгледаат “смешни”. Се прашував сама себе дали вределе таквите нервози, па јас сум немала за што да се расправам, сум измислувала проблеми. Наеднаш како да пораснав, созреав, почнав поинаку и повеќе да размислувам, да се движам во друг правец, да ги вреднувам поинаку работите. Tешко е, седам дома по цели денови, изолирана, ми фали другарување, мотивација, да најдем нешто што ќе ме движи напред. Постојано седам пред компјутер и учам сама. Сабота и недела повеќе не постојат како денови за одмор, туку како продолжено време за завршување на домашните задачи од училиште. Иако со физичкото неприсуство во училиште изгледа дека имам повеќе време, не е така, се чувствувам уморна. Како да ги изгледав сите филмови, ми се здосади пребарување по социјални мрежи и движење само од една до друга соба. Секој ден истата рутина без промени. Главна тема во семејството ни е дали сме добри со здравјето и ако не е така почнуваме со тестирање и изолирање секој во својата соба. Зарем сега и дома ми е ограничено движењето и дома ќе носам заштитна маска? Седам во соба и размислувам, посакувам да ги видам баба и дедо, но веднаш помислувам, што ако сум асиптоматски позитивна и ги заразам. Ајде понатака ќе ги видам. Потоа помислувам, а да земам некое милениче, маче или куче, може ќе ми биде поинтересно. Навистина сум уморна, истите мисли, истите теми и до кога? Има ли крај оваа ситуација? Помалата сестра која има осум години ми вика дека пола живот и поминал во корона време. Не знам дали да се смеам или да плачам. И викам ќе ти купиме интересни маски со различни дезени и за момент ќе ја израдувам. Потоа, постарата сестра кажува дека има покачена телесна температура. Ајде тест. Позитивен е. Не можам повеќе. Сакам да појдам да ја гушнам и бакнам и намерно да се заразам, доста ми е од изолација. Но, потоа помислувам подобро не, уште не се знаат сите последици. Загрижена сум за сестра ми, загрижена за себе, а најмногу ми е жал за мајка ми која глуми храброст, а всушност е скршена. Влегува во соба кај сестра ми секој час да и однесе храна и витамани и да провери дали е подобра, а се однесува како да е се во најдобар ред. Бесна сум на сестра ми, не ги слушаше советите да не излегува по локали, а знам дека ѝ се такви тинејџерски години, сакам да ја „удрам“, но прво нека оздрави. Тогаш се прашувам, што ќе ме придвижи сега мене? Мислам дека секогаш е важно да го правиш она што ти го сакаш, без оглед што се случува околу, она што тебе те прави среќна, а и најблиските, што те движи. Знам дека ме движи и ме прави среќна кога ќе ме гушне мојата мајка и ме обзема чувство на сигурност знаејќи дека таа е секогаш тука за мене, кога ќе добијам пофалба од наставник дека одлично сум сработила, кога ќе ја изедам омилената чоколада, кога се присетувам дека освојував први места во танц и дека во иднина пак ќе продолжам со таа вонучилишна активност, кога играм и се смеам со моите сестри, кога ручам заедно со семејството и многу други работи кои навидум изгледаат како небитни, но всушност тоа се работите што ме прават среќна, ме движат кога сѐ стои. Затоа не треба да се откажуваш, да бидеш упорен, со доверба во себе и другите, да се движиш напред и да ја постигнеш својата цел, без оглед на сите случувања кои не зависат од мене. Кога се движиме и веруваме, ние ги поминуваме сите препреки и со многу труд одиме само напред, ги забораваме лошите работи и неправди што ни се случиле и продолжуваме напред. Знам, посакувам, се надевам и верувам дека ова стоење ќе заврши. Ќе се движам како порано и дури уште побрзо бидејќи сега научив да го вреднувам повеќе она што предходно ми беше секојдневие. Сега сфатив за што зборувале старите кога ќе кажат „во секое зло има и добро“. Благодарејќи на оваа лоша состојба сфатив што ме движело, а и сега се движам, но малку поинаку. Сепак не стои сѐ. Ме движат размислувањата за тоа што било порано, што се случува сега, а најмногу што ќе се случи во иднина. Размислувам за тоа дали повеќе ќе се радувам на сонцето надвор, на прошетките со пријателите, на патувањата, запознавање на други личности и другарување, на слободата да се движам каде сакам, да танцувам. Смеата и радоста да ми бидат приоритети, а неважните работи да останат неважни. Мислите ми станаа најдобра другарка и двигател кога сѐ друго стои. Сега сфатив дека силината на еден човек е да се исправи и да се движи напред кога е најтешко и дека и во таква ситуација не треба никогаш да стоиш, туку да се движиш. Да се движиш и кога паѓаш, да станеш и повторно да се движиш, заборавајќи ги лошите работи што се случувале во минатото, а од истите да го црпиш само искуството што си го стекнал од тоа, правејќи те посилна. Да, уморна сум, но посилна и поискусна сум. Се радувам на ситниците на кои порано не обрнував внимание. Знам дека од мене не зависат некои ситуации и немам некое влијание на истите, но можам да сменам некои работи кај себе си на начин што ќе правам работи што ме прават среќна, работи што ќе ме движат. И не сакам сама да се движам, туку заедно со моите најблиски, бидејќи тогаш вистинско е движењето напред. Не е доволно да се трудиш само самиот да си среќен, туку и да настојуваш и блиските околку тебе да се среќни, да правиш работи на кои и тие ќе се радуваат. Во многуте мои училишни, воншколски активности и работни обврски на родителите, најмалку имаше време да се помине со семејството, а сега не е така. Иако мислеме дека се познаваме меѓусебно, сега дознавме работи еден за друг што не сме ги знаеле или не сме ги приметувале. Си ги кажавме работите кои ни сметаат и си ветивме дека нема да ги правиме, бидејќи семејството е најважно. А само среќно семејство може да се движи напред, а така и јас како дел од тоа семејство се движам напред.
Доколку движењето напред е она што навистина го сакаш, тоа е твојата желба и веруваш во тоа, ќе се исполни. Искуството стекнато од застанатиот свет, работите што ги пронајдов, а предходно не им придавав значење ме движат напред, дури и кога сѐ стои. Иако физички помалку се движам, мислите ми летаат многу побрзо, тие ме движат. Не стојам, се движам, но малку поинаку и што е најважно со мене се движат и моите најмили.