[Литература] Анабела Данилова – IX одд.

Што ме движи кога сѐ стои?

 

Еден ден случајно ги забележав раните на дланката на мојата најдобра другарка од детство. Со денови ја анализирав и сфатив дека многу се труди да ги сокрие и не бев сигурна како треба да постапам. Само знаев дека морам да и помогнам. За среќа таа го започна разговорот прва. Ми рече дека понекогаш посакувала да има исполнет живот како мојот за да нема време да размислува за проблемите.Ја прашав кои се нејзините проблеми? Настапи онаа непријатна тишина. Продолжив: Што би правела ако денес ти е последен ден од животот? Рече дека веројатно ќе го помине како и сите останати. Само на тренинг ќе истрча малку повеќе и ќе повежба со потешките тегови. За ручек ќе оди во ресторан но ќе јаде само салата.Ќе го прочита омилениот дел од омилената книга. Вечерта ќе излезе, но ќе се среди малку повеќе. И наместо да се моли да го сретне пред да излезе, ќе му се јави да се видат. Ја прашав зошто тоа не го направи денес. Што ако утре е доцна? Ме погледна со блага насмевка. Во очите и видов пламен. Видов дека е спремна да почне да живее. Но солзите и го згаснаа пламенот. Ме праша: Од каде имаш толку сила? Која е твојата мотивација? Скоро секоја твоја постапка повредува некого. Како успеваш да ја ставиш твојата среќа пред среќата на другите? Јас се повредувам себеси за другите да бидат среќни. Што те движи и кога се стои? Ова прашање го чекав од денот кога и ги видов раните. И реков: Ме движи решителноста. Ме движи ветувањето кое многу оддамна му го дадов на малиот Петар Пан во мене. Му ветив дека ќе бидам упорна како свирачите на Титаник кои ниту ја променија мелодијата кога бродот почна да тоне. Или како мајка ми кога ме тераше да јадам. И му ветив дека ќе го одржам ветувањето.

Не го пишувам ова за да се пронајде некој од вас во него туку за да го одбранам малиот Петар Пан. Сѐ што правам е за да не го издадам него. Бидејки почна да се оддалечува од својот свет во кој моќта на љубовта, црвеното вино и црната поезија е вистинска. Капетанот Кука го нападна Петар Пан во мене преку сите кои ги сакаше и сега е сам. И му треба помош за да опстане. А јас ќе направам сѐ што е потребно за него. Бидејки му ветив дека ќе го остварам неговиот сон. Му ветив дека и во најтешките моменти ќе сонувам заедно со него. Ветив дека ќе бидам верен заштитник на него и на неговите соништа.И токму затоа што ни тогаш ни сега никој не верува во неговите соништа ќе ги остварам. Затоа сум сега овде каде што сум.

Иако немам мотивација да продолжам да живеам не се откажувам. Дисциплината ме води напред кон успехот. Знам дека ќе ми е многу полесно да се затворам во себе и да тагувам како сите останати, наместо да излезам и да се насмеам, но одбивам. Одбивам да најдам утеха во горчливиот коњак и тенката цигара. Бидејки Петар Пан нема да биде задоволен со таква личност. Често ја гледам цигарата на мајка ми како со секој повлечен дим се намалува за да ја засити, тогаш сфаќам дека не смеам да дозволам некој да се сити на било каков мој пораз. Прилично сум сигурна дека Петар Пан се гордее со личноста која сум денес. Многупати го разочарав, но неговите соништа ме движеа напред. Затоа никогаш не застанав. Каква личност би била јас доколку не ги исполнувам неговите желби? Тој замисли многу добар живот и би било штета ако не го живеам така. Не можам да замислам како би се чувствувала ако кога еден ден ќе лежам во постела со збрчано лице и ќе се присетувам на животот сфатам дека не сум живеела според неговите замисли. Не сум го завршила факултетот бидејќи излегувањето со друштво ми било поважно? Разочарувачки. Сум седела затворена во 4 ѕида со месеци жалејќи по момче? Разочарувачки. Не сум ја објавила книгата од страв дека јас сум единствена која се чувстува така, па сите ќе ме мислат за чудак? Па нека ме мислат. Нека не ги остваруваат своите соништата и нека ги критикуваат моите. Важно е дека јас сум една од ретките која го направив Петар Пан во себе горд. А ти почни да ги остваруваш твоите детски соништа и желби бидејки единствено нешто кое ќе те движи напред кога сѐ стои е дисциплината да го одржиш ветувањето кое му го даде на малиот Петар Пан кога никој не веруваше во него. Јас бев мојата најдобра другарка од детство.

+284