[Литература] Мила Ѓорѓевска – IV година
„Што ме движи кога сè стои?“
Дадено ветување
Додека на небесниот свод се бришат сончевите зраци
и со последниот зрак денот згаснува,
уште една ноќ опседната со бодликава тишина, без ѕвезди и месечина.
Со раце ја голтам сета таа празнина, мамејќи го просторот за да не останам заробена,
ко птица в кавез која при секој да се ослободи си ги повредува своите крилја.
А над мене некоја беспомошност,
па го отворам стариот чадор за да капките дожд не ми се тркалаат низ вратот.
А чекорите мои бавни и од пајажина полесни во страв да не згазам по нечија гордост,
а стравот никако да попушти,
како непоканет гост во глуво доба,
ко сенка ме демне на секое ново свртување.
Само дождот да не ги измие траговите што само што оживеале.
И во некој миг како порачана низ маглата наѕира убавина,
дал е ѕвезда што трепери во далечина,
или е само пламен од догорена свеќа која топи нечија тага.
Волшебна е оваа моќ на сончевите зраци,
што преку рамењата ја чувствувам.
И полека се топи тажното сивило
пред топлината на раскошната пурпурна боја на ирисот
и чинам небото и земјата споени во едно.
А во мене некоја чудна потреба за опстанок што ме тера повторно да научам да летам.
Во исчекување на секој нов ден зачинет со добра и лоша приказна
и се радувам на секое ново будење без чувство на каење,
спротиставувајќи ѝ се на судбината да ја одигра својата улога.
А убавината лежи во неизвесноста,
природно појавувајќи се како дел од секојдневието, носејќи надеж и соништа,
а секој дел, една посебна приказна, вечна сама по себе препознаена како вистина,
миг кој како вечен пламен носи светлина за да го исполни животот со соништа.