[Литература] Лука Божинов- III година
Што ме движи кога сè стои
Животот е еден замислен круг во кој сите ние талкаме во потрага по нашата среќа, нашата движечка сила која нѐ води низ него. А среќата пак, е тука некаде, околу нас, набљудувајќи не потајно од некој скриен агол од нашето секојдневие, чекајќи да ја откриеме.
Среќата е поим кој сите ние го дефинираме на различен начин. За некого среќа претставува возење велосипед покрај кеј во пролет, за други пак, време поминато со семјеството, или освоено прво место на натпреварот по пливање. Сите ние имаме различна замисла за среќата, но, таа е наша движечка сила во моментите кога сè стои. Велат дека среќата е уште поголема кога се споделува, кога буди насмевки на безброј лица – познати или не, насмевката значи среќа на секој јазик и кај секоја нација. Сите ние сме среќни кога немаме грижи и проблеми, кога сме задоволени од својот живот и кога желбите што ги имаме се реализираат. Но, најголема среќа е кога знаеме дека имаме некој до себе кој не бодри на патот до остварување на нашите соништа, дури и во моментите кога мислиме дека сите бродови ни потонале. Затоа, мојата најголема движечка сила, мотивација да продолжам напред е моето семејство кое секогаш е тука за мене, во добро и во лошо. Кога сум тажен и разочаран ме движат советите и прегратките на мама, која е како мелем за мојата душа. Ме движат приказните и топлите колачиња на баба кои знаат да ме утешат и да ме натераат да заборавам на проблемите. Потоа, ме движи безгрижната насмевка на дедо ми, кој често знае да ми рече :,,Секое чудо трае три дена чедо, не придавај значење на минливи работи. Ќе биде подобро!” Меѓутоа, среќен ме прават и оние мали ситници, моменти во денот кои знаат да измамат насмевка на моето лице и да ме облеат со позитивна енергија и мисла. Кога сè стои, ме движат некои навидум едноставни, но воедно и посебни моменти од секојдневието кои често знаат да ме запрашаат зошто среќата не ја гледаме, кога ни е токму пред очи? Ме движи кога ќе забележам како малото девојче отстапува место во автобусот на дедото кој немаше каде да седне. Ме движи кога добриот чичко што чека ред пред пекарата подава банкнота на малото сираче до него, кое тажно ги набљудува сите како излегуваат со полни кеси вкусни пецива. Ме движи кога ќе видам како младото момче трча кон човекот кој случајно го оставил паричникот на клупа за да му го врати. Едноставно, ме движат добрината и човечноста кај луѓето, кои како најзначајни човечки доблести сѐ уште постојат. Надежта за подобро и похумано општество е нешто што ме движи и кога сè стои. Ме движи кога мојот најдобар другар ќе ми помогне со домашното, или кога ќе ја подели последната редица од чоколадото со мене. Ме движи кога соседот ќе го запамти мојот датум на раѓање и ќе ми честита роденден. Токму овие мали гестови кои често покажуваат дека на некој му значиш и се грижи за тебе се најубавиот облик на среќа.
Секој длабоко во себе крие мал милион желби кои сонува да си ги оствари еден ден. А има ли поголема среќа од нивното исполнување? Нешто што ме движи и мотивира да продолжам напред е желбата да ја работам професијата од моите соништа, да станам успешен менаџер . Сметам дека сите ние треба да одбереме професија која со љубов ќе ја работиме и ќе не прави среќни и исполнети во иднина. Патот кон успехот е тежок и трнлив но сепак сметам дека со трудољубивост ,амбициозност и истрајност , успехот нема да ме заобиколи и утреден кога ќе се погледнам во огледало ќе видам млад, образован фамилијарен човек. Од друга страна пак речиси повеќе од цела години светот се соочува со нешто што ниту научно-фантастичните филмови не го предвиделе: пандемијата која ни ја донесе коронавирусот. Овој вирус го промени нашиот свет од корен, создавајќи живот кој никогаш не сме си го замислувале. Светот во кој живееме денес не е ниту бледа копија на светот кој ние го познаваме. Страв, загриженост и неизвесност го обележаа доаѓањето на страшниот невидлив непријател кој со брзина на светлината нѐ допре сите нас . Оваа болест ги претвори нашите животи во животи под маски чија иднина е целосно непредвидлива. Во светот како времето да запрело, и сѐ е ставено на пауза и сѐ стои… Слободата стана привилегија, па сè што можеме да направиме е да се прилагодиме на новото секојдневие, внесувајќи бар малку розова боја помеѓу сивилото кое нè опкружува. Поради низата забрани за движење и групирање, затворените училишта, затворените фитнес центри и кина, како и секој, така и јас, поминувам сè повеќе време во мојот дом, заедно со моите најблиски. Минувајќи најголем дел од моето време дома, научив како да уживам во малите нешта на кои досега не сум им придавал голема важност, како на пример: погледот кон целиот град од мојот балкон, топлиот доручек подготвен со љубов, прекрасните цвеќиња кои ја украсуваат нашата дневна соба, вечерите поминати гледајќи филмови со моите сакани. Времето е застанато а сега сè што можеме да направиме е да се посветиме на самите себе и да го праваме сето она за коешто некогаш сме жалеле дека немаме време.
Како што завршиле другите пандемии, како што се ставило крај на војните и како што светот се издигнал од бројните катастрофи низ историјата, така и оваа пандемија еден ден ќе заврши. Тоа што е важно е да извлечеме поуки од неа кои засекогаш ќе нѐ следат. Овој вирус не е само еден обичен вирус: тоа е обид на универзумот да нѐ потсети на вредностите кои свесно или несвесно, ги запоставивме во нашите динамични животи: семејството, љубовта и слободата.
Животот носи подеми и падови, понекогаш се движи а понекогаш и запира. Нам ни останува и во моментите кога сѐ стои да најдеме причина која ќе нѐ води напред и која ќе нѐ прави среќни. За мене позитивната енергија која ја будат моментите на среќа ми даваат моќ која ме движи дури и кога сè стои.