[Литература] Магдалена Георгиевска – I година

Што ме движи кога се стои?

 

Седам задлабочено замислена пред прозорецот. Го гледам сонцето како блеска на небото, ги гледам птиците кои летаат во воздухот безгрижно, ги гледам леснокрилите пеперутки, кои пленат со своите бои на виножитото, ги гледам луѓето кои минуваат по улицата и се прашувам што е тоа што ги движи и одржува во животот денес. Сфатив…

Денес живееме во свет во кој технологијата е многу напредна, како целиот свет да функционира електронски. За жал сега се е променето, за жал сега со нас живее вирусот КОВИД-19. Се почна во Кина, прво срамежливо се слушна вест дека некој невидлив натрапник, најверојатно вирус, циркулира помеѓу луѓето таму. Но, нели Кина е далеку и на почетокот мислиш не може да стаса до нас, не може да се прошири толку брзо, а тој вирус напротив почна да галопира во рапсодии од мутации и за брзо време го преплави светот. Со овој вирус ни се промени животот на сите, вирус кој речиси во сите држави на светот предизвика страв, предизвика тага кај многу фамилии кои ги загубија своите најблиски. Се се случи толку ненадејно. Развојот на современата технологија, современиот живот кој го живееме, можностите што ни ги нуди животот, брзањето и патувањето, се причината за глобалниот проблем со болеста. Огромни броеви на заразени луѓе, карантин, празни улици, полициски час, затворени училишта, затворени барови, маски, се е затворено… Едноставно не можам да си поверувам што се случува со нашите животи. Животи во кои ја нема старата хармонија, животи во кои ги нема старите навики. Мој сон е да го прошетам светот, желба ми е сите да бидат среќни и насмеани, посакувам нашите животи да се вратат во нормала. Но сега се стои. Стои времето, исто како птица без песна, но тоа не треба да биде пречка за нас, не треба да престанеме да мечтаеме со нашите сонови, не треба да биде пречка за да се бориме за нашите права. Денешното живеење е полно со неизвесност и мисла дали се ќе биде добро утре. Секој ден медиумски информации на социјалните мрежи за заболени и починати. Време-невреме. Во ова безмалку хаотично секојдневие, ме движи мојата позитивна мисла и енергија кои ги имам во изобилие и кои сакам и можам да ги споделам со сите. Ме движи надежта дека науката ќе најде начин да го победиме невидливиот непријател и еве веќе се гледа светлина на крајот на тунелот. Секој ден се повеќе луѓе ги примаат вакцините против вирусот. Вакцина која навидум е обична инекција со шприц и игла и тече, но всушност тоа е вакцина која дава заштита, надеж, сила и победа. Се радувам, многу се радувам, ме движи радоста што сите здраствени работници, ќе бидат победници и ќе се посветат за помош од други непријатели. Се радувам што мојата мајка ќе доаѓа насмеана и среќна што помогнала и ја вратила смеата на секое дете во својот дом. Се движам за доброто на сите, за поддршка за весели утра на сите.

Оваа пандемија трае веќе година и неколку месеци. Не можев да сфатам како толку бавно тече времето. Сфатив, реков сфатив. Сфатив дека еден ден повторно сонцето ќе ги стопли нашите срца, сфатив дека хармонијата ќе се врати во нашите животи. Секое утро се будам со надеж за подобро утре, со надеж дека сите повторно ќе бидеме заедно. Ме радува и одржува и помислата за првиот училишен ден. Ме прави среќна тоа што верувам дека сите во училишните клупи, ќе го слушнеме ѕвоното како ѕвони, звукот со којшто ние самите пораснавме. Знам и верувам дека сево ова еден ден ќе пројде, знам дека ќе ги тргнеме маските од нашите лица, верувам дека секој ќе продолжи со својот живот без грижи и тага. Еден ден мојот сон ќе стане реалност, се надевам побрзо. Ќе престане сево ова. Сега кога се стои, ме движи тоа што навистина сите имаме иста желба и иста надеж за нормален живот, ме движи мојата упорност кон моите цели. Пандемија… Збор со четири самогласки, навидум ќе речеш мал и обичен збор како другите. Но, не! Опасен и мрачен. Оваа пандемија не научи на многу нешта. Не научи дека љубовта, почитувањето и нашите сонови не држат во живот и не прават посилни. Пандемијата не научи да почувствуваме колку ни фали дружењето, споделувањето и уживањето во навидум мали, а всушност големи нешта. Не научи дека вистински треба да ја чуваме и негуваме нашата планета. Ѓубре насекаде, пластика која никогаш не се распаѓа и ги преплавува морињата и океаните, променети климатски услови, недостиг на вода, загадени почви, исечени шуми… Доста е! Доста е, ајде да почнеме од себе да си ја менуваме свеста, за да можеме да ја промениме и кај другите. Да ја заштитиме нашата планета, бидејќи таа е нашиот единствен извор на здрав живот.

Јас играм ракомет, спорт кој го сакам уште од мали нозе, но за жал денес и спортот е забранет. Празните трибини уште толку не потсетуваат на ова време-невреме. Немаме желба за игра, немаме мотив со кој ќе можеме да ги издржиме и двете полувремиња, едноставно не можеме да трчаме. Но јас живеам со мислата и желбата дека еден ден трибините ќе бидат повторно полни и ќе ги слушнеме навивачите кои со сето свое срце не бодрат на теренот, ми дава сила тоа што еден ден повторно ќе застанеме на теренот и храбро ќе се бориме до крај. Предавање??? Не, никако! Не е тоа во нашиот спортски дух, ќе се бориме и ќе бидеме најдобри.

Член сум и во играорна група. Група која секогаш ми давала поддршка да продолжам, но сега што? Зошто ли сега не одиме на играорна и не играме, зошто? Се разбира повторно оваа пандемија не спречи и не можеме да одиме на играорна и да играме сега, но убедена сум во фактот дека повторно во своите народни носии ќе излеземе на сцена, ќе ги покажеме нашите искрени и широки насмевки, ќе продолжиме да ја негуваме нашата богата, македонска традиција. Ќе продолжиме да бидеме амбасадори на македонската култура и уметност насекаде во светот. Уште од мала слушав дека книгата е нашиот најголем пријател, тогаш не можев да сфатам зошто, но сега знам. Кога бучавата на проблемите ме обиколува, само сакам да избегам во нов свет. Затоа книгата ме води низ страниците на чудата, љубовта, во некоја мистерија или пак акција. Се дружам со книгата секојдневно, влегувам во нејзината содржина и ги доживувам сите нејзини приказни, мечтаам и ги замислувам точно како да сум таму. Колку тајни и ука кријат тие навидум стари корици. Колку мудри мисли и патокази даваат тие, само треба да сакаш да ги допреш и да ги започнеш. По некое време сфаќаш дека си поминал долго време дружејќи се со ликовите и доживувајќи го нивниот живот како да е твој. Ме движи силата и моќта на книгата.

Време, мине брзо и со него го носи секој ден и секој миг. Се што е изгубено може да се најде, но времето може само да се надополни. Тоа е единственото нешто што никој не може да го запре, единственото нешто што може да ја излечи сечија рана. Секој момент има своја емоција, времето е најдобриот лек кој може да те излекува, ако животот околу тебе стои.

Живеј го животот, бидејќи кога нештото стои, ти си причината која ќе почне да го движи тоа повторно. Во пролетта не цветаат само цвеќињата, туку цветаат и љубовта и надежта и убавите соништа.

 

+158