[Литература] Барбара Мицеска – II година

 

Што ме движи, кога сè стои?

 

 

Пред мене, необична темнина, божем светот абдицирал од нас,

како епидемија на психичко отсуство со голема квота на заразени

и јас на средината, избунетата ќерка на стражарот на незгаснатите жарчиња.

 

Полека, губам осет за сè, го сфаќам тоа од ударите

на моето достоинство, кои моментално воопшто не болат.

 

Но сепак сум тука, го повикувам животот кој уморен се стуткал во еден агол

и сака само малку одмор, кој јас не би го издржала.

 

И барам помош да опстојам,

во она кое несвесно ме поддржува, тогаш кога навидум сè е во ред

и кога изгледам скоро па онолку силна колку што сакам да бидам.

 

Повторно успева да ме одржи во живот мојата уметност,

стиховите во кои живеам, телепортирани далеку

во галаксијата на правдата и еднаквоста, солидарноста и љубовта.

 

Еден совршен спој на толерантност на моите грешки и ремек-дела,

во кои обожавам да бидам заробена со часови и денови.

 

И така, ги оставам под псевдоним сите дела

кои протекуваат низ артериите на моето каење

и ритуалот на здравиот разум да го негира

постоењето на вистината и лагата, кога заклучува дека сè на крајот,

се сведува само на една голема лага со која играш руски рулет.

Ќе живееш ли со неа?

 

И ниту едно парче хартија не останува неиспишано,

секој нов збор го разгорува чувството да си дел од целото,

да не се вклопуваш никаде, а да припаѓаш секаде.

 

А јас? Јас сум тука само епизодист кој знае дека еден ден ќе го нема

ни она што го поседува, ни она што само мисли дека го поседува.

Знае дека ќе остане само уметноста која сме ја допреле,

живоста во строфите, графитите и музиката,

да нè потсети на есенцијалноста на целиот филм,

дури и без главните глумци и епизодистите.

 

 

 

+34