[Литература] Александра Николова – I година
Што ме движи кога се стои?
Сложена работа сме ние луѓето! Цело време се убедуваме дека знаеме кои сме, што правиме, кон што се стремиме, за што сонуваме. А сиот живот ни поминува без да разбереме што од тоа што го мислиме е вистина. И има ли воопшто вистина во него?
Бев на училиште. Беше вторник, убав и сончев ден. Сите ученици бевме во своите клупи. Со ѕвонењето на училишното ѕвонче сите, ги земавме своите ранци и истрчавме низ вратите на училниците.
Стигнав дома и дознав за новата вест што одекнуваше на сите вести на телевизија. Сите училишта да бидат затворени четиринаесет денови затоа што се појавил нов вирус, наречен корона, којшто предизвикал да се прогласи пандемија. Во тој момент бев пресреќна затоа што нема да одам на училиште. Не бев само јас среќна, сите ученици од сите училишта беа среќни. Ден по ден поминуваа деновите, а ситуацијата стануваше полоша. Поминаа сите четиринаесет денови и тогаш беше донесена нова одлука да продолжиме со нашето образование преку интернет, на далечина. Почна целата ситуација и мене да ме загрижува и таа среќа што не одевме на училиште се претвори во страв и незнаење што ни носи следното утро. Сите беа во своите домови, надвор се носеа маски за заштита, многу луѓе ги изгубија своите животи. Со една реченица: Целиот свет застана! Тогаш низ глава ми поминаа мислите дека човекот наспроти вселената е поситен од мравка. И зошто би постоел само човекот и неговиот начин на размислување? Светот постоел и без нас и ќе постои без нас!
Изгледаше како целиот свет да застана во тој момент. Но само така ни изгледаше. Светот живее и постои, но тој се движи и се менува. И по една година од несаканото затворање во своите домови, денес, светот сеуште стои. Иако наизглед сме застанати, нашите размислувања, нашата фантазија се движи побрзо од минатата година. Што е тоа што не движи сите нас? Што ме движи мене? Во оваа ситуација ме движат малите работи, работите кои што не можат да се купат со пари, оние работи кои што се најскапи. Ме придвижува насмевката на моите родители после долгиот напорен работен ден и сознанието дека сите околу мене се здрави и задоволни. Да сакаш и да бидеш сакан-тоа е светот за којшто секој сонува. Љубовта е движател на се што не опкружува, и на убавите и на лошите нешта. Ме придвижува насмевката на моите пријатели додека се шетаме низ градот. Иако лицата не можеме да си ги видиме преку маските, сепак се чуствува насмевката преку очите. Секогаш кога сме среќни, и нашите очи се смеат. Се случуваше да има и ситуации каде што не беше се најдобро, но не застанав. Тогаш мене ме движеше надежта за подобро утре. Таа ронка надеж беше доволна да продолжам. Си велам, мора да се издржи, да се даде отпор, затоа што животот не фаќа на препад и не принудува да чекориме кон непознатото и тогаш кога тоа не го сакаме, кога не ни е потребно. А што не движи сите нас? Како едно семејство, една група, една нација, една држава, еден регион, еден континент, цел свет? Што е тоа што не движи и прави во вакви ситуации да не се откажуваме и да продолжиме? Според мене тоа се сите европски морални вредности, како што се солидарноста, хуманоста, правдата. За период од неколку месеци оваа пандемија се појави и ги промени сите работи околу нас. Иако треба да држиме растојание, колку повеќе сме на растојание, толку сме некако сите поблиски. Барем тоа јас така го чуствувам. Од кога се појави оваа пандемија, социјалните мрежи беа, и сеуште се, единствената работа преку која можеме да комуницираме сите. Поставуваме фотографии, видеа, натписи, сешто. Во моменти на карантини и изолации, кај многу луѓе се појави инспирација, па имавме можност да уживаме во преубави работи. На некој начин, се обидоа и можам да речам беа успешни во тоа, барем за момент, акцентот да го стават на нив, а не на бројката на нови лица кои што се заразени. Никогаш не би помислила дека сите луѓе би излегле на своите тераси и би пееле песна во еден глас. Со таа песна од терасите даваме подршка на оние во првите “борбени редови” и покажуваме дека сме силни, дека не се предаваме, дека ќе издржиме, ќе продолжиме…
Се појавија многу хумани активности со кои се подаруваа маски, облека, храна за сите кои што во оваа ситуација не можат да си дозволат. Многу болници беа и сеуште се преполни, сите доктори работат напорно и се борат за секој човечки живот. Без разлика на нивниот пол, големина, боја на кожа секој заслужува здравствена нега и заштита и секој треба да биде излечен. Целиот свет, сите држави се обидуваат да излезат на крај со оваа ситуација, која никој не ја посакува. Преку организрање на разни хуманитарни акции, преку солидарност и посветеност еден на друг ќе успееме, ќе продолжиме понатаму.
Беше формиран и депанданс каде што се сместуваа лица кои што треба да бидат во изолација. Таму им беа носени сите потребни работи и секојдневно се спроведувала дезинфекција на објектот. Во нормални услови, овој објект би функционирал како давател на социјални услуги кои не вклучуваат долгорочно згрижување. Беа формирани и мобилни тимови на Црвен крст чија задача е да вршат неопходна набавка на прехранбени производи, лекови и средства за лична хигиена за лицата во самоизолација и истите да ги достават до домовите. Многу пати беше и спомната и инклузивноста со цел за заштита на здравјето на граѓаните, како и на нивната егзистенција и за одржувањето на функционалноста на економијата.
И денес, после цела година со тешкотии го носиме тешкиот товар од оваа година, а сегашноста се обидува да не запре, да не смири. Кога гледаме назад, кон годината што помина, таа ни изгледа како една немирна површина, исткаена со нишки од светлост и нишки мрак. Треба да истраеме во животот, да бидеме цврсти и праведни, да учиме и да се издигнуваме. И кога ова лудило ќе помине, не треба да го заборавиме, но треба мислиме на него како на лоша приказна која некогаш сме ја прочитале и која не научила на многу работи.