[Литература] Валмир Имери

Што ме движи кога се стои

Во вакви тешки ситуации мене ме мотивира потребата да успееме, моето семејство да е живо и здраво, но и да ги зачувам моите пасии во оваа депримирачка ситуација.

 

Размислувањата на една осмоодделенка за времето во кое живееме

Пред да почнам да го пишувам овој есеј, јас размислував многу што да кажам. Дали ми се движечка сила семејството, другарите, спортот или нешто сосема друго? Но очигледно е дека не ме движи само една работа, туку повеќе.

Навистина е тешка промената од нашиот поранешен живот во овој што го живееме денес. Секојдневно луѓе се заразуваат и умираат од ковид-19. Пандемијата секојдневно одзема многу животи и тоа навистина не е праведно. Јас во вакви тешки моменти сфаќам дека нашето здравје е најважно, како и здравјето на најблиските, на роднините, пријателите, но и на другите луѓе. За восхит се нашата борба и желба за живот. Во вакви тешки ситуации мене ме мотивира потребата да успееме, моето семејство да е живо и здраво, но и да ги зачувам моите пасии во оваа депримирачка ситуација.

Ме мотивира да одам напред тоа што сакам да знам дека сум се обидела и дека сум дала сѐ од себе. Да знам дека моето семејство е во ред, да знам дека сум правела работи што ги сакам. Но не е секогаш сѐ во ред и во тој момент тоа што нѐ мотивира „стои“ во место…

 

Кога сум нервозна или лута, можам да вежбам одбојка со часови и гневот и стресот да ги снема, кога сум несреќна, можам моите чувства да ги прелеам во состав, кога сум среќна, поминувам време со моето семејство… И кога се плашам, се туркам напред за да можам да го победам стравот. А тој, стравот, е многу чудна емоција, понекогаш поради него не можеме да ги направиме работите што ги сакаме, но истовремено поради него луѓето во денешнината станаа многу повнимателни за нивното здравје. Емоциите се голем дел од мотивацијата. Тие помагаат да одиме напред, но и нѐ враќаат назад.

Тие се многу моќни и навистина чудни, треба да се контролираат многу внимателно, бидејќи ако преовладеат со нас, тогаш може да се повредиме себеси и да ги повредиме другите, нашите најблиски и најсакани.

Една од моите пасии што ме движи напред е пишувањето. Навистина сакам да пишувам на мојот мајчин македонски јазик. И кога пишувам сакам читателот да разбере што сакам да кажам, да ги разбере моите чувства, контекстот и пораката.

Затоа и вие правете ги работите што ги сакате – пишувајте, сликајте, спортувајте, учете, цртајте, гответе, одете напред, мотивирајте се и кога е најтешко. И никогаш не откажувајте се од вашата цел

 

 

+3