[Литература] Теодора Димитровска – V одд.

Што ме движи, кога се стои?

За време на зимскиот распуст го гледав филмот „Чудо“. Навистина прекрасен филм.

На почетокот мислев дека главен лик е петтоодделенецот Оги. Дека главна тема на филмот е детето со деформитет на лицето.

Тоа дете се трудеше да се вклопи на многу начини. Оги беше дете кое се бори да биде прифатено од другите деца, да го сакаат, да не го навредуваат и да има другарчиња како и сите други. Оги беше паметно дете, единствена разлика беше неговиот физички изглед. На крај, сите сакаа да му станат другарчиња, но откако ја погледнаа неговата душа, а не неговото лице. Дури го прогласија и за најдобар ученик во училиштето.

Но, додека го гледав филмот се повеќе почнав да забележувам и да размислувам дека и другите „нормални“ деца имаат свои стравови, се борат со осаменост, тага….

Една реченица на мајката на Оги ми остави најголем впечаток:

Секое лице има лузни. Но, срцето ни е мапа која ни кажува каде треба да одиме.“

За оваа реченица најмногу размислувам. Секое лице има лузни кои покажуваат што имаме доживеано и кои сме. Некои луѓе тоа го гледаат како нешто грдо, некои како храброст, а на некои не им е битен изгледот, туку ја гледаат чистотата на срцето.

А срцето треба секогаш да ни биде чисто и да има простор за љубов, разбирање, толеранција и простување.

Но…

Дали знаеме што всушност не прави среќни, што ни го грее срцето? За што се радуваме и што сакаме?

Дали нова облека или нови патики не прават посреќни од искреното благодарам на другарчето на кое сме му помогнале? Дали сме заборавиле да се заблагодариме на некој кој нам ни помогнал?

Дали со нов мобилен телефон ќе бидеме „поважни“ во одделението или со петката, која сме ја добиле со многу труд и учење?

Дали треба да се разликуваме по тоа дали сме од град или село, дали сме богати или сиромашни?

Зошто мора да има разлики?

Зошто мора да ги гледаме разликите, а не сличностите?

Во време кога материјалните работи ни се многу битни, забораваме што всушност е вистинско богатство. Дека богатството е во добрината, чесноста, искреноста, верноста, љубовта кон некого… Дека богатството може да се мери и според бројот на вистински другари, кои секогаш се тука за нас.

Дали треба физичкиот изглед да е побитен од она што го носиме во срцето?

Дали треба да се потсмеваме со некој кој е различен од нас, физички или ментално? Само затоа што е различен од нас?

Лента со сончогледов цвет е симбол за „невидлива попреченост“. Ако видиме дека некој носи видлива лента со сончоглед, значи дека таа личност или лицето кое го придружува може да има скриена попреченост, физичка или психичка. Колку убав симбол!

Сончогледот го бара сонцето исто како и тие деца што го бараат своето сонце. А кога сонцето заоѓа, сончогледот се врти кон другите сончогледи. Можеме и ние да го следиме неговиот пример и да подадеме рака кон тие другарчиња. Не мора да бидеме нивно сонце, но можеме да бидеме барем еден зрак, кој ќе ја стопли нивната душа.

Дали треба да се потсмеваме со некој кој е осамен, повлечен и тажен?

А кога ние сме осамени, дали треба осаменоста да ја криеме со насмевка на лице, само бидејќи се плашиме дали ќе се вклопиме и дали на друштвото ќе им се допаднеме?

Мислам дека ако имаме добри другари, ќе нѐ прифатат какви што сме и нема да бараат ништо повеќе од нас. И ние, ако сме добри другари ќе ги прифатиме другарите такви какви што се и тоа ќе ни биде доволно.

Затоа што сите ние понекогаш сме осамени и тажни, посакуваме да имаме добар другар кој нашата осаменост ќе ја претвори во дружба и смеа. Бидејќи другарството, несебичноста и слогата е тоа што не прави луѓе.

И не е срамота да се признае кога ни треба помош, бидејќи во маката се гледа кој е другар.Другар е тој што ти помага кога ти е тешко. Бидејќи пријателството е светлина која сјае во срцето, кога е темно надвор.

И убаво е ние да понудиме помош, но таа помош да биде со чисто срце. Бидејќи помагањето не е помагање, ако притоа се фалиме и понижуваме.

Што мене ме движи, кога се стои?

Ме движи желбата за промена, бидејќи знам дека и мала промена може да значи насмевка и сјај во нечии очи.

И една мала промена може да предизвика повеќе други промени, исто како што мала снежна топка стркалана по ридот може да предизвика лавина.

Можеме да го промениме светот само ако имаме добра желба и надеж дека ќе успееме. Можеме да го промениме светот, ако ги гледаме проблемите од друга перспектива.

Треба да си го слушаме срцето, бидејќи сите сме еднакви.

Имаме исти солзи кога плачеме, но и иста насмевка кога се радуваме.

Треба да помагаме. Да подадеме рака или барем искрена насмевка. Да бидеме чесни, трудољубиви и срцето да ни биде полно со љубов, а не омраза.

Според мене, тогаш ќе се случи чудо. Ќе има помалку тага, а повеќе среќа. Повеќе дружење, помалку осаменост. Повеќе насмевки, а помалку солзи.

Кога ќе почнеме да бидеме помалку себични, меѓу дождот од солзи и сонцето од насмевки ќе се појави виножито од љубов.

И ќе се случи чудо…

 

+160