[Литература] Теодор Ѓуровски-IX одд.

 

„Што ме движи кога сé стои?“

Ние луѓето се чувствуваме најсигурно во сопствениот ритам. Сепак тој понекогаш може да се наруши кога ќе надојдат големи бранови, но и повторно да се воспостави, кога ќе го фрлиме сидрото на сигурно место. Но што ако таа несигурност трае подолго време? Движејќи се надвор од колосекот, како во воз кој безмилосно се движи во непознат правец. Тогаш е доволно само една капка да ја прелие чашата, еден збор да ти ја разори душата и да ти го завие срцето во тага и бес. Ах, тоа понеделничко утро кое не ја најави бурата во мојот живот.

Тој ден за чудо станав пред да ми заѕвони алармот на мобилниот. Часовите ми почнуваа рано и брзав да се подготвам. Од прозорецот влегуваа првите сончеви зраци, боејќи ја собата во топли и пријатни тонови. Си помислив, дека можеби овој ден по долго време ќе ме придвижи напред, и ќе ме одлепи од местото, во кое стојам веќе подолго време. Со некој позитивен елан, седнав на моето столче пред компјутерот и се приклучив на часот. Додека чекав да почне ги гледав замрзнатите ликови на моите соученици, со кои веќе девет години ги делам сите добри и лоши моменти. Во тој момент ми залутаа мислите на тој пролетен ден кога ги слушав нивните радосни извици додека излегувавме од училиштето. Веста со која привремено се запира наставата поради прогласената пандемија како бомба одекнуваше во училишните ходници. Реки од ученици се движеа по скалите, радувајќи се дека повеќе нема да има настава. Јас и мојот другар Марко, буквално излетавме од главната врата на училиштето, небаре досега сме биле оковани со железни синџири. Дојдов дома и од врата ја фрлив чантата на подот целиот среќен и расположен. Тогаш ги видов домашните како седат сите собрани во дневната соба. Кога ги погледнав нивните лица, како крвта да ми се заледи во вените, насмевката ми се собра од лицето, а во главата ми се јавија прашалници. Во убавото мајчино лице прочитав тага проткаена со чувство на загриженост и неизвесност од тоа што не очекува. Мојата детска наивност кога беше преточена во радост дека нема повеќе школо, многу брзо исчезна и прерасна во еден молк кој беше речиси неподнослив. Наеднаш од безгрижен и весел тинејџер станав грижлив човек кој се плаши за сопствениот живот и за животот на моето семејство.

На почетокот од тој т.н. „карантин“ не бев свесен дека моите соништа и цели во животот полека но сигурно се губат и се претвараат во нешто поинакво и ново. Таа година требаше да потпишам договор со еден италијански кошаркарски клуб и деветтото одделение да го продолжам во Италија. Таму требаше да учам и да играм кошарка. Целото мое детство, почнувајќи од пет години го поминав во активно тренирање на кошарка и натпревари. Додека моите врсници се одмараа или играа надвор, ја станував рано и тренирав, немав слободно време, или учев или играв кошарка. Сум имал доста повреди, сум тренирал со скршен прст, свиткан глужд и болни колена и никогаш не се откажав, без разлика на тоа колку беше тешко и напорно. Сега кога дојде времето да уживам во она што го постигнав, се случи пандемијата со Корона вирусот и светот како наеднаш да застана. Тоа зло на денешницата го клекна светот на колена. Таа нерамноправна борба помеѓу еден нов, опасен и невидлив непријател кој се шири со огромна брзина од една страна и човекот сам, исплашен и незаштитен од друга страна се повеќе наликуваше на борбата на Дон Кихот со неговите ветерници. Кога ќе излезев на балконот ги покривав ушите бидејќи не сакав да ја слушам тишината. Порано немаше да верувам ако некој ми кажеше дека и тишината може да се чуе, но во таа глува ноќ само таа беше таму. Незнам дали знаете каков е звукот на тишината, дозволете да ви објаснам. Тоа е нешто што ви ја пара душата, ви го разорува срцето и секој атом од вашето тело се бори да се движи кога се околу стои. Единствено стапките на едно прегладнето маче и нејзиното тажно мјаукање го прекинуваше нејзиниот звук. Смеата и детскиот жагор по улиците ги заменија празните детски паркови и нишалки кои беа само неми сведоци на едно убаво и безгрижно време. Мислите ми ги прекина еден добро познат глас, враќајќи ме во сегашноста.

 

 

 

Тоа беше гласот на наставничката по македонски јазик, a јас во тој момент збунето гледав во екранот. Оф, леле толку се бев задлабочил во моите мисли што сосема заборавив дека сум на час. На тој час ја обработувавме лектирата „Повикот на дивината“. Едноставно, многу ја сакам таа лектира, фасцинирам сум од храброста и истрајноста на кучето Бак. Камо да можев и јас да бидат колку храбар, да најдам начин како да почнам повторно да се движам, и да најдам нови цели во животот. Наместо тоа постојано се вртам назад кон тоа што сум го изгубил и сум можел да го имам. Ужасно ми недостасуваат другарите, тренинзите, наставниците, школото и дрвените клупи на кои седевме со Марко на одморите и јадевме од нашата пекара. Дури ми недостасуваше и мојата школска униформа која ми се смали бидејќи нагло пораснав, па класниот ми дозволуваше да носам фармерки наместо смешните панталони кои едвај ми ги покриваа колената. Тој ден часовите течеа, наставниците предаваа, но и покрај тоа што бев активен на часовите имав некој немир во душата.

По часовите целиот исцрпен само легнав на креветот и си пуштив музика, мислејќи дека таа ќе ме опушти и расположи. Едно време сум заспал и од сон ме разбуди едно тивко плачење. Наеднаш станав и слушнав дека плачот доаѓаше од собата на моите родители. Ја отворив силно врата и се изненадив кога ја видов мајка ми како седи на креветот со солзи на лицето. Во тој момент во мојата глава надојде бура, која силно и незапирливо носеше се пред себе. Наеднаш отидов кај нејзе и го фатив лицето со рацете и почнав да и ги бришам солзите. Нејзината костенлива коса и беше залепена за лицето, а во нејзините убави очи во облик на бадем видов неизмерна тага и болка. Без да кажам ништо, таа ме прегрна толку силно што почувствував дека нејзината прегратка е мојот дом, моето прибежиште. Седнав до нејзе на креветот чекајќи да ми каже што се случило. Срцето ми чукаше толку силно што мислев дека ќе ми излезе од градите и ќе одлета некаде далеку и никогаш нема да можам да го вратам назад. По неколку минути молк, таа прозборе и рече: „Сине, баба ти има канцер, денеска докторот ми ја соопшти веста.“ Во тој момент ми се сврте во главата, неможев да размислувам трезвено, солзите неконтролирано ми течеа и ми го гореа лицето. Со сите свои сетила го чувствував нивниот горчив вкус кој пополека ми го разоруваше срцето кое чиниш ќе прсне на милиони парчиња. Но, тогаш разумот ми ги совлада емоциите, а еден глас ми шепкаше дека треба да бидам храбар и јак, за да можам да ја утешам мојата мајка. Тогаш само реков: „ Ќе се бориме, баба е најсилната личност која ја познавам“.Таа не порасна мене и брат ми и не научи дека секогаш треба да ги следиме своите соништа, без оглед што понекогаш ни се чинат неостварливи и толку далечни. Целото свое детство го поминав под закрила на моите родители, на мојот брат и на моите баби и дедовци. Се чувствував како бисер во школка, но сега дојде време конечно да излезам од таа школка и да се соочам со светот кој знае и тоа како да биде неправеден и суров. Од моите зборови мајка ми малку се смири и ја оставив да одмори.

Отидов во мојата соба и на еден лист хартија напишав: „Дали знаете што ме движи кога сé стои?“, а под него со големи букви напишав: „ТОА Е ЉУБОВТА КОН МОЕТО СЕМЕЈСТВО“. Откога ги напишав тие зборови се чувствував засрамено и виновно што цело ова време го поминав сожалувајќи се себе си. Само затоа што чумата на векот не му дозволи да си ги исполнам моите соништа и да станам познат европски кошаркар. Сонував дури и да одам во Америка и да станам НБА играч. Ми одеше да си ја удрам главата со раката толку силно за да ме заболи. Како можев цело време да биде толку слеп и да не го видам тоа што е пред мене. Додека јас стоев во место, не видов дека љубовта која секојдневно ја добивам од семејството е таа која ќе ме придвижи напред. Љубовта не е само збор, таа е чувство кое ти ги оживува сите сетила, која опстојува и покрај сите болести и чуми на овој свет. Луѓето за љубовта пишувале песни, војувале, умирале, страдале но никогаш не се откажувале од нејзе. Таа е како оаза во пустина, како роза во карпа, како кокиче во ладна и студена зима, уникатна и неповторлива. За мене љубовта кон семејството и кон кошарката е толку силна што ме тера како Архимед и јас да излезам од кадата и да викам на цел глас: „ЕУРЕКА, ЕУРЕКА, ГО НАЈДОВ КЛУЧОТ КОЈ ЌЕ МИ ЈА ОТВОРИ ВРАТАТА КОН НОВИ ЦЕЛИ И СОНИШТА“.

Подоцна во текот на денот разговарав по телефон со мојата баба. Нејзиниот глас беше толку смирен и пријатен што ме облеа едно убаво чувство на топлина која ми го грееше срцето, давајќи ми спокој во душата. Таа ми раскажуваше за тоа дека секој почеток е тежок, но дека додека сме ние сите заедно со нејзе таа ќе успее да ја победи болеста. Нејзината храброст и решителност како и секогаш ми ја зацврсти довербата и надежта која остана во Пандорината кутија за да може да се шири низ луѓето. Тој ден можеби започна вообичаено како и секој друг, за да подоцна ненајдено ја донесе бурата во мојот живот, за да на крајот заврши со надеж за подобро утре. Тоа беше денот кога разбрав дека не треба да тагувам по тоа што сум го пропуштил туку треба да чекорам само напред колку да ми се чини тоа дека е тешко и невозможно. Без да сакам бев принуден својот живот да го стиснам на пауза, но тоа не беше доволна причина за да престанам да се движам. Не чувствувам повеќе желба за да го вратам времето назад. Дури и се навикнав да живеам со тишината, која ме научи дека треба да го цениме тоа што го имаме во моментот, а не само постојано да бараме уште и повеќе. Од тој ден па натаму како да станав сосема друга личност, кога ќе се видев на огледалото, се чувствував некако позрел и постар. Сега имав и други одговорности, не размислував повеќе само за мене и за моите желби. Станував рано, се приклучував на часови, учев и бев активен бидејќи сакав на тој начин баба ми да се гордее со мене. Сакав да постигнам нешто во животот, да се стекнам со знаење кое ќе ми овозможи подобра иднина. После часовите, одев во продавница, купував намирници и ги носев кај баба ми. Срцето ми се кинеше што не можев да влезам кај нејзе дома како порано и силно да ја гушнам. Знаев дека заради вирусот не смеам да влезам и да ја ставам во ризик да се разболи сега кога нејзиното тело и така е слабо и нежно. Кога ќе заѕвонев на ѕвончето, таа брзо ќе ја отвореше вратата и иако носеше маска, од нејзините очи се читаше радоста и задоволството кога ќе ме видеше. Кога ќе си дојдев дома, се чувствував како да сум направил нешто добро,особено кога ќе ја видев мајка ми колку беше среќна за тоа дека се грижам за мојата баба. Многу ја сакам мојата мајка и би сторил се што е во моја моќ да ја видам повторно насмевката на нејзиното лице, а нејзините очи да засветат посјајно од ѕвездата Северница.

Сите овие настани, кај мене разбудија една хумана страна, да се помогне на сите оние на кои им е потребна помош. Со болеста на баба ми се борат многу други луѓе во нашата држава, па и во целиот свет. За жал има и доста млади луѓе кои се заболуваат и нема кој да им помогне. Затоа сакам да се приклучам на некоја хуманитарна организација за да им помогнам на тие луѓе и да им дадам поддршка. Пред некој ден со брат ми помогнавме при носењето на храна на луѓето кои се болни и кои поради пандемијата се плашат да излезат надвор.

Знам дека сум само едно обично момче кое не може да го натера светот да се движи кога се стои и тишината наместо светлината владее со светот. Јас сум само еден тинејџер кој целото детство го помина во сала тренирајќи кошарка и немаше време да чита книги освен лектирите за на училиште. Но, сето тоа се смени кога срцето конечно сакаше да си каже што му лежи на душата и побара од мојата рака да го напише овој текст. Само сакав луѓето да го прочитаат тоа што сум го напишал и да видат дека не се сами на овој свет, дека човештвото треба да најде начин како повторно да продолжи да се движи и да живее и конечно да и стави крај на оваа тишина. Низ историјата човештвото се соочувало со секакви предизвици, но секогаш успеало да опстане. Затоа сега останува на нас како птицата Феникс да се издигнеме над прашината и темнината и да донесеме светлина во нашите животи.

Јас сам не можам да го придвижам светот, тоа мора да го сториме сите заедно!

 

 

 

 

 

 

 

+258