[Литература] Стела Пренџова – III одд.
ШТО МЕ ДВИЖИ КОГА СЕ СТОИ
Ме движи силата која ја имам за да стекнам нови другарчиња, за да играм безброј игри и за да се пеам и се смеам. Желбата кон другарување ми дава сила, да ги правам рaботите што ги сакам заедно со моите другарчиња. Другаруваме на училиште, на маало, на игралиште, на воннаставни активности. Споделуваме и радост и тага, и безгрижност и игра, а и училишни обврски во кои некогаш и меѓусебно си помагаме.
Ме движи самодовербата. Без неа нема да се движам како што се движам сега. Самодовербата е таа што ме придвижува да отидам кон целта, без да се плашам. Вербата во себе кај мене е силна страна, таа ме штити во некои ситуации каде е потребно да се слушне нашиот глас, во ситуации каде треба да го барам она што мене или нас ни треба, самодовербата ми помага да го кажам и реализирам тоа што го сакам, а некогаш и да се одбранам.
Mе движи фантазијата , а фантазијата еден ден може да стане и вистина. Фантазијата е многу важна за мене, таа ме носи во нов свет, ми дава идеи што да правам, што да играм, што да креирам, ми дава правец во кој мечтаам, ме креира и обликува.
Ематијата е таа што ме движи да му помогнам на другарчето. Да му помогнам кога ќе падне, кога никој нема да му отвори врата, кога не знае што имаме за домашна, кога заборавило некој училишен материјал, кога е тажно или има некоја друга мака.
Љубовта е таа што ме движи да и помогнам на мама со домашните обврски. Љубовта ме исполнува и ми дава сила. Љубов е кога се гушкам со мама, љубов е кога го бакнувам тато, љубов е кога се смеам и си играм со бато.
Желбата е таа што ме придвижува и ми дава мотивација. Желбата да научам да возам ролери и велосипед ми помогна иако пред тоа чувствував страв да не паднам и се повредам. Силната желба ми помогна да го надминам тој мој страв. Сега сум среќна што научив и знам да возам и веќе возам и на подолги релации како на пр. на кеј, низ цел град, на маало, а и на планина. Многу сакам и да пливам. Не сакав да стојам во водата како што стои брегот, сакав да се доближувам и оддалечувам од него. Сакам да пливам со брановите, таа моја желба ме натера да научам да пливам. Уживам да пливам и на море, и на езеро и во базен.
Јас сакам да одам на балет. Таму се опуштам, а и истовремено и напорно вежбам. Уживам во балетската музика, во убавта и смирувачка атмосфера на балетските часови. Јас кога ќе пораснам сакам да бидам балерина. Мојата љубов кон балетот е толку голема што ми дава сила и упорност да истраам и кога ми е тешко и напорно вежбам, а и храброст да се покажам како вистинска балерина.
Со својата фамилија скоро секоја недела одaм на планина да планинарам , освен кога врне. Среќна сум кога одам на викендица на планината Јабланица, таму одиме секое лето и зима, па и секој викенд кога можеме во пролет и есен. Таму учам да кампувам, таму се запознавам со природата, стекнувам кондиција со возење велосипед на планински терен, планинарам низ бујните шумски патеки, берам и ги вкусувам најубавите шумски плодови, си играм со веселите шарени пеперутки и му се радувам на секој цвет. Таму ја има најубавата глетка, најубавата тишина, најсвежиот воздух, најјасното сонце, најстудената изворска вода, најзелената трева, најбелиот снег. Таму нашата безгрижност е најголема.
Јас сакам да одам на училиште, таму учиме и се забавуваме, креативни сме, истражуваме и решаваме проблеми. Имаме и една “еко-училница” таму учиме надвор, во природа, во нашиот училишен двор, опкружен со дрвја и цвеќиња, играме безброј игри и сме среќни…
Ова сум јас и сите мои љубови, желби, волји и емоции ми даваат сила, поттик и мотив да се движам, да се радувам, да креирам, па дури и кога се стои јас да бидам движечката сила, јас да бидам радоста, светлината, ѕвездата водилка.