[Литература] Симон Трајковиќ – IV година
Што ме движи кога сè стои?
Што ме движи кога сè стои? Наслов, кој нуди безбројни и бескрајни мислечки контемплации! Дискурс, кој ги разминува претходните столетија и го разлистува новиот век, добата во која живееме и твориме! Несомнено, ја употребив глаголската конструкција ,, твориме’’, бидејќи без неа не можеме ни да ,,живееме”, зарем не?! Кој твори, тој и живее! Што е тоа што се движело во минатите столетија, кога сè стоело, се прашувам јас?! Поминале заразни болести, светски војни, меѓусебни човечки конфликти и безбројни човечки судирања, но, никогаш животот не престанал и никогаш човештвото не престанало да се движи. Времето, во кое се одбележани нашите раѓања донесува постојани и константни предизвици, нè предизвикуваат, но и ние можеме да ги предизвикаме нив со трпение и солидарност. Да, токму така, нашата трпеливост, солидарност и помош можеме да ја актуелизираме, покажувајќи емпатичност кон ранливите категории, кон повозрасните лица и кон категориите со социјален ризик. Сите овие категории преживуваат и се обидуваат да опстојат на земјината платформа, за нив егзистенцијалната состојба е мачна, а уште помачна е кога целиот свет се соочува со нешто, кое има правило да ги руши сите правила.
Се обидувам да ја разберам нивната вулнерабилност и нивната ранливост и со подадена рака да ја срушам препреката и да ја премостам нееднаквоста и дискриминацијата. Во човечкиот код се кодирани стереотипите, тие никогаш не сопреле и не сопираат, галопираат низ сите сфери, се обидуваат да ги завземат сите мисловни размисли, но, повелбите за човековите права и разновидните форуми, посветени за толеранција и недискриминација служат за зачувување на човековото достоинство.
Велат, владеат демонократските, а не демократските вредности, не им верувам, оти во овој век сме обврзани да ги цениме, а не да ги потценуваме сите оние, кои се обидуваат да создадат свет, во кој ќе владее еднаквост. Велат, господарат мрачните сили, но и тие исчезнуваат пред просветителскиот светилник, кој умее да ја осветли и најнесветата мисла, која се обидува да нè движи кога сè стои!
Велат дека постојат темни сили, кои ја заматуваат човековата лика да нè сопре кога се стои но, доколку човековата лика се огледа во најбистрите и најискрените созерцанија, тогаш умее да ја надмине опасноста од секаква недвижечка, непостоечка и ирационална постоечка состојба. Не е бајка! Не е утопија! Може да е вистина, ако се посакува, а кога се посакува, тогаш се остварува! Од нашата волја зависи секое наше дело! Ме движи посакувањето дека сè што стои ќе се движи, впрочем човековата природа секогаш се снаоѓала да се оддржи, таа е ко природата, таа секогаш е во движење, пролет, лето, есен и зима, така и човековата природа се преоблекува во пролетна, летна, есенска и зимска одежда! Како и природата, човечката природа се преобразува и замолчува, неопходна е тишината, таа е паузата каква и да е, кратка или долготрајна ние сме обврзани да и робуваме дали кон себе или кон другите, сеедно е, најзначајно е да ја истолерираме и да ја испочитуваме! Да ја испочитуваме зимата во природата, бидејќи и таа се претвора во пролет, да го испочитуваме студенилото во човечкото оддалечување, бидејќи по него доаѓа топлата прегратка!
Ме движи човештината, секаде ја има, секаде е присутна и сеприсутна е! Насловот на темата ме прашува што ме движи, па светот ме движи, тој како и во минатите векови се однесува со љубов и поддршка кон сите, така и јас му возвраќам со љубов и поддршка кон сите! Инклузијата, збор, кој содржи разбирање и прифаќање, но во реалноста таа го има вистинското значење, наидува на препреки и мостови, космополитизмот е тој, кој го вклучува космосот и ја обожува сесрдноста кон сите категории, кои ги споменав во горенаведените реченици.
Тој е уште еден збор, кој ме движи кога сè стои, бидејќи рационалното сочувство носи радост и животворност доколку се помогне на човештвото да се вклучи во сите општествени предизвици! Како никогаш досега човештвото го повикува целиот свет да го собере своето животописание и да ја предаде својата живожарица кон инклузијата, бидејќи низ толерирарање и еднаквост ќе умее да се препознае и да се сподели туѓата совест и свест за еднаков свет. Совеста и свеста се оние показатели, кон кои треба да се стремиме и да ги кроиме за подобро утре!
Насловот продолжува да ме прашува што ме движи, кога сè стои, не сум имун да не му одговорам, бидејќи сеуште има нешта, кои ме движат, мислам дека и кога ќе ја напишам последната страница од овој состав, пак ќе продолжам да се движам и да дејствувам. Да, токму тој збор ,, дејствувам” е во сестринска релација и ќе продолжам да го користам во мојата околина!
Соогледувајќи ги последиците од невидливата непознатица, се сопира и мојата младост, но таа е подготвена да се жртвува за сегашните и идните светски начела, кои размислуваат за општата добробит, благостостојба и еднаквост.
Зарем светот не е поумен, кога би владеел со принципијалната одлика да се владее со солидарност?! Повелбите на човековите права разгласуваат правдољубивост, тие не сокриваат дискриминации, кои за жал секојдневно ги согледуваме по социјалните мрежи, пријателските дружби и во училиштата. Сведоци сме на бомбардирања од агресивни пориви на деца и возрасни, кои можеби и не ја разбираат дискриминацијата како дискриминација, затоа и ним им се потребни зголемена едукација, со која ќе ја разберат својата улога, ќе ја разберат и ќе ја применат во општестевната реалност. Дефинитивно, ако и тие не се едуцираат и тие остануваат стереотипизирани и стигматизирани од суштината на деструктивната општествената глобала и стануваат жртви на понатамошни изложувања во своите дејствувања.
Стигмата ги стасува сите, но, и за неа има и медикамент, кој е спасоносен за сите нас, векот, во кој живееме нè задолжува, нè обврзува да сме заедно и кога не сме заедно. Ме движи мислата дека ќе се стокми волшебната благодарност по вирузната непознатица и воедно ме движи мислата дека не е вистина дека по пандемијата ќе се појават психосоматски заболувања кај моите врсници и кај возрасните, бидејќи ако живееме ние и креираме, така да сите ние ако сме креатори на сопствената среќа, тогаш не сме им подложни на меланхоличните расположенија и депресијата, која ги голта се повеќе и повеќе моите пријатели и возрасните во мојата околина. Секогаш сме заедно, иако не сме со физичко присуство, поврзани со една светска мисла дека се ќе помине и дека се ќе се надмине, затоа и треба да помогнеме на таа светска мисла и да ја оддржиме во благосостојба додека не се надмине ,, тишината’’. Сè стои, но јас не стојам, така и се обидувам да ги скројам сите денови, бидејќи така си докажувам на себе, а и на другите ја докажувам сопствената самодоверба и верба дека е сплетена со конци на животворност, која ќе се раскаже тогаш кога ќе биде потребна.
Да, мојата младост не стои и тогаш кога и противречи сè да стои околу неа!
По пандемијата, потребно е згрижување на сите нас, за да можеме да ја надминеме оваа физичка отсутност, која се повеќе и повеќе не разминува, но, затоа и не поттикнува да сме духовно посплотени и посилни од сè.
Да се скротиме и да сме скромни, тие би биле вистинските идеални вредности за кои тежнееме! Ако се надминат разликите, тогаш ќе се надминат и секојдневните ритуални малтретирања во сите облици на јавното мнение, така и ќе се надмине класното расслојување, кое се повеќе и повеќе се појавува како револт во меѓуученичките дружби. Човечкото достоинство нè повикува на константна и постојана едукација, која не ослободува и не не лишува од вистината и правдољубивоста.
Да завршам, ако можам воопшто да завршам, бидејќи темата повлекува илјадници испишани страници, кои како пергаменти ќе останат испишани за следно доба да бидат прочитани од следни генерации, кои ќе ми бидат врсници во своето време.
Што ме движи кога сè стои? Јас!