[Литература] Надица Поповска – III година

Што ме движи кога сè стои?

Живееме во време кога ние стоиме во место, а животот секојдневно ни минува. Секој од нас минува низ одредени животни промени и низ секакви бури кои ни ги сервира животот. Како што секој човек е посебен и уникатен така и различни помисли, желби, потреби, верувања и дела нè движат сите нас.

Со оглед на околностите во кои го пишувам ова, можам слободно да кажам дека благодарение на пандемијата со која се соочуваме целиот живот ни е застанат. Како да е замрзнат. Живеам во време кога сме затворени дома, исполнети со страв и обиколени со смрт. Секојдневно слушам како мои блиски пријатели, роднини, па дури и познаници завршуваат по болници или пак целосно нè напуштаат и заминуваат од овој свет. Ние како луѓе сме создадени за да градиме нови врски, искуства, да комуницираме и да напредуваме. Затоа оваа ситуација многу лошо влијае на сите нас. Особено на младите личности кои се во развој. Сите се соочуваме со големи подеми и падови, но најважно е како ќе се избориме со нив. Секој си има различни начини како поминува низ одредени ситуации.

Падовите на човекот понекогаш зависат и од нивната професија. А од тоа зависи ѝ како се соочуваат со нив. На пример, докторите секојдневно се опкружени со секакви болести и смрт. Но што е она што им дава сила да поминат низ сето тоа и да продолжат да се движат? Секој спасен живот за нив е радост и верувам дека таа радост е многу посилна и поголема од секоја болка низ која поминуваат. Исто така детективите и полицајците, кои се изнагледале на секакви грозотии, во мене го будат прашањето што е она што ги води да не престанат да си ја работат својата работа? Секоја спасена жртва, секоја спасена потенцијална жртва и секое ставање на криминалците зад решетки е нивната радост. Нивната мотивација да продолжат да го работат тоа, нивната верба дека поради нив секој од нас ќе се разбуди на побезбедно место за живеење.

Понекогаш мотивација за да продолжиме да се движиме кога сè стои е и искуството на наши блиски. Несомнено е дека живееме во лошо време. Секојдневно слушаме за секакви грозотии што се случуваат и за безброј млади згаснати животи. Кога слушаме што му се случило на некој кој не го познаваме, тоа нема толку голем ефект врз нас. Но низ што поминуваме кога тоа ќе му се случи на наш близок? Од лично искуство можам да кажам дека мене тоа ме натера да размислам за секоја моја постапка. Да се потсетам што е тоа што ме води низ животот. И се разбира дојдов до заклучок дека не ме води само едно нешто. Јас непрестано верувам во подобро утре. Верувам дека по секој дожд изгрева сонце. Затоа што животот е круг кој непрестано се врти.

Кога размислувам на оваа тема и се прашувам што ме движи кога сè стои, многу работи ми доаѓаат на памет. Покрај сè мислам дека вербата во подобро утре и надежта најмногу ме одржуваат во живот и ми даваат најголема сила. Сепак како велат, надежта последна умира. Ме движи помислата дека по секој дожд и секоја бура, изгрева сонцето. Ме движи помислата дека на крајот на тунелот секогаш има светло. Исто така ме движи помиската „какви мисли имаме, таква енергија привлекуваме”, па затоа постојано се трудам да бидам позитивна личност. Животот е непредвидлив, на моменти страшен, тежок, неподнослив, но постојат и тие моменти на радост, среќа, љубов, возбуда кои го прават животот она што е. Го прават животот вреден за живеење. Тоа е нешто слично како ролеркостер исполнет со еден куп емоции кои луѓето треба да ги почувствуваат.

Има моменти во кои не можам сама да си ја дадам потребната мотивација за да продолжам, па се обраќам на моето семејство и моите најблиски. Не знам како, но на некој магичен начин успеваат и мојот најмрачен ден да го исполнат со среќа. Не е срамота да побараш помош за нешто од некого ако не можеш самиот да си помогнеш. Мојата фамилија ми е потпората која ми е потребна во животот. Тие ми се рамото за плачење и тие се луѓето со кои ја споделувам среќата. Односот со семејството има огромно влијание врз развитокот на една индивидуа. Затоа, меѓусебната комуникација во семејството е многу важен фактор врз човековиот живот. Семејството како заедница е најсигурното место за човекот. Затоа кога животот ќе ме бутне и ќе ме собори, токму најблиските ми подаваат рака повторно да станам. Затоа тие спаѓаат во дел од работите кои ме движат кога сè стои.

Многу често и пријателите знаат како да ми помогнат да продолжам да се движам. Јас сум човек кој верува во добрината и човештвото во луѓето и затоа одбирам да им верувам на луѓето. Не сакам да мислам дека некој има лоши намери или лошо постапува спрема другите, но сепак животот не заборави да ме потсети дека не се сите луѓе исти. Животот ме потсети дека не секој ни мисли или посакува добро. Затоа кругот на луѓе на кои им верувам сè повеќе се стеснува. Тие ми го прават животот поубав и со нив градам спомени. Со нив ги имам тие мали, ситни детали кои го прават животот поубав. Кои го прават животот вреден за живеење. Пријателите се оние кои се со мене кога треба да ја споделам мојата среќа со нив и кои ќе се радуваат со мене, но и оние кои ќе ми ја подадат нивната рака кога ќе ми биде најпотребна.

Секако не можам а да не кажам дека и покрај сето ова најголема потпора и надеж ми дава вербата во Бог. Затоа што знам дека сè доаѓа од него и сè се случува со причина. Знам дека токму тој ќе ми го покаже патот по кој треба да се движам и ќе ми ја врати светлината во животот. Знам дека не секој е верник и тоа е во ред, затоа што како што кажав секој човек го движат различни работи. Не верувам во случајности, но верувам дека во животот сè поминува и доброто и лошото. Само треба да останеме што е можно подолго време исправени за да можеме да излеземе како борци од тешките периоди и исправено да ги дочекаме добрите денови.

Оваа тема е толку длабока и толку обемна што можам да пишувам бесконечно, но еве сепак дојдовме до крајот. Често се фокусираме само на лошото и го запоставуваме доброто што ни се случува. Мора да се разбудиме и да започнеме да го живееме животот со полни гради. Да градиме спомени, да уживаме во малите секојдневни работи и да му се радуваме на животот. Така животот ќе ни е исполнет и полесно ќе можеме да поминеме низ лошото и да излеземе како победници од нашите битки.

 

+138