[Литература] Михаил Трајковиќ – IV година

Што ме движи, кога сè стои?

 

 

Соништа, копнежи и надеж во време на пандемија! Освен тоа што постои пандемија во надворешниот свет, во нашите глави егзистира уште една внатрешна пандемија, која раѓа негативни мисли, кои претставуваат имагинирани вирусчиња за кои вакцината ја создава секој поединец посебно. Психичкото здравје на човековото битие е строго поврзано со социјалните елементи од животот на една единка. Човекот е социјално суштество и не е во можност да издржи долг период без допир со други суштества од иста биолошка природа. Како продукт од постепеното нарушување на психата, единката искусува губење на надеж и причина за остварување на неговите цели во животот.

Надежта и потребите на човекот се под силен директен удар од страна на наметнатата глобална изолација. Емотивната страна реагира на недостигот на физичкиот спој, и како последица единката чувствува возвишена демотивација и осаменост, таа мора да има причина зошто сака да живее и какви продуктивни задачи ги има во своето секојдневие, но како што предатор го зграпчува својот плен, така и секојдневното сивило етапно ја вгнездува индивидуата и ја сопнува на патот кон успехот. Колку и да е ефективна монотонијата врз нас, таа не може да ја скрши надежта, надежта е константа во човечкиот живот, доколку отсуствува, без неа нема живот, без неа човекот не е човек туку една обична скршена кукла, бидејќи таа е главниот двигател во самото движење на човечката душа! Дигиталното поврзување не е доволно, секогаш ќе недостига жарта на физичката интеграција, која е главниот копнеж, кој е посакуван од страна на целата светска популација. Човековото битие е изградено да претрпува многу физички и ментални кршења, затоа пандемијата не е доволно моќна да го убие човекот, се што може да успее да направи е да го зацврсти. Од почетокот на неговото постоење до сега, тој секогаш наоѓал начини да решава предизвици, тоа му претставува најистакнат атрибут, тоа го дефинира и гради. По завршетокот на глобалната криза, луѓето ќе се вратат за многу пати поентузијастични и помотивирани за прогресијата во самите себе и во заедницата во која се наоѓаат. Личностите под 25 години, кои сега го искусуваат вистинскиот свет имаат најголема потреба од оваа жар, тие се ментално еден од најзагрезените видови во времето на оваа пандемија. Самата појава на маската е доволно моќна компонента која го ефектира мозокот, таа ја предизвикува оттуѓеноста, го ограничува човечкиот контакт, кој пред пандемијата беше многу поотворен. Сега луѓето не се гледаат меѓусебно како луѓе, туку како вируси кои треба да бидат одбегнувани. Но, и покрај овие реални и сурови прикази од реалноста, ние младите умееме да се движиме и тогаш кога сè стои! Умееме и сакаме! Сакаме да допринесуваме во нашите заедници, се здружуваме, егзистираме и делуваме во еколошките здруженија за зачувување на екологијата. Еколошката свест е запоставена, и иако се наоѓаме во време на стишување на речиси сите секојдневија, ние се движиме кон сочувување на природата, оти таа ни е најпотребна и ни е најблиска. Нè движат шумите и планините , нè движат нивните страданија нанесени од човечката рака и нè движат да ги исчистиме нивните убавини од купиштата насобрани сметови.

Ете, сепак не мудруваме на парче хартија, туку донесуваме прагматични решенија и се движиме во местото, од каде доаѓа нашиот живот. Во училиштата обработуваме еколошки содржини речиси по сите училишни предмети, но се засрамувам од односот на моите врсници дека ја загадуваат и ја уништуваат нашата животна околина и затоа еколошките акции во мојата општина се зачестени. Намерно пишувам нè движи, бидејќи во оваа иницијатива не сум единствен, покрај мене се и моите пријатели, моите врсници, кои ја имаат истата замисла дека од нас зависи каква ќе ни биде сегашноста и иднината. Секако, ги покануваме и сите оние кои не ја разбираат нашата порака дека таа претставува моќен императив до сите граѓани да ја активираат својата граѓанска свест и да ја вклучат својата совест кон сочувување на нашето единствено богатство.

Всушност, за да се изгради граѓански активизам, потребна е сеопфатна едукација, затоа што на тој начин се промовираат основните начела на европските вредности. Сите сме заедно во едно, таа синтагма е моќна и доминантна и провлекува да се изнесе низ сите земји истата еколошка проблематика и благодарение на дигитализацијата низ светот се дознава за убавите и лошите настани со планините, шумите, реките, езерата, морињата и океаните! Постојат, европски образовни младински организации, кои се обидуваат да допринесат преку е-брошури, е-билтени или конкретни иницијативи за пошумување на изгорените и голи предели. Моментот, кој нè движи во пандемијата е оддржувањето на онлајн наставата, таа нудеше и дискриминација кон учениците со посебни потреби и кон учениците со социјален ризик. Поточно, нашите врсници наидуваат на препреки и потешкотии во одвивањето на учењето, затоа ние се обидуваме тие да не доживуваат дискриминација, нееднаквост во приодот кон учењето. Всушност нужна потреба е да се помогне со учениците со социјален ризик, како и во диферцијалните приоди кон учениците со посебни потреби.

Да, ако не делуваме ние, кои можеме да им помогнеме, тогаш општеството ќе создаде уште поголема потешкотија во совладувањето на наставните материјали и ќе се создаде поголема конфузија кај нивните родители. Да, ние сме како целина, нема издвојување и нема двојби, затоа нашата поддршка е неминовна и е од животно значење на ранливите категории. Меѓу нас се, ги познаваме, не ги разминуваме кога ќе се видиме! Правдата се создава почнувајќи од нас самите, помагајќи на учениците во печатењето на наставни материјали, како и во совладувањето на наставните содржини се креира општество, во кое се согледува човечкото достоинство! Што ме движи, кога сè стои,колку и да се прашувам ќе биде истата мисла, а таа е дека ме движи достоинството да останам човек! Да останам и да бидам човек! Освен напишаните моменти на движечките двигатели кога сè стои е и иницијативата на згрижувањето на семејствата, кои се болни од корона вирусот, поточно има цели семејства, отсечени од секаков надворешен контакт и нема кој да ги згрижи и да ги обезбеди со потребните ресурси, како: храна, пијалоци, витамини и минерали. На овие семејства им е потребна логистичка поддршка да оздрават и да се вклучат како поединци во креирањето на општеството.

Ете, постојат моменти, кои се создале од нештата, кои стојат, затоа е неопходна наша стратегија за надминување да не стојат, туку да врват, бидејќи мора да продолжиме кон нови и идни авангардни можности, а можностите постојат и тогаш кога мислиме дека не постојат. Ме движат безбројните можности, понудени како замена со физичко присуство, преку онлајн платформи и форуми, кои нудат размена на искуства, мислења и ставови на искусни едукатори, како и можности за соработка со нив.

Ме движи земјата, таа никогаш не стои, ме движи природата, таа никогаш не застанала, ме движат драгите луѓе околу мене, тие никогаш не застанале, ме движат неправдата и дискриминацијата, тие никогаш не престанале да постојат, затоа ни јас го немам правото да стојам, туку продолжувам да се движам без правото да стигматизирам.

 

 

 

 

 

+79