[Литература] Миа Хаџи-Димова – VIII одд.

Што ме движи кога сè стои?

 

 

Неодамна нашето секојдневие се промени. Навиките ни се заменија со нови. Семејствата и пријателите се разделија. Некогашните раздвижени улици се претворија во празни тротоари, а веселиот џагор стивна. Разиграните групи во градот исчезнаа и зад себе оставија пустош. Темпото на живеење на кое бевме навикнати исклучително се намали и останавме во состојба која до пред некое време ја нарекувавме мир. Порано од бучавата на напорниот ден баравме спас во тишината, а сега таа е вознемирувачка. Никогаш немаше да верувам дека тишината може да создаде таков немир во душата. Оној збор кој беше само дел од фантастичните филмови стана реалност. Фамозниот збор „пандемија“. Со цел да се заштитиме себе си и другите од вирусот моравме да ги намалиме контактите меѓу нас. Бевме принудени да се гледаме најмалку што можеме и тоа да го правиме на одредено растојание и со половина од нашите лица покриени. Иако за наше добро, тие работи ни паднаа тешко бидејќи социјализацијата, дружбата и севкупниот заеднички живот нè прават луѓе. Откинати од сето тоа се чувствуваме како не само да стои светот околу нас, туку и самите ние. Со илјадници желби за заедништво сонувам за иднината и како ќе се однесуваме во неа. Сонувам како луѓето ќе бидат поучени од сегашните случувања и со тоа ќе живеат во солидарност и секогаш тука едни за други да си помогнат. Ниту за миг не стојам безпомошно во место благодарение на желбите за такво едно скоро совршено општество и фактот дека може да биде реалност само ако работиме на тоа. Продолжувам да се движам и одам напред со целото мое битие.

Сето ова време постојано учам, читам книги и го проширувам умот. Стекнувам куп нови знаења преку книгите, социјалните мрежи, искуствата на другите луѓе, училиштето и многу други места. Не сакам да го имам она тажно чувство дека ништо не се менува, па затоа јас се менувам. Создавам нови нешта, сликам шарени цртежи, пишувам забавна поезија и готвам вкусни колачи со помошта на мајка ми. Се терам себе си да наоѓам нови начини на кои може да се забавувам. Започнувам нови хобија и се навраќам на стари. Кога мислев дека веќе нема да можам да најдам нови интереси пред мене се појави машина за шиење, и со неуморно пребарување на интернет и во старите списанија на баба ми, ја учам и таа вештина. Додека светот стоеше успеав да одам толку многу напред, та се уверив дека во него има толку убави нешта кои само чекаат да ги разоткриеме и да се вљубиме во нив.

Откривајќи со љубопитност новости кои ја разбудуваат мојата имагинација, сигурно е дека не го правам тоа само јас. Луѓето наоколу се во постојана потрага како да ги исполнат здодевните денови далеку од светот кој го познаваме. Додека тоа го прават, монотонијата ја сузбиваат со позитивна енергија. Секој наоколу креаира и придонесува убавина. Во најголемиот страв кога училиштата ставија клуч на врата, само неопходните продавници останаа отворени и сите наши планови се откажаа, кога останавме заробени дома за мене излезе зрак надеж во сивилото. Во првите денови на карантинот на влезната врата дојде мојата другарка со бела маска, сини ракавици и поклон со машна в раце. Емпатијата која таа ми ја покажа го направи тој роденден најубавиот кој некогаш сум го имала. Луѓето околу мене ми беа најголем извор на поддршка и разбирање. Вистина е дека се зближив уште повеќе со личностите во мојот живот. Стекнав нови пријателства без разлика на сите препреки. Поради потребата за безбедно и брзо комуницирање се распространија и нормализираа онлајн разговорите. Со тоа запознав луѓе од разни држави. Со стотици километри меѓу нас не бевме навистина далеку едни од други. Почитувајќи ги нашите различности и не гледајќи ги како бариера говоревме за она што нè зближува. Непријатната случка што се случи на светот нè натера да видиме колку многу сме поврзани и продолжуваме да зборуваме за нашите интереси, музика, филм, уметност и колку и да сме различни ние сите сме исти. Толку многу нешта ги поврзуваат сите луѓе на плантетата. Пријателот, без разлика од каде потекнува, е вистински пријател кога те поттикнува и мотивира да го извлечеш најдоброто од себе и да еволуираш.

Во чудното и несугурно време со кое се соочуваме, луѓето не се ништо помалку од човечни едни кон други. Набљуувајќи ги забележувам повеќе добрина од колку што можев да очекувам. Семејствата насекаде се зближија сега ценејќи го сето заедничко време низ игри, насмевки, прегратки и најважно искрени разговори полни со утеха. Млади лица пазарејќи двојно сè уште оставаат полни торби пред вратите на нивните повозрасни соседи. Познаници се јавуваат на телефон да прашаат едно просто „Како си“? – нешто кое инаку го имаа одамна заборавено. Очигледно е дека свеста се подигна. Сите видоа дека нема полза од себично туркање и брзање. Потребата за трпение и доверба поттикна во нас поголема толеранција. Појавата на поврзаност меѓу сите донесе поголема инклузивност во секојдневието. Кога сè е статично доволно е да видам што прават другите кои одат кон подобро за да се развеселам. Состојбата нè натера да размислуваме и сега имам надеж за иднината.

Јас сум дел од општеството и влијаам на другите на мој уникатен начин. Секој е посебен и добар во одредено нешто и својата посебност треба да ја искористува за добробит на другите. Сакам личностите околу мене да ги унапредуваат своите сфаќања, затоа започнувам од себе. Ги прифаќам напредните промени на денешницата. Ги слушам останатите и им давам шанса на различните мислења од моите. Со отворено срце и отворени раце ги примам пораките за мир и еднаквост, потоа ширејќи ги истите што е можно подалеку. Се трудам да ставам насмевки на лицата на секого, оној кој ми е близок и на непознатиот, правејќии мали добрини. Со само милен збор дознав дека може да промениме нечие расположение. Нашите постапки се моќни и даваат сила и во најтешките моменти.

Последнава година го истакна најдоброто кај многумина. Ги исфрли на површина најдобрите особини кои понекогаш ги криеме длабоко во себе. Сепак, според мене може постојано да се стремиме кон подобро. Нека ни биде таа потсетник и вид мотивација да бидеме добри луѓе кои го прават светот убаво место за секого. Кога правиме добри дела си помагаме себе си и на другите. Не дозволувам работите да стојат во место. Превземам нешто, се движам.

Ме движи уметноста. Ме движи поезјата и песната. Ме движи творењето. Ме движи семејството. Ме движат пријателите. Ме движи праведноста. Ме движи слободата. Со еден збор: човечноста. Кога сакаш сам да се придвижиш инспирацијата ја наоѓаш во другите луѓе. Најдобро одиме напред кога тоа го правиме заедно, рака за рака осветлувајќи си го патот. Со постапките од сегашноста ја градиме иднината. Моите соништа за неа вклучуваат пеперуги в лет и птичја песна, сончеви зраци и сини неба, но секогаш кога ја замислувам иднината најубава ми е глетката на прегрнати луѓе. Сакам да ги видам луѓето како уживаат во друштво едни на други. Сакам еднаквост и недискриминација меѓу сите. Сакам постојано проширување на човековите права и сум спремна да се борам за нив. Инсистирам да се почитуваме меѓусебно, да кажуваме со збор зошто инклузијата е важна и да покажуваме со дело како ние се стремиме да го унапредиме општеството. Да го примениме сето она кое што го научивме во изминатите месеци за заедничка цел да се зближиме и обидениме.

 

 

 

+146