[Литература] Клаудија Стаменова – III година

Што ме движи кога се стои ?

Далеку сме од реалноста и чекориме по хоризонтална линија на халуцинација. Честопати околу нас сето движење запира. Запира и здивот. Се наоѓаме во полупразен простор. Сами, со нашите мисли. Не ги чувствуваме промените и се ни изгледа како бунар без дно. Се движиме несвесно и по веќе стекната навика.

Се вртиме во истиот круг и веќе напамет знаеме што следува. Какви реакции на лицата на другите луѓе ќе се отсликаат, се ни е познато. Дејствуваме по веќе замислена паралела. Само една од нив го придвижува животот. Неспорно е колку ни се далечни оние први мигови на живот. Тивко и без шум на гранката од највисокото дрво беа закачени сите надежи на животот. Доволно е барем едно од нив да достигнеме. Како една какпка в море, така и една боја не прави виножито. Потребно е многу повеќе од она што со сега дејствуваме. Но во секое ќе сретнеме по нешто свое. Можеби некој неостварен сон или пак ќе се разбудиме во светот на реалноста. Зарем не можеме да живееме на начин на кој ги доживувавме бајките пред да заспиеме ? Во огледалото ми се отсликува одразот на веќе изморен лик. Велат дека сум добар пливач, но се плашам да не се пронајдам во толку длабоко море, чии длабочини ќе ми ги одвлечат силата и мислите.

Животот се одвива како композиција која клавиристот ја отсвирил со посилни и потивки тонови, задржувајќи се и нагласувајќи го оној крајниот тон.

Довербата ја стекнуваме низ трнлив пат, но многу лесно ја губиме. Важно е секоја наша постапка однапред да биде размислена, а потоа издејствувана. Ние немаме право со нашите постапки и зборови некого да навредуваме и да правиме да се чувствува непотребен во општеството. За жал, во денешницата, која е тесно поврзана со технологијата на многу лесен начин можете да се почувствувате неисполнети во некој поглед. Сите ние сме различни. Размислуваме и ги прифаќаме нештата на поинаков начин. Голема е веројатноста дека со избрзувањето на нашите постапки некој ќе се почувствува непријатно, па можеби и навредено. Но овде е и фактот дека ние сме човечки суштества и сосема е нормално некому да не му се допаѓа начинот на кој дејствуваме. Низ лавиринтот од случки, барем еднаш ќе се најдеме во исти простор и време со личност која има различни погледи на животот.

Важно е да имаме широки сфаќања. Понекогаш е потребно да се гледа на работите од поинаков агол. И од далечините на тој поглед да ја прифатиме различноста е впрочем она што не прави посебни како личности. Хуманоста е одлика за луѓето чии срца се големи. Зар е тоа вродено ?. Јас би рекла не. Би го посочила општеството како ‘ виновник’.

Тоа допринесува за развојот на една личност, за моралните вредности и свеста.

Репертоар од сведоштва е вметнат во моите мисли за намалената свест во општеството. Да се има свест значи да се сочувствува со туѓата болка и да се радува на туѓата среќа. Неопходна е реорганизација на сцената, поради големата застапеност на некои елементи. Застапена е омразата, љубомората и чинот.

Да, точно. Денес можеби најмногу од се е важен чинот и тоа која позиција во општеството ја завземаме. Но иако можеби некои шанси ќе ни бидат одземени, сепак нашето ќе си дојде. Низ многу црнобели слики животот ќе помине, да би дошол до оние во боја. Еднакво е растојанието од почетокот до крајот на животот и неговата ретроспектива. Така, и ние луѓето сме еднакви. Сонцето за сите подеднакво грее. Низ историјата жените ја оставале душата на бојното поле за да ги исправат сите неправдини. Сиот нивни труд денес се резултира. И треба да се вреднува. Незамислива е положбата и жртвата која тие ја давале за да ја постигнат својата цел и да ги добијат правата подеднакво. Суштинската стратегија не се однесува ние со нашата моќ да оставиме послабите од нас да потонат во длабочините. Таа се заснова токму во моментите кога на другите им е најтешко и се наоѓаат во безизлезна ситуација, ние да ја понудиме нашата помош. Да бидеме еден зрак светлина во тој мрачен тунел. Со овие постапки се покажува големината и моќноста на човекот. Борбата е вечна. Таа е симбол на истрајаност и прецизно дејствување. Секој ден се водат и по неколку битки. Битка е и да се биде слушнат во општеството, и до нечие уво да допрат нашите зборови. А дали ќе бидеме разбрани, тоа останува да видиме. Една од најголемите битки е борбата да се добие заслуженото. Впрочем правичноста може да постои само во рамките на еднаквоста. И низ овој лет го чувствувам струењето на воздухот. Летот е со цврсто раширени крилја, но сепак со падови и воздигнувања. Секоја нота и секој кажан збор водат кон тајните кои се длабоко скриени во потсвеста. Тоа е соѕвездие од безброј мотиви кои се скриено ткаени во секој од нас. Потребно ни е да пронајдеме барем еден. Прецизно да нишаниме кон суштински најмоќната цел која не движи. И дури кога се стои и ние се чувствуваме неподвижни, всушност тогаш сме најсилни. Преголемата претпазливост води кон стравување. Секое утро со изгревањето на Сонцето се јавуваат и оние први зраци на надеж. Тоа се утешни зраци. Но истовремено и храбри. Еден по еден и се ниже нашиот ѓердан со настани, доживувања и емоции. Можеби ќе задоцни, но сепак правдата ќе си го завземе своето место. Премногу долго се задржавме замрзнати во времето. Не раскинаа на парчиња, но се уште стоиме исправено. Не преболевме. Ублажени ни се раните во душата, но не се целосно излечени. И сенките веќе ги снема, се изгубија над хоризонтот. Храбро ќе застанеме исправени со последните сили и напори да го покажеме своето. Луѓето да ја добијат својата правда за која тежнееја целиот свој живот, за мирно да заминат во вечниот сон.

А јас, секогаш на ум ќе ја имам личноста на која се угледувам и ми служи како пример за тоа како еден човек со доволна верба во себе може да го достигне и невозможното. Бидејќи само небото е граница и покрај сето преживеано.

Со доволна верба во себе, во своите сили и својата моќ која секогаш ме придвижува напред, нема да дозволам ниту една личност која се наоѓа во моето присуство да се чувствува помалку вредна или пак обесправена во општеството.

Тоа е оној вечен поттик кој мене ме движи и секогаш ќе ме движи напред дури и во случај кога светот запира, и се прашува како понатаму ?.

 

 

 

 

 

 

 

 

+2