[Литература] Јована Гичова – II година

Што ме движи кога сè стои?

Гледам во часовникот кој го исполнува празниот бел ѕид во мојата соба. Стрелките се движат во истиот ритам како и секогаш, но времето ми се чини застанато. Животот е ставен на една пауза за која стрелкиве на нашите часовници како да не се свесни и тие продолжуваат неуморно со броењето на секоја секунда но околу мене, едноставно, сè стои. Механизмот кој го придвижува светот е расипан: шаренилото е сведено на сивило, топлината е збришана од остриот студ, ѕвуците се претворени во молк, слободата е заменета од безличната монотонија која царува во секој агол. Во моментов, нашиот свет се гуши во сенката на страшното зло кое го надвиснува, менувајќи го целосно неговиот лик а со тоа менувајќи нè и нас луѓето како неизоставен дел од него. Умор е вгнезден во секоја пора на лицата на луѓето кои, затворени во своите домови, чекаат реката на животот повторно да почне да тече во истиот ритам. Надвор сè стои но сепак сите се уморни, исцрпени од ненадејнава и неочекувана пауза од чиј крај сè уште нема ниту траг. Уморна сум и јас, уморни се моите очи од сивилово кое го гледаат, умор чувствува моето тело од студот кој ме обзема, уморни се моите уши од тишината, уморна сум од едноличното секојдневие кое е како затвор за едно полетно девојче како мене кое сака толку многу работи да постигне во животот. Сепак, и покрај сиот тој умор една своевидна сила која извира од длабочината на моето срце не ми дозволува да запрам заедно со целиот свет туку ме мотивира да продолжам да се движам. Минатото сега е само еден неповратлив дел од нашите сеќавања, сегашноста е ставена на пауза и иако иднината е толку далечна и непредвидлива, јас продолжувам да се движам, спротивставувајќи им се на новите начела на универзумот. Човештвото прави натчовечки обиди да ја поправи расипаната временска машина а тоа што ме движи, во оваа за нам нова и непозната реалност, е една искра способна да се претвори во вистински оган. Тоа е мојата надеж, силата која никогаш не умира, а јас сега се уверив дека оваа фраза е навистина точна. На човек можеш да му одземеш сè, но не можеш да му ја одземеш надежта која е причина за неговото срце да продолжи да чука. И тоа е целосна вистина. Па така, мојата надеж ми го шепоти тоа што моите очи сакаат да го видат, тоа што сакам да го почувствувам, да го слушнам и доживеам дури и во моменти како овој, кога тоа се чини невозможно. Мојата надеж ми ја раскажува приказната за еден подобар и посреќен свет чии протагонисти се инклузијата, толеранцијата, солидарноста, правдата, недискриминацијата, поместувајќи го на тој начин тоа што сега се чини непоместливо. Мојата надеж му пркоси на запреното време, незаинтересирана е за тоа што се случува во светот, стои со својата чудесна насмевка верувајќи дека оваа приказна ќе биде приказна со среќен крај без оглед на сè. Мојата надеж е тоа што јас сакам да го видам: свет во кој има место за секој човек, свет во кој луѓето се почитуваат и се подржуваат, си помагаат едни на други, свет во кој владее правдата, свет чиј главен двигател е љубовта. Иако сè околу мене изгледа толку безнадежно, во моите искрени детски очи блеска надежта дека човештвото ќе го пронајде излезот од темниот лавиринт во кој e заглавенo и повторно ќе ја види светлината. Надежта ме движи, вдахнувајќи ја во моите мисли помислата дека секој човек повторно ќе може јасно да ги види различните бои и да му се восхитува на шаренилото на светот. Во светот има толку бои колку што има и луѓе, секоја боја е посебна како што е посебен и секој човек, различна но сепак убава и вредна за восхит. Мојата надеж ме уверува дека сега, дур се гушиме под прекривката на темнината, можеме најдобро да ја сфатиме убавината на боите кои ни недоставуваат па така ќе станеме повеќе свесни за вредноста на различностите и нивната посебност. Дури тогаш, ми вели надежта, целиот свет повторно ќе се придвижи. Мојата надеж не успева да ја покори дури ниту сувиот студ кој го надвиснува светот. Надвор е многу студено а студ царува во секој агол. Студ има во завидливите и себични очи на луѓето, студ ги замрзнува срцата покорени од сопствениот егоизам, студ создава бури на саможивост во душите на луѓето. Сепак, ништо од тоа не успева да ја збрише мојата надеж дека човештвото повторно ќе ја почувствува топлината. Мојат надеж пулсира со толкава огнена страст што ниту еден студ, дури и оној најсуровиот, не може да ја собори. Додека студот околу мене ме плаши, надежта во мене ме успокојува и ми вели да не се плашам. Надежта во мене ме поттикнува да продолжам да се движам напред, гледајќи кон небото под кое има место за секој човек. Па така дур го гледам ова небо и неговото широко срце без граници, во мене се раѓа увереноста дека небото повторно ќе му ги отвори своите врати на сонцето и ќе ни дозволи да го видиме и да му се насмевнеме. Надежта ми вели дека сонцето повторно ќе изгрее од зад облаците несебично галејќи нè со своите топли зраци и ќе нè научи како да бидеме толерантни и солидарни помеѓу себе. Бидејќи само на тој начин ќе можеме повторно да се почувствуваме како луѓе а не како осудени маченици на еден свет во кој само преживуваме а не живееме вистински. Додека светот е застанат, надвор царува и тишина, тишина во чии окови дури и славејчињата молчат. Тоа е тишина од која морници ти лазат по телото, тишина која немир ти раѓа во душата. Во оваа нема и убиствена тишина, само надежта во мене има храброст гласно да проговори. Нејзиниот моќен глас струи по целото мое тело и ја допира секоја моја клетка. Надежта ми вели гласно дека повторно ќе се запеат песни во секое ќоше на светот но овојпат нивните стихови ќе ја издаваат само вистината и ќе ја слават правдата. Надежта ја одржува жива мојата идеја за еден поправеден свет иако светот околу мене молчи под јаремот на постојаните неправди. Надежта им дава форма на моите желби за свет без неправди дури неправдите го толчат светот. Надежта ми вели дека повторно ќе се чуе радосниот детски џагор, тажните воздишки на луѓето ќе им отстапат место на среќните насмевки а славејчињата повторно ќе црцорат во еден глас. Помислата дека музика со ноти од радост и среќа ќе се разлее по целиот свет, допирајќи го секој човек, возрасен и дете, ме движи сега кога сè стои. Додека сè стои а слободата е само еден недостижен идеал, надежта ми ветува дека никогаш нема да ме напушти и нема да бидам сама. Мојата надеж го теши моето растревожено детско срце, велејќи му дека иако сè стои, човештвото ќе извлече позитивни лекции кои ќе траат за цел живот. Надежта ми вели, дека додека сè стои луѓето ќе имаат доволно време да размислат и да го сфатат значењето на поимот слобода и нејзината вредност. Ние слободата ја имавме во неограничена количина но ја трошевме нерационално, не ја ценевме, не ја чувавме. Можеби се однесувавме така бидејќи никогаш немавме ниту помислено дека еден ден ќе останеме без неа. Па така, сега надежта ме охрабрува дека еден ден, кога универзумот ќе ни прости а слободата ќе ни се врати, ние ќе ја цениме и ќе ја чуваме како никогаш досега. Ме движи надежта дека ќе трчаме слободно под бескрајното сино небо, долж пространите зелени полјани, ќе се радуваме на сонцето и ќе танцуваме под дождот уживајќи во секоја секунда и ценејќи го сето тоа што животот ни го пружа. Единствената сила која е доволно моќна да го придвижи човекот дури и кога сè стои е надежта. Верувам дека надежта која ја има во мене е скриена во длабочините на секој човек, но многумина заборавиле да ја побараат но што поскоро треба да го направат тоа и уште утре да се разбудат со надеж. Само надежта може да ни ги избистри умовите, да ни ги прочисти срцата и конечно: да ни ја даде енергијата која ни е потребна за да им одговориме на сите предизвици кои се испречуваат пред нас во текот на животот. Само надежта може да нè направи победници во последната минута на натпреварот кој го губиме. Универзумот не очекува ништо друго од нас освен да се надеваме се дур сме живи и да не се откажуваме од надежите за еден подобар и посреќен свет. Надежта за подобар и посреќен свет е способна да нè спаси од тоа што нè снајде, да нè избави од пустината во која заталкавме, да го придвижи расипаниот механизам на светот, да ни ја врати смислата на животот и да нè доближи неколку чекори понапред до нашите цели. Надежта е една голема и искрена желба, вгнездена во нашите срца, желба која еден ден сигурно ќе се оствари доколку продолжиме да веруваме и секако, да се движиме дури и кога сè стои.

 

 

 

 

+961