[Литература] Јована Денковска – II година

Што ме движи кога се стои?

Сигурна сум дека овој феномен им се случил на сите бар еднаш во животот. Во моментот кога ќе се в ратите во реалноста и ќе сфатите дека сте се загледале во нешто за одреден временски период, тотално губејќи чувство за реалноста. За мене има четири работи кои секогаш прават да се чувствувам како да сум суспендиран на време; музиката, гледајќи отворен оган, ноќното небо и читање книги. Овие феномени предизвикуваат, бар на кратко, да ги пуштам мислите да талкаат до ѕвездите па и подалеку, предизвикуваат сите мои маки да исчезнат…бар на кратко… Јас сум во тие години каде тек се запознавам и се пронаоѓам, каде припаѓам во светов. Многу често возрасните си мислат дека ние, тинејџерите, не би можеле да имаме поголеми проблеми од тоа дека сме добиле двојка на тестот по математика или дека момчето кое ми се допаѓа не ги дели истите чувства кон мене, но нашите проблеми се поголеми и тежат тонови. Живееме во време каде преовладуваат социјалните мрежи кои вршат притисок врз младите. Каков ли притисок можат да прават, се прашувате. Девојки со плави очи, витки фигури ,долги и бујни коси секојдневно ни покажуваат дека ,,не сме доволно добри”. Еден од многуте ефекти вклучува вознемиреност (анксиозност) и депресија предизвикана од индивидуи кои постојано се трудат да создадат лажна слика за самите себе пробувајќи да изгледаат онака како што општеството го има прифатено како атрактивно. Прекумерната употреба на социјалните медиуми, исто така, знае да предизвика опсесивно-компулсивно нарушување кај луѓето. Една од многуте употреби на социјалните медиуми е споделување на објави и коментари, и тогаш се очекуваат илјадници лајкови на нив. Луѓето имаат тенденција да се опседнат со бројот на лајкови што ги добиле (или не ги добиле) на своите објави, а ова создава импликации врз менталното здравје кај луѓето. Тие сметаат дека бројот на лајкови е доказ за тоа колку луѓе ги сакаат. Единствена причина зошто го напишав горе наведеното е бидејќи верувам дека темава не е доволно дискутирана и многу млади, од кои јас сум една од нив, ќе помине многу долго време мислејќи дека не е доволно добра, дека не е сакана… Погледнете го светот во кој живееме, дефиниран од социјални коментари. Совршени луѓе не постојат, затоа немој да се правиш како еден. Се започна во основно училиште каде за прв пат моите розови шноли беа исмевани, моите буцки и топчести обравчиња беа слатки само на мама. Бев толку осамена, што во четврто одделение собирав гумички за бришење и им цртав очи и уста, тие беа мои другарчиња, еден ден кога изгубив едно почнав неконтролирано да плачам, тогаш беше моментот кога мама се загрижи и не знаеше како да се соочи со таква ситуација. Со тек на време се навикнав на самотијата, на моите измислени ликови од моите омилени книги, на стиховите на песните со мелодија која ми дава шанса да создадам моја реалност. Со текот на годините создадов многу пријателства…сите од нив ме напуштија…не остана ниту еден. Долго време жалев, долго време ја барав кривицата во мене. Се прашував која е причината што не можам да се вклопам во ова наше општество. Секој коментар, секоја пресуда, секоја претпоставка, секое мислење, секој чуден поглед, секоја забелешка, секоја критика, секој преглед, секоја проценка прави мојата самодоверба да паѓа како брод што тоне. Долу надолу во темните и мрачни длабочини. Секогаш кога ќе проговорам, можам да го слушнам ехото што се одѕвонува, игнорирајќи го секој мој збор, секоја моја мисла кажана на глас брзо се прегазува со туѓ одвик оставајќи го мојот глас да демне со тишината. Па така престанав да пробувам да ги надвикам, прекинав да пробувам да бидам сослушана. Многу пати се имам и запрашано која е причината што сеуште сум тука. Но кога и да погледнев во очите на мајка ми, веднаш тие мисли се стишуваа, нејзиниот допир, нејзиниот мирис, нејзината прегратка правеше секоја рана на моето срце да оздрави, без да знае, ме водеше низ темнината и успеа да ме донесе на пат осветлен со нејзините милни зборови. Секоја вечер ги шиеше моите скршени крилја и ниту еднаш не се измори. Секоја вечер ќе ми каже ,,те сакам, до небото и назад’’. Кога ќе ме прашаа како сум, ќе ставев насмевка на лице и ќе одговорев со ,,добро, ти?’’ и да, тоа беше лага, но сега, после години со молк и тага, после ноќи непроспиени поминати со притишен плач за да не ги разбудам мама и тато, конечно можам да одговорам без да сум приморана да излажам. Животот е премногу краток за да дозволам да ме одмине, поминав многу време плачејќи за изгубеното време. Стоев во место со години дозволувајќи луѓето да ме прегазуваат и понижуваат. Не така одамна, всушност пред само неколку месеци, успеав барем малку да создадам некој слика за себе, и горда сум сто можам да кажам дека после години со депресија успеав да се повратам во реалноста. Сеуште не се чувствувам доволно добра но сега знам дека тоа е во ред бидејќи лесно е да се чувствувам доволно добро кога би следела сценарио, но животот е ненапишан и не доаѓа со прирачник, туку доаѓа со големи можности да растам, да учам, да станам најдобрата верзија за себе а не доволно добра за некој друг. Сега знам што ме движи, љубовта на мојата мајка. Благодарам, мамо. Заради тебе, јас сум тука и подготвена сум.

 

 

 

 

 

+46