[Литература] Белмин Муриќ – VII одд.

 

Што ме движи кога сѐ стои?

 

Животот е прекрасен и секојдневно нѐ учи на нови работи. Тој нуди многу убавини на кои треба да се радуваме, уживаме и да споделуваме. Детството е еден од најубавите периоди во животот. Тоа е кутија исполнета со многу желби и љубов. Спомените од детството остануваат длабоко врежани во секој од нас. Моите тринаесет години ме прават среќен и носат радост која ме поттикнува да ја планирам мојата иднина и да уживам во животот. Тоа е период без грижи, кој носи возбудливи детски мигови.

Мојот живот наеднаш стана немирно море. Прерасна во вистинска бура на чувства и емоции. Страшен непријател влезе во нашите домови. Појавата на новиот вирус КОВИД-19 имаше големо влијание и сериозни последици во нашите животи. Пандемијата стана предизвик за сите нас, нешто на што моравме секојдневно да се навикнуваме, менувајќи го начинот на животот, нашите секојдневни обврски приспособувајќи се на нешто што го нарековме ,,ново нормално“. Таинствениот непријател вирусот КОВИД-19 многу бргу навлезе во животот на сите луѓе во целиот свет. Целосно го одзеде вниманието и го наруши ритамот на секојдневието. Луѓето во многу земји постојано се борат да си го вратат животот во нормала. Да ја почувствуваат слободата на движењето како што беше и порано пред пандемијата. Светот како да застана. Грижата за своето здравје го засегна секој човек на оваа планета и внесе страв длабоко во душата. Стравот е природна емоција и претставува дел од детството и животот на секое дете. На различна возраст децата имаат различни стравови. Тој често се јавува кај децата кога започнуваат да го истражуваат светот околу себе, барајќи ги значењето и смислата на животот. Стравот е емоција која многу често се јавува кај мене. Сакам да кажам дека сум храбар и не се плашам, но сметам дека стравот не треба да се потисне. Ме мачи помислата што ако болеста влезе во мојот дом, што ако се разболат членовите на моето семејство. Ме плаши состојбата во која би се нашле моите родители и мојата сестра. Следејќи ги новостите за вирусот на телевизија, стравот е присутен во мене. Но јас сум храбро момче.

Сметам дека можам да го надминам овој страв наречен корона вирус. Овој вирус ги забави секојдневните авантури во моето детство. И кога сѐ стои, сепак има работи што го движат мојот свет и моето детство. Мојата вистинска мотивација во животот е љубовта на семејството. Токму семејството е моето најголемо богатство. Ме движи помислата дека денот го започнувам весело и смело. Среќен сум што имам топол дом и прекрасно семејство. Тие ми даваат многу љубов и грижа, а дружењето со членовите на семејството животот ми го претвора во најубава бајка. Секоја топла прегратка на мама ми ја развеселува душата. Секој убав збор на тато ми го топли срцето. Секоја весела шега на мојата сестра ми го разубавува денот. Тое е моето семејство, мојата мотивација од која стравот исчезнува и бега далеку од нашиот дом. Мојот свет се движи со веселата домашна атмосфера. Кога сѐ стои, љубовта е движечката сила во мојот живот. Таа ми го осветлува патотот кон подобра иднина. Во моето срце има многу љубов, која секојдневно ја споделам со најблиските околу себе. Допирот на љубовта ја разубавува мојата реалност. Љубовта во моето срце е посебна инспирација која ме мотивира кога сѐ стои јас да продолжам понатаму. Додека бројките на новозаболени од вирусот растат, неизвесноста кога ќе се вратиме во училишните клупи секојдневно се зголемува. Вирусот целосно ги наруши и ги запре можностите на стекнување знаења и вештини преку практичното искуство следејќи настава во училница. Сведоци сме дека ширењето на вирусот негативно влијае на образовниот систем нанесувајќи сериозни последици врз учениците. Пренесување на животни вештини и знаеања во училница и преку интернет секако се разликува. Ковид-пандемијата е вистински предизвик кој нуди можност нашето образование да продолжи на нов начин учејќи не за нови дигитални алатки и користење технологија преку која го добиваме знаењето. Сметам дека онлајн-наставата не може да ја замени вистинската училница. Онлајн-наставата не може да ни го исполни денот со забава и дружење како порано. Многу ми недостига дружењето со наставниците и другарите. Мојот живот станува магичен кога се дружам со децата во училште. Кога сѐ стои, ме движи помислата дека повторно ќе се видиме и собереме во училишните клупи. Ме движи желбата да го посетам училишниот двор, кој пред пандемијата беше исполнет со многу забава и детска смеа. Дружењето со моите другари, нашите секојдневни детски палавости и љубопотноста повторно да истражуваме заедно е мотивација која ме движи кога сѐ стои. Јас сум величествен творец на својот живот кој секојдневно собира животни искуства. Вирусот и светската пандемија нѐ затвори во нашите домови, но стравот и неизвесноста нѐ научи на многу други работи. Кога сѐ стои, ме движи помислата да ги сакам луѓето околу мене, кои се мојата поддршка, да се дружам, забавувам и да правам добри дела кои ја исполнуваат мојата душа. Животот е волшепство, а јас сум волшебникот кој ја создава магијата на својот живот. Јас сум креативна личност и ме движи позитивната енергија, која ми дава утеха дека по пандемијата чекор по чекор ќе продолжам да ја градам својата иднина без ковид-забрани, маски и без карантин.

Јас сум многу љубопитно дете. Сакам да патувам и да истражувам нови места. Посебно е чувството да се посетат нови градови и држави, притоа да се доживее нова култура, обичај и традиција. Да се патува со семејството или со другарите е волшебен предизвик, кој создава прекрасни мигови за паметење. Ковид-пандемијата себично ни ја одзеде таа радост да фантазираме за непознати места и да откриваме нови пространства. Пандемијата ни постави сосема нови правила. Ме движи силната желба дека повторно ќе ни се отвори можноста за безбедно патување, без строги протоколи, мерки и забрани. Ме движи радоста дека по пандемијата секое ново патување и дестинација ќе го збогати мојот живот со нови семејни спомени и пријателства.

Кога сѐ стои, ме движи помислата дека вирусот наскоро ќе исчезне.Тогаш јас ќе ја почувствувам слободата, радоста и задоволството на безгрижниот ден. Ме движи и поттикнува надежта дека топлината на убавото сонце повторно ќе го помилува моето лице без маска.

 

 

 

 

 

 

 

 

+342