[Литература] Анастасија Јакчулева – IV година

Што ме движи кога сè стои?

 

Замислете, во време каде секој некаде брза, каде секој се бори да постигне повеќе за себе, каде главен изговор за незавршените обврски е немањето време, замиислете вие времето да го посветите на други. Зарем постои човек што знаејќи дека годините летаат, дека толку брзо се расте и старее, своето скапоцено време би го „потрошил“ на другите? Ако досега не се сетивте, насекаде низ светот луѓето практикуваат хуманост и несебичност и доброволно помагаат на останатите. Ги нарекуваме волонтери.

Волонтерите се лица од сите возрасти, сите националности, расни припадности кои се меѓусебно различни, но ги спојува желбата за помош, моралното живеење и правилните човечки вредности. Како повеќегодишен волонтер од редовите на Црвениот крст, можам да кажам дека тоа ме движи секојдневно, ме движи кога сè стои и ме потсетува дека целта на нашето живеење не мора да бидат парите, моќта, авторитетот. Целта на живеењето можат да се насмевките, џагорот на најадените деца, прегратките од расплаканите мајки, солзите на старите лица кои се чувствуваат заборавени. Кога целта на животот ни е поедноставна, кога имаме можност да ја постигнуваме одново и одново, тогаш самите сме поисполнети, постојано имаме нов мотив да продолжиме, знаеме дека позитивно влијаеме на светот.

Хуманоста, непристрасноста и неутралноста кои волонтерите на Црвениот крст ги практикуваат се принципи по кои не секој би можел да живее. Со сигурност знам дека луѓето често се откажуваат, се демотивираат и доброволната работа веќе не се вклопува во нивниот начин на живот. Постојано да даваш од себе за другите воопшто не е лесна работа, притоа да не си мотивиран од финансиските придобивки за стореното. Да бидеш волонтер е меѓу најблагородните активности. Значи да бидеш секогаш подготвен да дадеш сè од себе, притоа да не земеш за себе. Значи да бидеш подготвен да одговараш на прашањата „Добро, зошто одите таму кога не ве плаќаат? Немате ли попаметна работа?“. Многумина забораваат дека младите времето што не го „трошат“ на другите, не го посветуваат ни на себе. Наместо да одиме таму без да нè плаќаат, ќе бевме над телефоните и пред компјутерите. Ќе бевме затворени во собите, со светлата од екраните, не правејќи многу корисни работи ниту за себе, ниту за другите. Затоа, разбираме дека не сме платени и повторно одбираме да одиме. Затоа што не треба да ги гледаме парите како единствена придобивка од било што во животот. Тоа само ќе ни отежни, ќе не исполни со завист, љубомора, ќе бидеме во постојана трка и пак никогаш нема да ни е доволно. Треба да научиме да живееме, животот е повеќе од само пари. Придобивките од волонтирањето не би можеле ни да ги купите. Добивате простор каде што сте прифатени за тоа што сте, никој од вас не бара да се промените, да знаете повеќе, да работите повеќе. Размислете каде на друго место го добивате ова. Сте во средина каде има секакви луѓе, каде со сигурност ќе пронајдете некој сличен на вас, каде ќе ги стекнете најверните пријатели, луѓе на кои знаете дека може да се потпрете, затоа што на нив се потпира светот. Добивате искуства кои не би можеле да ги добиете на друго место, знаење кое немало да го најдете пред екраните. Дури и ова да не ви е важно, корисно го трошите своето слободно време, што е доволна причина најголемиот дел од младите да започнат ваква корисна практика. По одреден период, волонтирањето ви станува начин на живот, ви преминува во навика и разбирате дека не сте можеле да одберете поздрава и покорисна навика од ова.

  • „Како ова те движи кога сè стои?“ – ќе прашате.

Доброволната служба не ме движи само мене и останатите илјадници волонтери. Ние го движиме светот. Во време на пандемија, во време кога во буквална смисла сè стои, во период каде никој не знае како да се снајде, како да се справи и да се бори со вирусот, период каде сите се затвораат дома и во себе, тогаш сме најпотребни. Ви посакувам и ве поканувам сите да присуствувате на барем една активност, макар и да гледате од страна. Ве охрабрувам да почувствувате барем еднаш дека сте дел од нешто големо, дека токму вие сте причината за нечија надеж за подобро утре. Чувството на припадност не го градиме секаде, но ве уверувам дека ова е правото место да се почувствувате како дел од групата, како дел од промената. Што моментално правите за да помогнете заедно да ја завршиме пандемијата? Најголем дел оставаат коментари на социјалните мрежи, можеби носат маски, одбегнуваат групирање. Но, ова го правиме затоа што мораме, почитуваме мерки и полициски час за да не ни се изречат казни. Волонтерите на Црвениот крст се обидуваат да прават нешто плус. Ангажирани се во првите редови на пунктовите за вакцинација, каде заедно со волонтери од медицинските факултети во Скопје придонесуваат многу повеќе од тоа што мислеле дека можат. Се грижат секој да е примен, сместен, регистриран, вакциниран и испратен од пунктовите, се грижат за луѓето кои многу често не се заблагодаруваат или ги одминуваат. Но, тоа не е ни целта. Целта е поголемата слика, излезот од пандемијата. Истата пандемија која многу семејства остави без работа, без леб, без електрична енергија во домовите. И повторно истите волонтери без тука за сите погодени од ситуацијата. Во текот на целата година се подготвуваат пакети со храна, облека за социјално- загрозените семејства. Не ни претпоставуваме дека освен пакување и доставување на храната има уште куп други активности кои треба да се завршат за едно семејство да има што да јаде тој месец. Да не заборавиме и на активностите за едукација и социјализација на лица со посебни потреби, деца со потешкотии во учењето, деца од еднородителски семејства, деца без родители. Целната група брои најразлични групи, млади и стари ранливи категории, сите од исто место добиваат помош и поддршка. Па, ако ова не е дефиниција за инклузија, толеранција, правда, солидарност, недискриминација, заштита на човековото достоинство и човечките права, што е тогаш?

Ако некој од семејството или пријателите ви е волонтер, ако наидете на волонтери во униформа на улица, во маркет, на активност каде се вклучени, поздравете ги, кажете им дека тоа што го прават е супер, дека имаат добра намера и добра организација, дека некому му значи нивниот труд. Зошто тоа е најмалку што можеме да направиме. Да ги почитуваме додека го прават тоа што го сакаат и тоа што му е потребно на светот. Да поттикнеме и други да го прават истото, затоа што само тоа ќе нè движи кога утре повторно сè ќе стои.

 

 

 

 

+110