[Литература] Ана Цветковска – V одд.

“Примерот на мама,надежта за поубаво утре”

Живееме во чудно време невреме. Време кое ете трае и трае, а нас децата не затвори во домовите, ни ги зема насмевките, симпатиите, другарувањата, прошетките, одморите… ах, какво време невреме.

Седам овој дождлив ден покрај прозорецот и додека лизгаат капките дожд по стаклото, лицето ми го топлат солзи кои извираат од моите тажни детски очи. Гледам низ прозорецот,а надвор секојдневна слика на безлични лица, со покриени усни и нос, на кои им се гледаат само исплашените очи и се некаде брзаат. Дури и уличните кучиња и мачки некаде брзаат. А каде брзаат, каде бегаат? Бегаат од животот? Бегаат ли од среќата и радоста? Бегаат од луѓето, од разговорот, од прегратката? Ах, што ни направи ова време невреме….

Тажна измината година, која измина во надеж дека ете утре се ќе се промени, ќе се врати се како што беше убаво и весело и ќе мине како некој лош научно-фантастичен сон. Но за жал тој ден не доаѓа.

Се прашувате зошто едно дете плаче? Зошто е тажно?

Ете,како се почна кога ќе се присетам на божиќните празници минатата година. Се дојде како цунами кое удира на брегот и се распрснува по копното и при повлекувње остава пустош зад себе. Мама седната пред телевизорот, од друга страна покрај компјутерот, видно загрижена и молчелива. Дојдов до неа и ја запрашав зошто е загрижена и што се тие чудни слики на телевизорот. Мама ме погали по главата,ме гушна и ми кажа:

– Мила Аничка доаѓа тежок период на планетата, се појави еден многу лош вирус за кој ние докторите многу малку знаеме, ама ќе учиме со времето и ќе го спасиме светот и човештвото. Се ќе се промени, животот ќе ни стане сосема поинаков, ама има надеж, имало слични случувања и порано во минатото и ќе го победиме како супер херои со здружени сили ние докторите и народот ако соработуваме заедно. И тоа веќе нареден месец стана наша реалност. Почнавме да учиме од дома, излегување од домот само по потреба, со маски, на враќање дома миење, соблакање, пак миење. Дружење преку телефон, среќа со камерите, па некако имав чувство како да ми се другарчињата тука до мене. Ретките дружби сведени на игра на далечина или како велат дистанца, без прегратки, без видливи насмевки на лицата, ама тажно е многу тажно е за нас децата. Истата приказна и со намилите наши баби и дедовци. Па и убавите одмори недостасуваат, исчекувањето од пристигнување во некоја убава дестинација, убави моменти на забава, нови пријателства и прекрасни сеќавања. Ох, колку недостасува училиштето, оној џагор надвор во училишниот двор, оние брканици, смеења, препирки, смешни ситуации, приредбите, па и стравот од испрашување ми недостасува, и оние невкусни јадења кои не ги сакав ми недостасуваат сега. Се недостасува. Ненормалното стана реалност.

Како да се придвижам напред? Зошто пораснавме некако побрзо? Зошто станавме толку одговорни,а толку мали?

Можеби се е со причина. Сета оваа нереална реалност мене ме научи дека семејството е најбитното нешто во животот. Со грижата за мене се грижам за моите најблиски. И навистина домот ми стана мојот свет, а моите родители мојот мал свет на радост и среќа. Годинава ја запознав мојата земја, кратки патувања кои ми покажаа колку убавини имаа мојата земја. Прекрасни планини, прекрасни села колоритни со топли пријателски луѓе. Убави езера кои ни ја изгаснаа жештината на пеколното долго лето. Се радувам на средбите со баба и дедо на отворено, во парк, а гледам во нивните очи уште поголема радост што ете тука сме заедно сите. Се радувам и на дружбите со другарките во паркчето, се смееме, се радуваме што сме се виделе, сме споделиле некоја тајна, некоја среќа, но и за жал по некоја тага. Ете, учам да се радувам на мали работи кои можат да внесат топлина во душата и среќна сум. Тоа е, учиме поинаку да живееме, да сме среќни со работи кои предходно ни беа небитни, неприметливи, мали делови од големиот мозаик наречен детство.

Доста се солзи зарем не? Мои, твои, наши, сечии! Ја гледам мама и нејзините колеги и си велам: Човек треба да се издигне во секоја нова непредвидлива ситуација и да чекори напред со сите сили кон целта. А мене целта ми е науката. И тоа медицинската наука. Па зарем има поблагородна работа од таа да се помогне на човештвото? За мене навистина нема ништо поубаво од тоа да видам насмевка на лицето после болест. Среќа да си се врати назад во семејството здрав и жив. И да ќе учам со сите сили, ќе истражувам, ќе работам за здравјето на луѓето. Можеби и е недостижно ама ете верувам ќе откријам лек кој ќе излечи некоја за сега неизлечлива болест.

А дотогаш ќе го сакам животот, еден ни е. Нема воопшто да се штедам во давање на љубов, прегратки, радости на луѓето. Ќе помагам во невољи, ќе ги почитувам наставниците, ќе ги сакам другарчињата, ќе учам од постарите, а моето знаење ќе го пренесувам на помалите. Ќе си го гушкам кутрето,него многу си го сакам и ќе се грижам за него. И ќе дишам длабоко, силно , зошто утре е нов ден, ден на среќа, мир и благосостојба.

Животот е сепак убав, зарем не другарчиња?

 

 

+138