Вселена е сето она што постои… просторот, времето, материјата, енергијата, планетите, ѕвездите, галаксиите и интергалактичкиот простор. Веќе триесет години телескопот Хабл ни ги доловува убавините и величественоста на вселената. Тој се наоѓа во Земјината орбита и преку неговите моќни огледала ни овозможува да досегнеме до самата граница на видливиот универзум.
Човекот е љубопитно суштество. Тој отсекогаш го истражувал светот, а од пред половина век, посетува и други светови, односно, вселената. Уште од античко време човекот бил нераскинливо сврзан со Земјата, иако сепак сонувал да лета. Овие сништа почнале да стануваат реалност со појавата на воздухопловството на почетокот на XX век, за да во средината на XX век човекот успее да ги лансира и првите ракети во вселената. Тоа биле првите обиди да се оствари тој стар сон.
Проучувањето на вселената денес е проект со висока технологија каде роботите и компјутерите се суштински елементи за негов успех, Но, во многу од активностите е потребно и човечко присуство. Астронаутите се задолжени да ја извршат оваа работа, а тоа воопшто не е лесно. Инаку називот астронаут или космонаут има сосема исто значење, само што астронаут е американски назив кој го користи целиот западен свет, а името космонаут е руски назив кој русите го измислиле во времето на почетокот на студената војна, само да се разликуваат од американците.
Да се биде астронаут по мое мислење е професија на иднината. Со оглед на тоа како се развива технологијата и вселенското истражување, ќе биде и се побарана професија.
Дали секој може да биде астронаут?
Секој не може да биде астронаут. Најпрвин мора да имаат диплома по природни науки или математика. Тие заминуваат во вселената со цел да поправат некој сателит, да изградат вселенска станица или пак да направат некое научно истражување. Но таму горе, условите за живот се „непријателски настроени“ кон астронаутите. Нема кислород, владеат екстремни температури, има многу микрометеорити и космичка радијација. Затоа пред се, астронаутите треба да бидат во одлична физичка и здравствена состојба. Тоа е предуслов за да се започне со било каква обука. Телото е подложено на голем напор во фазата на лансирањето. Исто така, по подолг престој отсуството на гравитација предизвикува битни физиолошки промени, кои мора да се издржат со добра подготовка. Поради тоа првите астронаути биле пробни пилоти, навикнати на големи забрзувања. Денес новите технологии, како на пример вештачката гравитација, го олеснуваат приспособувањето кон вселенските услови, но во секој случај не е лесно. Само во текот на лансирањето, човечкото тело достигнива тежина десетпати поголема од нормалната.
Исто така отсуството на гравитација во текот на подолг период, предизвикува декалцификација на коските, а потоа и ослабување на мускулите. Поради тоа кога астронаутите ќе се вратат на Земјата, тие на почетокот неможат да одат и се пренесувани со носилки, се додека не им се поврати мускулната маса. Затоа додека престојуваат во вселената мораат да вежбаат по два часа на ден, за колку толку да ги намалат последиците. Покрај ова забалежани се и промени кај дишењето и забрзано чукање на срцето како и проблеми со крвниот притисок, бидејќи крвта поинаку се распределува т.е. крвотокот се концентрира најмногу во горниот дел од телото, па затоа се чести и главоболките.
Првите вселенски патувања траеле неколку часа, но со текот на времето потребата од подолг престој наметнала цел да се обезбеди посложена опрема која ќе обезбеди подносливи услови за повеќенеделен, па дури и повеќемесечен престој на астронаутите во вселената и во самиот вселенски брод.
Како живеат астронаутите во вселената?
Има многу интересни факти за животот на астонаутите во вселената. На пример прва промена која што ја приметуваат на свемирскиот брод е мирисот – метално јонизирачки, што никогаш немочат да го заборават. Поради безтежинската состојба се чувствуваат како суперхерои…можат да летаат.
Храната во бродот има посебен вкус. Таа е дехидрирана и со малку вода се набабрува и ја добива оргиналната форма, како на пример шкампите прикажани на сликата.
Кога се потат астронаутите, потта се лепи на нив бидејќи нема каде да оди и им влегува во очи… затоа секогаш имаат шамивче за бришење. Доколку трчаат, потта прска на ѕидовите и опремата. Интересно е што тие ја збираат потта во составот за кондензирање, ја рециклираат и таа станува вода за пиење.
И одењето во тоалет е комплицирано.Тоалетот се наоѓа во тесна просторија, а е сочинет од седиште прикачено на резервоар кој прима 30 единици. Кога ќе се наполни, го испуштаат во вселената под голем притисок. Отворот е многу мал, па астронаутите мора да бидат прецизни. Урината оди во специјален систем, т.н. Urine Processor Assembly (UPA), при што најголемиот дел се рециклира.
Најдобра работа во вселената е што астронаутите ретко се разболуваат, бидејќи нема кој да ги зарази. Најлош здравствен проблем што може да се појави е главоболка, за што имаат таблети, некоја повреда, како и повраќање што не е воопшто пријатно да ви се случи во безтежинска состојба. За тоа постојат посебни вреќички, но секако е непријатно, бидејќи содржината честопати им се враќа во лице. И кивањето е непријатно искуство…астронаутите киваат со наведната глава во оделото кое потоа мора да го чистат.
Без гравитација, течностите во телото се качуваат во горниот дел, на тој начин издолжувајќи го ‘рбетниот столб, поради што астронаутите во вселената се за 5 см повисоки. Тоа во првите неколку дена предизвикува чести болки.
Како изгледа спиењето во вселената?
Поради микрогравитацијата, теоретски астронаутите може да спијат насекаде во леталото, па дури и исправени. Но постојат посебни кабини за спиење, кои се со звучна, топлинска изолација и со одлична вентилација. Пред да легнат, тие се врзуваат со каиши и јажиња за специјалната опрема, со цел да не лебдат. Особено треба да ги врзат рацете и нозете. Спиењето вертикално нема никаква разлика од хоризонталното. Поради бучавата во леталото која е константна, мора да ставаат и слушалки на ушите како би можеле да отспијат 8 часа кои им се препорачани.
Поктај бучавата проблем е и силната сончева светлина од изгрејсонцето што во Земјината орбита се случува на секои 90 минути. Затоа астронаутите ги покриваат прозорците на леталото и ставаат црни маски за спиење. Апчињата за спиење се едни од најупотребуваните медикаменти во вселената. Па дури и ‘рчењето е возможно.
Најважен дел од опремата на астронаутите е оделото.
Тоа е секогаш бело, бидејќи белата боја најефикасно го рефлектира зрачењето во вселената. Кога се враќаат дома тие носат портокалови костуми бодејќи портокаловата боја се издвојува од сината боја на океанот и небото и е совршена за привлекување на внимание во случај на незгода.
Вселенската облека или скафандер е изработена од специјален материјал кој одржува притисок од околу 1.013hPa во облеката, е флексибилна, многу лесна, отпорна на удари од мали парчиња на метеори кои лебдат во вселената. На неа е прикачена опрема за обезбедување кислород од неколку часа. Опремата за комуникација е од суштинско значење кога се надвор од бродот.
Вселенскиот шлем има визир кој го штити астронаутот не само од јаката светлина туку и од опасни космички зрачења.
Спуштањето на земјата е исто така опасно и стресно. Влезот во атмосферата е драматичен поради триењето кое се создава во горните слоеви. Астронаутите се опктужени со бела врела плазма која има илјадници Целзиусови степени и остава огнена трага позади.
Иако вселенските патувања ги изложуваат астронаутите на различни облици на радијација какви што нема на Земјата, сепак една студија на американците покажува дека патувањето во вселената не го скратува нивниот живот. Факт е дека астронаутите и професионалните спортисти живеат подолго од останатите луѓе. Астронаутите генерално имаат подобро образование и физички се повеќе подготвени од просечниот американец, па затоа биле споредувани со професионални спортисти. Морталитетот на астронаутите бил споредуван со професионалните кошаркари од НБА лигата и професионалните бејзбол играчи од МЛБ лигата од средината на 60-тите години од минатиот век, па се до 2018 година. Заклучено е дека и астронаутите и спортистите имале понизок ризик на прерана смрт отколку општата популација. Што ги разликува астронаутите и спортистите од општата популација не е тешко да се заклучи. Тие најчесто никогаш не пушеле цигари, здраво се хранат и редовно тренираат.