Алшар е рудник на планината Кожуф во кој за првпат е откриен талиумовиот минерал лорандит, далечната 1894 година. Денешното име на рудникот е кратенка од првите букви на имињата на луѓето што управувале со него во првата половина на XX век: Алатини (француско банкарско семејство) и Шарто (рударскиот инженер).
Рудникот Алшар се наоѓа триста метри од малото село Мајден, во подножјето на Кожуф планина. Во неговата внатрешност се влегува низ осум широки отвори во земјата.
Во него, над пет илјади години се копа злато, талиум, кристали на лорандитот, антимон кој служи за легирање на тешкото оружје и други минерали што ги има само во овој рудник. Два од осумте отвори на јамите од подземните ископи се долги шест илјади метри со калдрма која денес е многу оштетена.
Познати светски геолози овој рудник го нарекуваат најчувана тајна на нашата планета. Некои него го вреднуваат и како најголема тајна на човештвото, бидејќи во неговата утроба наводно се криела тајната на постанокот на Космосот и на Сончевиот систем!
Лево, на двесте метри од Алшар, има еден вечно зелен рид на кој не смее да стапне ниту човекова нога ниту преживари. Во земјата на ридот има талиум, отров многу поопасен и од арсенот (го има во помали количества), кој ако се внесе во организмот, го соборува секој крупен добиток што се напасува таму.
Лево од Алшар и од ридот се наоѓаат извори со топла вода, а наспроти нив на крајот на селото Мајден, селаните експлоатираат бел минерал (највероватно боракс) со кого ги перат алиштата, ги мијат садовите и ги чистат сите простории во своите домови. Овој природен правкаст минерал го има во неограничени количества. Волшебниот маѓепсан терен околу Алшар, познат меѓу староседелците како Црвена Долина, е вистинска енигма за научниците.
Во 1986 година, тогашната југословенска власт го почнала проектот „Лорекс“, во кој биле вклучени десетина научни институции од Словенија, Хрватска и Македонија. По распадот на СФРЈ, сите активности околу рудникот се запрени.
Во македонскиот рудник Алшар на Кожуф има и лорандит, минерал на талиумот, кој служи за да се детектира (лоцира) неутринот. Ако се успее да се одвои неутринот од талиумот, нашата планетарна наука ќе ги разбере процесите со чија помош се генерира енергијата во Сонцето.
Се смета дека покрај во Македонија, можеби лорандитот го има и во Шри Ланка и на уште малку места ширум светот. Во 1978 год е одржана тајна седница на владата на СФРЈ на која се разговарало за тоа дали рудикот Алшар треба да и се препушти на НАСА за да вршат истражувања кои наводно би го користеле лорандитот за вселенески потреби. Конечна одлука меѓутоа, никогаш не била донесена.
Изработи: Верица Ѓорѓиева