[Литература] Младен Божиновски – VIII одд.

,,Што ме движи кога сè стои?”

Еден класичен ден, пролетта веќе се чуствува, само што завршив со часовите и тргнувам накај училишниот терен да се сретнам со другарите. Таму често играме кошарка или фудбал. Мала физичка вежба и ритмичко размрдување на мускулите по целодневното престојување на дрвеното столче во училишната клупа, каде целата наша енергија интелектуално ја трошиме, концентрирајќи се на наставата и училишното градиво. Сè едноставно монотоно тече, рутински, се подготвувам за патот накај дома, а по одредено време веќе сум во мојата удобна чоколадно кафеава софа и одмарам.

Сигурно на секој му се познати деновите кога колку и сè да изгледало просто пред тоа, кога некоја информација впечатливо ќе се испроцесира до нашите мозочни комори, сакале или не, биосигналите имаат силна магнитуда. Тоа беше еден таков ден. Татко ми од навика го пушти телевизорот, вести, секако, а таму веста за корона вирусот кај нас, во Македонија. Не бевме тотално незапознаени. Секако, слушавме за случувањата во другите земји, на Интернет и телевизијата гледавме каква е ситуацијата во Кина, луѓе кои одат на улица и оддеднаш се струполуваат на земјата, проследено со информации за затворени училишта, продавници, насекаде лица со маски. Не насетувајќи, дури не пројавивме никаков интерес, се додека не сфативме дека тој товар и ние ќе го почувствуваме на нашиот грб.

Тогаш го слушнав зборот рестрикции, но никогаш претходно немал толкаво влијание врз мене, а овој пат морници ми го полазија телото. И сè така добро спакувано и презентирано како за едно издание на вестите, се кажува како се планира затворање на училиштата, рестораните, кафулињата, границите, а во исто време и забрани за групирање. И тука со брзина на светлината ми минуваат низ глава мислите, а како ќе играме фудбал, па мојот роденден е наскоро, роден сум на празникот Младенци, првиот ден од пролетта, тоа е наскоро. Мојата сестра е матурантка оваа година, уште одамна и стои подготвен црвениот свилен фустан, купен специјално за таа пригода. Со нетрпение сите го чекавме тој ден да славиме со поширокото семејство, а сега како ќе прославиме? Како ќе се оди на одмор летово, на море, како ќе се среќаваме со моите соученици,…многубројни мисли минуваа низ нашите глави, наместо да погледнеме со широко отворени очи во реалноста и да се запрашаме како ќе го зачуваме нашето физичко и ментално здравје во епохата која ни претстои.

Тогаш сè запре. За момент како целокупниот електрицитет и било каков вид на енергија да исчезна од Земјата. Како сета сила на универзумот да се пренасочи кон една точка, а сè друго се заледи. И ни пулсираше во глава забраната за собир на повеќе од четири лица, па како е тоа возможно? Како на човек може да му се одземе природниот инстинкт да припаѓа и да се чувствува прифатен од одредена група, социјалниот момент кој е основен за секое живо суштество. Сепак размислував и си кажав сам на себе, дај да ја согледам позитивната страна од новонастанатата ситуација која е глобален предизвик за сите.

Беше тоа време на промена, кое навистина ни плесна шлаканица, но и ни пружи огромен простор за размислување, како супституција на сето она што ни беше претходно достапно, а сега навидум исчезна, ни се отворија можности за нови навики во секојдневието. Ни самите не бевме свесни дека тоа не беше рестрикција, туку добивме огромна слобода, која иако порано беше присутна, не ја ценевме доволно, а сега сите започнаа да и придаваат повисока цена и значење. Ги гледав луѓето, почнуваа да спортуваат, да излегуваат во природа, пикници секој ден, нови нешта… Каде е злото или штетата во тоа?

На почеток, сите ние потсвесно ја направивме толку вознемирувачка целата ситуација, бевме уплашени и првпат се соочувавме со стравот од неизвесноста. Важното тука е како јаc се соочив со сето бреме. Која сила влијаеше на мене, ученик во основно училиште, за да ме придвижи, правејќи споредба со Првиот Њутнов закон, едно тело или материјална точка ќе остане во состојба на мирување се додека некоја надворешна сила не му ја промени положбата. Тоа беше свеста, како најважна особина која нè прави различни од нашите предци кои останаа во џунглите. Свеста дека сам сум одговорен за своите акции и дела, дека јас си ја креирам својата иднина и успех, свеста дека екстра времето кое ми стоеше на располагање можам да го искористам за да бидам уште подобар на многу полиња.

Луѓето кои толку се жалеа дека сè им е одземено, наместо на најсмирен начин да се израдуваат на промената, не ги разбирав. Не ми беа пријатни. Сè што беше дозволено, согласно со тогашните протоколи, го прифаќаа како досадно, а состојбата ја категоризираа како безнадежна и очајна. Спротивно од нив, ме радуваа и ги почитував поединците кои досадата ја земаа за поттик, двигател за остварување успех во секојдневието и реализација на нов ментален склоп.

Се будев секое утро со афинитет за некои обични активности, кои за нас помалите, понеискусните, креираат целокупен нов свет. Бев благодарен за времето кое можев да го поминам со најблиските и најсаканите, мајка ми и татко ми, сестра ми, со бабата и дедото, бев среќен кога сите бевме безбедни во нашиот топол дом. За моите тогашни тринаесет години, никогаш не сум имал повеќе моменти кога моето семејство е сплотено, заедно на ручек, каде што можеме комотно да разговараме и јас и сестра ми. Си ги организирав деновите по сопствени интереси, во координација со електронската настава, настојував сè да биде исполнето до максимум со задоволство, а си издвоив и време за другарување со моите соученици. Се разбира ова дружење не може да се спореди со секојдневното одење и враќање од училиштето, со сите наши згоди и незгоди, но сепак реалноста беше таа. Недостасуваа драгите ликови на нашите професори, особено нашата класна раководителка, но вака станавме уште поблиски, посилни. Си ги разменувавме училишните материјали и искуства, се подржувавме и придонесовме времето и трудот да не бидат залудни. Ја истуркавме успешно училишната година.

Сфатив дека колку и да сме во искушение, во една ваква непредвидлива ситуација во која сме немоќни да делуваме, сепак ние луѓето имаме механизам и нашето тело работи на тој механизам. Ако правилно знаеме каква доза на информации да внесеме и што е клучот на среќата имаме голем процент за успех. Сè лежи во тоа колку ние самите ќе ја преземеме контролата, не дозволувајќи на инстинктивните реакции и старите навики да не одведат на спротивната страна, далеку од доброто. Ако се будиме со позитивна мисла нашето тело и нашиот дух, даваат соодветен одговор на секоја ваква прилика. Тоа е она што мене ме движи, тоа што не ме остава да стојам кога сè стои. Ако немаме внатрешна светлина, колку и да ја обвинуваме сивата надворешност на средината, додека сами не се поправиме и не го исфрлиме немирот од нас, самите сме си стоп за себе.

 

Мислам дека многумина прашањето на темата би го насочиле само кон семејството, кон дружбите со блиските и друштвото, или пак технологијата која во голема мера ни го превзема сето опкружување. Не би ги исклучил од релевантните, но главното сепак за мене беше моето размислување, мојата духовна сила дека повторно ќе биде сè во ред. Зарем најдоминантните работи не се оние кои нè придвижуваат и ни даваат енергија за да копнееме по нешто?

Овој септември училишното ѕвонче не заѕвони за сите нас, поголемиот дел сè уште сме на електронска настава, но барем се надевам пролетта работите ќе бидата поинакви. Повторно ќе седнеме во училишните клупи повозрасни за некоја година и побогати со едно животно искуство за кое ќе раскажуваме на генерациите по нас, како што и моите дома ми раскажуваа за некои ,,историски моменти” кои ги доживеале во својот живот или како што ме подучуваше мојата баба, дека сè е за човекот, како доаѓа, лошото или злото,така и проаѓа. Треба да бидеме одговорни, вината секогаш да не ја бараме во другите, туку да почнеме од самите себе. Многу работи ќе ги гледаме со нова, продлабочена димензија и перспектива од порано бидејќи овие моменти се наравоученија да продолжиме да се бориме.

 

 

 

 

+14