[Литература] Јана Дамчевска – VIII одд.
Што ме движи додека сè стои
Милји
Часовникот отчукува дванаесет, небото е темно, толку облаци има што ѕвездите не можат да го дофатат мојот поглед, а и да ги немаше нив, не ќе можев да ги видам поради зградите кои ми го попречуваат видикот. Седам на столот, гледајќи безброј листови на масата, почнати и недовршени. Се шетам со очите меѓу многуте редови од реченици на македонски, англиски, германски, меѓу проблемите по математика, физика, и хемија, нотите на листовите по музичко, и темперните бои на блокот по ликовно. Како што сечиј глас ми влегува од едно уво и излегува од друго така и со обврските, ги гледам, но не можат да ме дофатат, да ми го зграпчат вниманието, па си одат. Тивка музика во ушите ми потпевнува, изморена, не можам да разликувам дали само ја замислувам или навистина е таму. Погледнувам кон календарот, секој ден зафатен, понеделник курсеви по јазици, вторник часови по музичко, среда спортови, четврток дополнителна настава, петок повеќе материјал за учење, викенд натпревари и сè се повторува, секоја недела без одмор и престан. Нешто во мене ме боди, ми го пецка секој орган во телото. Почнува да игра во стомакот, се движи кон белите дробови и ги стиска, срцето почнува брзо да се движи, воздухот го вдишувам и издишувам брзо, се потам. Стресот победува, ме обзема. Поминува минута, две, главата ми е како зграда полна со луѓе на сред евакуација. Пополека се смирувам. Ја потпирам главата на рацете, се дистанцирам од сите околности. Пред мене се појавува море со неколку патишта, насоки, слики, приказни, опции, можности, а јас капетанот на бродот. Пред да дадам знак на каде да свртат морнарите, јас тонам во нови мисли, бранови, брегови. Се гледам самата себе, обзервирам. Гледам некоја нова верзија од мене, седи на истото столче во кое што седев јас пред моменти. Сè околу неа е уредно, листовите распоредени во едно купче, завршени, таа го пишува последниот. Чист и читлив ракопис навезен на страниците, ги прелистувам, и сè е точно, ниту мала грешка нема. Вртам во круг, набљудувам. Сè е на свое место, ако можев да барам со векови немаше да најдам никаков прекршок во редот. Колку и да е безгрешно, не се чуствувам дека тоа е точно, право. Се вртам кон неа, сè запира. Косата и е кратка, но и го покрива лицето, ја потргнувам. Ја погледнувам и ми текнува, како милион заборавени моменти додадени во меморија. Дала сè за да стигне до тука, колку и да мислат другите дека и е лесно. Замрзната во рамка од слика ми дошепнува: „Жртвував на човек се што му е драго, стигнав до тука, сама, без никаква помош, и така продолжувам. Сакаш да ти покажам што ќе се случи?“ Навистина не сакав, сакав да се вратам во реалноста и продолжам со учење, но пред да одговорам таа ме понесе со неа години понатаму. Личност која не можев да ја препознаам. Долга коса која и го кити ненасмевнатото лице додека држи важни документи во рацете, а некои луѓе позади неа дошепнувајќи се позади нејзиниот грб. Го забележа, ја почуствував нејзината лутина, но ја притисна некаде длабоко внатре со другите одложени. Тоа бев јас. Јас без насмевка кога другите зборуваа, осмеваа за мене. Некое чусвто во мене веќе го разбра тоа и продолжи понатаму, но јас самата не. Не знаев што да мислам, дали тоа е битно или не. Како може да се спасам од таква судбина, а сепак да го добијам тој успех? Мислите ме напаѓаа, но заминаа и оставија мала трага, сенка. Се вратив пак во собата, која сега беше поразлична, доста поразлична. Мали светилки обесени на вратите, растенија кај прозорите, мали сликички кои ја пополнуваат белината на ѕидовите. Таа таму седеше, на столот со три пара фармерки и четири маици врз него. Личеше различно, но ми се допаѓаше, сегогаш сум сакала да личам така. Кафеава коса до раменици со неколку прамени обоени во сино, фатена во плетенки. Црвени образи покриени со пеѓи и една нацртана ѕвезда на страните од очите. Сребрен фустан до колена и шарени чорапи кои се совпаѓаа со облеката само ако долго ги гледаш. Исто како предходниот брег, двесте километри во место поназад, се беше заробено во еден момент, слика сликана со фотоапарат. Но се слушаа звуци, секоја мелодија за пристигната порака, ги имаше на број. Не и сметаше, беа од различни луѓе, пријатели за различни работи, дружби. Толку бев занесена во драстичната промена, што за малку ќе ги пропуштев неколкуте четворки, тројки на домашните, тестовите, недоволното посветено внимание на работата која ја направи насмевката на моето лице да падне и да ги собере веѓите. „Вреди ли?“- ми шепна во другото уво со различен глас доволно да го израмни бездушниот притисок меѓу двете страни-„Вреди ли да се предаде трудот за забава и бесконечно пријателство.“ Погледот ми беше заматен, ама подоцна сфатив дека е само чадот што го пуштиле на забавата. Сите скокаа во ритамот на музиката и ги надгласуваа звучниците со нивното пеење. Кратко минување, туркање низ луѓето од бучната толпа, и ја видов. Играше на песната како да нема утре, но дома ја чекаат многу одложени обврски за кои таа не се грижеше сега. Можеби и јас ќе ја почуствував нејзината еуфорија ако ја немав таа брана окулу мене што ги одбиваше сите емоции, бранови, изградена од втори мисли и двоумења. „Одиме на југ!“- довикнаа морнарите од негој дел позади кај мозокот, но јас мислев на едно, ‘Како може да се спасам од таква судбина, а сепак да го добијам тоа пријателство?’ Без да потврдам или не, се најов до столот, како предходните два пати, но таа не беше таму, туку скриена под ќебето на нејзиниот кревет. Собата и беше неуредна, листови, облеки, книги, храна на секаде. Знаев како ќе личи, не сакав да ја видам. Се досетив, „Се отиде кон југ“, таа фраза, таа фраза што ја употребија морнарите, што ја употребуваат старците од клупите во паркот кога зборуваат за нешто што не е во ред. Не сакав да видам што ќе се случи, истрчав на палубата и сама го свртив бродот, додека една реченица ми се вртеше низ глава. ‘Како да ја избеднам оваа судбина на секој можен начин?’ Сакав да завртам, да дојдам, да одпатувам илјада километри подалеку, на местото каде што сите сништа се исполнуваат за да сретнам само туѓи, темно кафеави очи. Јас, јас седев наспроти самата себе. Не се гледав во огледало, го почувствував тоа, знаев, се препознав кога почна да ми зборува и не ми даде да изустам ниту збор. “Виде како може да биде. Девојче кое ќе порасне да ја вреднува работата пред сè, без да знае кога да престане; Една која ќе има многу пријатели и ќе го забрави и остави нејзиниот потенцијал позади себе; Или, таа која што никој не сака и пожелува да биде, таа што ќе се откаже од сè за ништо што вреди. Тоа не е сè што можеш да станеш, не. Тоа е сè што мислиш дека можеш да станеш, но во реалноста, можеш сè да измениш. Животот е суров велат сите, но дали тоа е навистина така? Не велам дека секогаш ќе биде убав и фер, но можеш да се потрудиш така да го направиш. Нема да успееш да го смениш светот, но ќе успееш да си го спасиш твојот мал, скапоцен живот. Сè почнува од сега, без разлика дали ти веруваш или не. Не значат многу работите сега што ќе ги направиш, да, ама сепак се вреднуваат“. Заврши. Го заборавив изгледот на секоја слика, го запамтив чуството, а ако се потрудев пак гледав само црно и ја доживував таа позната недоживеана, почуствувана среќа, тага, успех, задоволство, самостојност, незадоволство, независност, измешана во еден сад, која ме водеше како единствена светилка во темна бескрајна улица со неочекуван крај. Седам на столот, еден минута по дванаесет часот отчукува, а јас патувам, патувам со години и милји додека сè стои во место.