[Литература] Беќири Денил – IX одд.

,,Што ме движи кога сѐ стои‘‘

Планината како алтернатива да се избега од монотоното секојдневие.

 

Една личност родена во место со многу народи, растен во околина со многу култури, меѓу луѓе со различни лица, сака со вас да ја сподели реалноста. Сите ние сме различни како годишните времиња со вредности кои во животот ги учиме. Сите сме родени чисти, невини, со очи како капка роса. Животот сме го зграпчиле со двете раце, подкрепени од надежта, љубовта и среќата. Но, што се случува кога еден момент, еден настан, една трагедија ќе помогне побрзо да се дојде до крајот? Се распаѓа нечиј живот а нечии раце остануваат сосем празни. Некој глас во мене постојано ми вели да и помогнам на личноста до мене, без да ја гледам разликата во бојата, верата и возраста. Различни во обичаи, култури, верувања т.е религии. Народ сме, и сите сме специфични на свој начин. Но, што се случува кога таа разлика веќе пред нас се претвара во ѕид. Ѕид на непочитување, малтретирање, исполнет со нечија амбиција да се уништи туѓото и заборавање на основните движечки вредности. Познато е дека луѓето се прилагодуваат и се обликуваат кон она што го посакуваат. Малите подвизи нѐ прават спремни за остварување на уште поголеми подвизи. Првиот чекор до саканата цел е да направиме јасна ментална визија на саканиот резултат. Треба длабоко да размислиме кои се нашите желби, нашите соништа, нашите цели во животот, да ја запознаеме сопствената сила и предност па и својата слабост. Да ги отстраниме негативните навики и мисли како несакани гости. Доколку со голема и силна страст посакуваме нешто и целиме кон истото, тоа претставува поттик и движечка сила на нашите соништа. Само на тој начин ќе ја земеме контролата над својот живот, а животот ќе ни биде исполнет со радост, задоволство и позитивна енергија. Според мојот начин на размислување, вистинска цел е да бидеме трајно исполнети со убави чувства. Треба да сфатиме дека секој еден ден од животот ни е подарок од судбината и треба да живееме со нескротлива радост. Но, за сето ова да го оствариме треба секојдневно да работимe на усовршување на себе си. Треба да веруваме во себе бидејќи, единствените граници на нашите способности се тие, кои самите си ги наметнуваме.

Во мојата соба, во десниот агол до прозорецот има мало, сино радио. Радио кое ми значело многу и со него сум поминуал и поминувам многу време на размислување. Музиката ми дава мотивација да размислувам за мене, за тебе, за нас, за нашиот живот. Сѐ до оној момент кога музиката престана, а од радиото почнаа да излегуваат вести немирни како море пред бура. Во тие моменти кога бев исполенет со среќа во мене се појави тага, бес, очај. Во мене се појави анксиозност, страв за иднината и милион прашања што ќе се случи ако ова продолжи вака? Неприфаќањето на ситуацијата станува се поголем проблем на денешницава. Ми се чини како да живееме во некој ,,ретро стил‘‘, втурнати во историчноста и опкружени со спомените, а помалку или воопшто не сме свртени кон иднината. Зарем ништо друго не преостанува и зар несигурната земја под нозете и минатото ги сакаме повеќе од иднината? Но, како сето ова да го оствариме и како да го реализираме во едно вакво време кога целиот свет е ставен на ,,пауза’’ и нашите можности за духовен и културен развиток се со ограничен капацитет. Време во кое тешко може да се оствари тоа што погоре го наброив. Сепак, како што кажав, сѐ зависи од нас и ние сме тие коишто треба да направиме една јасна перцепција и план за наш напредок, па и во едно вакво време

Мрзливо се разбудив наредниот ден бидејќи беше многу рано пред зори. Ранецот и планинарската облека ми беа спремни од вечерта. Моите другари ме наговорија да одиме во планина. Сѐ уште уште беше темно кога тргнавме. Ништо не ми наговестуваше дека тој ден ќе ми биде најчудесниот до сега и дека ќе ми го промени погледот кон светот и моите дотогашни сфаќања. Дента првпат излегов од својот комфорен, удобен свет од мојата детска соба преполна со компјутери, смартфони, гејмерски уреди и разна слична технологија наменета за губење на драгоценото време, за затупување на мозокот и мускулите. Бев дете на новата ера кое живееше во виртуелниот свет, далеку од реалноста. Додека се искачувавме по стрмните патеки, пурпурната светлина на исток стануваше сѐ појасна. Првпат со љубопитност се загледав во убавината на изгрејсонцето. Првите златни зраци ги распараа контурите на источната планина. Мајската роса распослана по ливадите светкаше како дијамантна прашина расфрлана рамномерно во широчините. Чудесни бои наеднаш ги исполнија падините, ритчињата, ливадите. Волшебен спектар на бои на кој и виножитото може да му позавиди. Започна будењето на прекрасната природа со нежното црцорење на птиците. Од далечината се слушаше таинствениот звук на кукавицата а исто така и славејчињата го разубавија доживувањето со божествени мелодии. Првпат ја забележав убавината на јагликите, синоличките, темјанушките и на разните шаренолики цвеќиња. Безброј пеперутки со разни шари играа чудесен валцер насекаде околу нас. Уживав во топлото развигорче кое ги нишкаше штотуку зацутените гранки на таинствените големи шуми околу нас. Кога пристигнавме во рамницата на планината, наидовме на мало стадо срни кои безгрижно си пасеа од чистата животворна, свежа трева. Во еден миг, раштркано се разбегаа во густата шума бидејќи го насетија нашето присуство. Првпат во животот се наоѓав на толку убаво, волшебно место. Чудесен, бајковит, шаренолик свет. Многу поубав од лажниот, виртуелниот. Во тие мигови планината се припојуваше кон моето срце. Самата глетка ми пробуди некои длабоко скриени, величествени, чисти чувства. Заборавив на уморот на нозете. Ја изгубив ориентацијата за простор и време и едноставно уживав во прекрасниот мистичен пејзаж. Кога со сласт се изнапив најсвежа, студена вода од бистрите кладенци, почувствував како да се соединив со маѓепсната убавина на Голема Планина. Конечно се искачивме на највисокиот врв. Белината на сѐ уште не растопениот снег по вдлабнатите кривулести корита на поточињата, даваше восхитувачки отсјај. Сафирно синото небо, опојниот свеж возух на чистиот планински воздух, тиркизната блескавост на зелените пространства направија да се почувствувам како птица. Од тој миг јас и планината сме неразделни. Нејзината убавина ја засакав повеќе од сѐ на светот. Дури сега ги сфаќам приказните, легендите и преданијата на старите луѓе кои со стравопочит говореа за мистериозната моќ на планината.

До не така одамна, по овие пространства паселе безброј стада добиток. Селото го красело убаво развиеното сточарство и поледелство благодарение на планината. Нејзината чудотворност се чувствуваше во етерот. Сфатив дека природата е премногу дарежлива кон нас, а ние, не само што не ја почитуваме туку и ја уништуваме. Сѐ во природата има сопствена хармонија и причина за своето постоење. И растенијата и животните живеат во чудесна нераскинлива симбиоза. Со секоја тревна површина која ја претвараме во бетон го уништуваме домот и храната на сите инсекти а и на пчелите кои се клучен фактор за опрашување на сите цветови и растенија без кои не би имало живот. Со секое исечено дрво се уништува домот на безброј птици кои свиваат гнезда во крошните. Ги сфаќам и ги замислувам луѓето кои воделе крвави битки за планината во древните времиња. До ден денес се паметат зборовите на старите селани кои кажувале дека, до последна капка крв ќе се борат ама планината нема да ја дадат. Ги замислувам и луѓето кои секојдневно тука живееле, како ја косат тревата, стадата кои ги пасат, деца кои палаво си играат по ливадите, девојки кои прават букети од прекрасните планински цвеќиња, песната на сточарите, древните приказни на старите луѓе…. Планината создава, мотивира. Треба да сме силни како неа. Храбро да се бориме со животните проблеми и да не дозволиме да ни го скршат духот. Да создаваме и да не чекаме да не фалат. Да помагаме и да не чекаме благодарност.

Не барај одобрување за своите ставови бидејќи сам си ги оформил и си одвоил од своето драгоцено време и скапо платено искуство. Почитувај го времето и користи го бидејќи неповратно се губи во циклонот на заборавот. Планината ме ослободи од монотониот вештачки свет кој лажно се движи а всушност тапка во место. Во својот живот личноста бидува, постои и без престан зема нови ликови, се стреми кон она што се уште не било – кон иднината. Но, штом во еден миг ќе ја достигне, едновремено ја претставува сегашноста и ја остава во минатото. Град без ѕидишта е рајот на земјата. Човекот постојано се труди да изгради, зачува и постигне нешто во животот., во своето опшество, во својот универзум. Нема потреба од пролеани солзи и омраза туку од љубов и разбирање. Нека музиката не е единственото убаво нешто што ќе се слуша од мооето радио и нека планината биде мотив за дополнителна среќа. Никогаш да не се предадеме и дланките секогаш да ни се споени. Со зимата да не го почувствуваме и студот.

 

 

+79