[Литература] Марија Деркоска – I година
Што ме движи кога сè стои?
Минатата година секој од нас беше соочен со многу новитети, изненадувачки и доста чудни. Ни беа претставени наеднаш, без никакво предупредување и ни беше препорачано да се навикнеме брзо, за наше добро и за доброто на сите околу нас. Нови правила кои нѐ оддалечија, но и зближија исто така, нѐ натераа по долго време да ги погледнеме и другите и за момент да заборавиме да се грижиме само за себе. И можеби така, губејќи ги за кратко, конечно научивме повеќе да ги цениме сите убавини кои ни ги нуди животот.
Светот застана, но животот и понатаму продолжи по својот тек. Надежта дека еден ден повторно сè ќе биде како порано, дека малите деца ќе можат повторно да ги прегрнат своите баби и дедовци без да се плашат дека ќе го стават во опасност нивното здравје, дека ќе излеземе надвор без да се прашуваме дали сме ја зеле заштитната маска или не, сите тие се ѕвезди – водилки кои нѐ движат и понатаму. Можеби сето ова на некој начин нѐ примора да се оддалечиме еден од друг, но со надеж дека така сѐ ќе се врати во нормала многу побрзо. И додека од една страна целата ситуација нѐ натера да живееме на растојание еден од друг, истовремено успеа да не зближи со нашите блиски. Успеа да не натера да се запрашаме пред колку време бил нашиот последен заеднички оброк со семејството или пак кога последно сме биле заедно со некоја наша сакана личност во кино. Успеа да нѐ натера да сфатиме дека таквите мали моменти, на кои ние не обрнуваме големо внимание, се во суштина главните мотиви кои не движат напред. Успеа да ни овозможи за првпат по долг период да имаме можност да читаме книга и читајќи да изгубиме ориентација за времето, да се посветиме на заеднички активности со саканите без да се грижиме за други обврски, дури и ни даде премногу слободно време.
Кога некој би ме прашал дали гледам нешто позитивно во целава оваа ситуација, би му кажала да. И потоа би му раскажала за моментот кога едно попладне, стоејќи на тераса, уживав во гласната тишина. Градот беше стивнал поради рестриктивните мерки, а единствените звуци кои допираа до моите уши беа песните на птиците, веењето на лисјата од дрвјата заради пролетниот ветар и мирот. Тогаш, за првпат почувствував како тишината беше погласна од сите нас, беше погласна од самото постоење на луѓето.
Друга позитивна работа според мене е тоа што конечно им дадовме шанса на природните убавини во нашата татковина, кои долго време ги игнориравме, сакајќи да истражиме други места низ целиот свет. Со тоа, имавме можност да запознаеме досега неоткриени природни убавини и прекрасни места ширум нашата држава, кои цело време ни биле пред очи. Воодушевувачки погледи, раззеленети планини и расцветани ливади, езера со небесно сина боја и богат подводен свет, еден куп ендемизми за кои и можеби не се грижиме доволно и уште многу други природни богатства за кои треба да сме благодарни. И сето тоа цело време ни било понудено на дланка, меѓутоа ние не сме биле свесни за тоа.
Можеби сите случувања го ограничија нашето движење, но ненамерно нѐ натераа да направиме едно огромно добро дело. Несвесно да ѝ помогнеме на нашата планета да се регенерира. Најголем доказ за тоа беше што минатата година за првпат по толку долго време имавме прилика да ги видиме врвовите на Хималаите. И сето тоа се должеше на намалената загаденост на воздухот. Со намалено користење на автомобилите, фабриките и другите главни причинители на загаденоста, и тоа било возможно. Ние, луѓето, сѐ уште не сме целосно свесни колку важна работа е тоа за планетата Земја. Сепак, не е само за нашата планета, туку и за самите нас.
И можеби секој од нас го движат различни работи, го мотивираат и инспирираат различни причини, но едно е заедничко за сите. Надежта дека за кратко време се ќе биде како порано. Дека за кратко време училишните ходници повторно ќе бидат исполнети со детскиот џагор, дека во лето повторно ќе уживаме покрај море за време на топлите летни денови, дека повторно ќе можеме да го прегрнеме пријателот кој долго време не сме го виделе и уште многу други работи кои ситуацијата привремено ни ги оневозможи. Надежта, љубовта, грижата за другите, сите тие се оние кои нѐ движат понатаму, кои го движат светот понатаму.