[Литература] Андреј Бубалов – II година

Што ме движи кога сè стои

 

Веќе цела година живееме во време – невреме, кога целиот свет се бори против невидливиот непријател – коронавирусот. Ништо не е нормално, ништо не е исто како порано. Целосно е променет начинот на живот, а тоа многу влијае на нашите чувства, нашето размислување и на тоа што не движи и мотивира. Станува сѐ потешко да се има желба и волја за да се движиме напред кон остварување на своите цели. Во овие тешки времиња потребно е да ги пронајдеме вистиските двигатели во животот. Притоа, главен предизвик за секој од нас е да не ги изгубиме надежта и желбата што нè движат кон нашите соништа. Но, од каде ја црпиме таа енергија што нè движи напред кога сè околу нас стои во место? Дали секој од нас е силен и способен да се спротистави на ова невреме и да продолжи да се движи? И најпосле, што е тоа што ме движи мене? Кои се тие двигатели?

Пандемијата сосема го промени начинот на нашите животи. Училиштата се затворени за часови со физичко присуство и се учи од далечина. Маските, одржувањето на физичка дистанца и дезинфекционите средства станаа наше секојдневие. Во моите јакни не постои џеб во кој нема да се најде средство за дезинфекција и резервна маска. Одамна во градот не сум вдишал воздух, а без притоа да не носам маска. Всушност, јас во градот одам и многу ретко. Еве, да се обидам да избројам.. Неверојатно! Па јас од мај минатата година во својот дом во градот имам поминато само десетина дена! Веќе цела година сум во викендичката во Маврово и од тука ја следам училишната настава. Тука ги поминав и летниот и зимскиот распуст. Моите родители адаптираа простор за моето учење и воведоа приклучок за интернет. Се обидуваме сè да изгледа нормално. Но не е така. Ја нема насмевката на лицето на мајка ми. Татко ми е во градот и ретко го гледам. Се плашам да избројам колку време го немам видено без маска, бидејќи секој ден оди на работа и е постојано изложен на ризик од можна зараза. Секако дека оваа состојба влијае на менталното здравје. Животот не е веќе безгрижен. Секој ден во исчекување на бројот на заразени, на смртните случаи, на трендот на пандемијата. Прв, па втор, па трет бран. Па до кога ќе биде вака? Борба за вакцини, различни искуства, нови мутации, поразителни резултати. Па не само што сѐ околу нас стои, туку сметам дека оди и надолу. Пандемијата влијае и на бездруго кревката економија. Здравствениот систем е пред колапс, здравствените работници се видно изморени од борбата со вирусот, а луѓето со други болести се ставени во втор план. Пандемијата одзеде голем број животи на луѓето околу нас. Нѐ подели на оние што се грижат за себе и за тие околу нив, и на непослушни што се дружат во кафулиња. Во ова време кога сѐ е извртено и различно од претходно, но до израз треба да дојдат човечките вредности пред сѐ. Треба да го пронајдеме она што ќе не поттикне да издржиме и да продолжиме напред и во вакво тешко време. Треба секој од нас да ги пронајде своите двигатели.

Но, што е тоа што ме одржува позитивен сето ова време? Што е тоа што ми дава енергија, надеж и желба без колебање да продолжам во остварување на своите цели? Што е тоа што ми дава сила да не потклекнам под меланхолијата и лошото расположение? Признавам дека никогаш порано не сум претпоставил и не сум забележал колку е всушност моќна и колку влијае на мене. Да, тоа е природата! Таа е мојот двигател. Во неа уживам за време на моите секојдневни прошетки. Со нив започнав сосема спонтано, без многу размислување, од самата потреба да се раздвижам после училишните часови. Малку по малку, овие прошетки станаа дел од моето секојдневие. Учев како да ја восприемам природата. Почнав да ја доживувам на сосема друг начин, да ја гледам со други очи. Наеднаш синото небо на кое претходно не му обрнував внимание почна да ми предизвикува чувства на восхит. Ми ја поттикнуваше желбата да издржам во своите замисли и ми даваше енергија да ги остварам своите цели. Исто и езерото. Прекрасно е и кога е мирно и кога околните планини се огледуваат во него, и кога е разбрането и кога ја покажува својата живост. Но најмногу од сè ме исполнуваат прошетките по сртот над реката Радика. Според мене, токму таму е најубавата природа во Македонија. Снежните врвови на Кораб во далечината што непокорно пркосат на сè, ми даваат пример и јас да му пркосам на ова време. Нескротливоста на реката Радика и нејзината живост ми дава надеж и мотив и јас да се движам напред и само напред. Да не дозволам ова невреме да ме скроти и да ми ги сосече крилјата. Во сите годишни времиња, со сета своја убавина, природата ми дава сила да одам понатаму. Да пркосам, како што пркоси и таа. Да истраам како што таа секогаш истрајувала.

Покрај прошетките во природа, би сакал да посочам уште една важна работа што ме поттикнува да се движам напред. Бездруго влијае на мене, но и на сите нас Македонци. Тоа се успесите на нашите спортисти кои покажаа дека и покрај тоа што сме мали на географската карта, сепак сме големи во спортот. Докажаа дека некој што е можеби мал, со истрајност и многу труд може да постигне големи нешта. Овие успеси ме прават горд Македонец затоа што и во вакви тешки услови Македонија има спортски амбасадори кои достојно ја претставуваат низ светот. Ваквите успеси ме мотивираат и ми даваат сила и желба да бидам истраен во исполнување на своите задачи. Се трудам да бидам како нив во учењето и да покажам дека ништо не може да ме спречи во желбата за знаење и во упорноста да ги постигнам поставените цели. Секако, тоа го поттикнуваат и професорите кои постојано ме мотивираат да учам. Со својот пример што го даваат преку целосната посветеност да го ни го пренесат своето знаење, ме охрабруваат и јас да бидам доследен во остварувањето на своите цели.

Сепак, најголемата мотивација во овие тешки времиња ја добивам кога ја гледам упорноста и пожртвуваноста на медицинскиот персонал. Со својата издржливост тие се нашата најголема инспирација. Работејќи по цели денови, облечени во скафандери, со маска и визир на лицето, во услови што досега сме ги гледале само во апокалиптичните филмови, тие се хероите на ова време. Исправени и упорни во борбата против невидливиот непријател, тие не потклекнуваат ниту пред исцрпеноста, ниту пред притисокот, ниту пред страдањата што ги гледаат околу себе. Секако дека сочувствуваат со болката што ја гледаат наоколу, но смело чекорат напред, со надеж и желба да спасат што повеќе човечки животи. Не знаат ниту за одмор, ниту пак можат да се посветат на своите семејства. Се борат само за една највисока цел, дека човечкиот живот е најважен од сѐ! Храбро се соочуваат со опасниот непријател, со кој секојдневно се опкружени, и притоа тие ги ризикуаат своите животи, за да ги спасат туѓите. Покрај нив, ме инспирираат и научниците кои изминатава година деноноќно и макотрпно работеа за да ја создадат вакцината која ќе нѐ спаси од ова зло. Сите тие заедно, и лекарите и научниците, со својата истрајност, благородност и посветеност ми даваат поттик да истраам и да не запрам запаѓајќи во безнадежност. Ме поттикнуваат да се движам напред во ваква тешка ситуација, да ги оттргнам мрачните мисли од секојдневието, неизвесноста и стравот. Ми влеваат надеж дека следниот ден ќе биде подобар и дека наскоро од сето ова ќе остане само еден лош спомен.

На крај, секој од нас мора да најде нешто што ќе го оттргне од меланхолијата на денешницата, ќе го инспирира и ќе му даде поттик да продолжи напред по својот пат. Кога нешто го разнишува нашиот живот, соочени со тешки ситуации како сегашната, надежта е таа што нѐ движи напред. Без да ги затвораме очите пред проблемите и реалноста, треба да ги најдеме нашите двигатели што ќе нѐ придвижат напред. Јас успеав да го пронајдам тоа што ме движи. Тоа се моќта, грандиозноста и непокорливоста на природата. Нејзината убавина што ме исполнува за време на прошетките ми дава енергија да бидам силен пред предизвиците на новото време. Тука се и успесите на нашите спортисти и радоста што ја предизвикуваат во моето срце. Но нема поголем двигател на човековото постоење од надежта. Таа надеж ми ја влеваат здравствените работници и научниците кои давваат сѐ од себе за да се избориме со ова зло. Исполнет со надеж, јас сум подговен да ги надминам сите предизвици во животот и да продолжам да се движам напред и само напред.

 

 

+4