[Литература] Станиша Станковиќ – IV година

Што ме движи кога се стои?

Започнувам со мислата: „А што би било, кога иако стои се, да застанам и јас“ – можеби токму ова ме мотивира, поттикнува и ми дава „сила“ во грб да се обидувам, пробувам и на крај конечно, нe да успеам, туку константно да бидам меѓу врвовите.

Па, ајде да се запознаеме. Јас сум Станиша, ученик, воедно и Претседател на средношколската заедница во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ во Битола. Истовремено и радио-водител на средношколската емисија „А што велат младите“, поддржана од Радио МОФ; Младински Амбасадор за климатски промени преку „Go Green – Биди Зелен“; Младински работник во Центар за Младински Активизам – КРИК; Волонтер во УНИЦЕФ; Иннова Лаб, Интерактив и многу други младински организации. Но, од неодамна и дел од Управниот Одбор на One Can – Youth, организација за унапредување и заштита на правата на деца и млади од самохрани и еднородителски семејства. Се прашувате зошто овие сите мои активности Ви ги набројав и која беше причината за тоа, нели? Причината е едноставна: да бидам волја, надеж и пример на многу деца коишто доаѓаат од самохрани и еднородителки семејства и секојдневно поминуваат низ многу препреки, како од животен, така и од економски и социјален аспект. Токму мене ме движи животната неправда од Бога, дискриминацијата од јавните и државните институции, предрасудите и стереотипите од страна на народот, се вкупно – малата толеранција и тенденцијата на несолидарност.

Прво, можеби и едната, единствената и добрата страна затоа што сум детектиран и засегнат како младинец од самохрано семејство, се состои во тоа што имам храброст да се појавам, да соберам сопствени сили и гласно да излезам и да говорам за малиот број на вистински, а сепак абнормална цифра на историски и длабоко скриени лажни и изманипулирани правди. Државата со години наназад не „успорува“, но за нејзина „одбрана“, таа сепак имам некаква политика и за овие семејства. Но, таа е сосема недоволно развиена и законски мрежно неповрзана. Децата и младите од овие семејства речиси се изоставени од многубројни поволности што треба една држава да ги има, сочинува и тековно да ги унапредува како:

  • Право на бесплатно образование

Почнувам од ова зашто ми создава најтешки емоции. Постојат огромни семејства каде што не можат да ги испратат своите деца во училиште заради тоа што образованието е бесплатно само на хартија, но не и во училиште. Можете да забележите како мали деца се наоѓаат на листата на чекање на прием во градинка. Самохран родител не може дете од две годишна возраст да го остави на милост и на немилост само дома и да замине на работа, а сепак има огромна потреба од работа, за покривање на основните трошоци за живот.

Следно, проблеми во основното образование, почнувајќи од училишен прибор, облека, ИТ уреди коишто служат за нормално одвивање на наставата, вонучилишни активности како: екскурзија, викенд прошетки, полуматурски прослави и така натаму. Сите овие се трошоци кои Законот на бесплатно образование теоретски не ги опфаќа, практично постојат.

Замислете колку му е тешко на еден родител да не може своето дете да го прати на училишни активности заедно со своите врсници? Јас не можам да Ви опишам, јас не сум родител, но може секој оној којшто го почувствувал на своја кожа. Патем, ќе поставам едно реторичко прашање: „Може ли да се објасни со зборови таа внатрешна емоција?“.

Кога пак мислите дека проблемите веќе завршуваат, почнуваат најголемите финансиски потреби. А што со Факултет и факултетските денови? Студентите од самохраните семејства не се запознаени со правото дека имаат шанса да плаќаат дел од партиципацијата за студирање на студиска програма (иако не е целосно ослободување, сепак претставува олеснителна алатка, но вработените во студентски прашања си молчат за овие понуди – прашајте си!). Понатаму немаат право на бесплатен студенски дом: студентскиот дом сепак се наплаќа половина од редовната цена. Ниту пак на бесплатен студентски оброк, превоз, книги, материјали потреби за на факултет, и во најлош степен, овие студенти земаат најмала стипендија за студирање.

Се извинувам ако заборавив уште нешто да наведам, уште многу што да се кажи и пишува. Мора да се сложиме дека – има „бенефиции“, но тие се сосема мали и незабележителни во однос целокупниот потребен финансиски опстанок за овие категории на граѓани. Можеби додека читавте ќе додадете сопствен коментар како „многу барате“; „потрага по финансиски надомест“, но верувајте секој денар е значаен и добредојден! Северна Македонија, како земја кандидат за влез во Европска Унија, треба да го следи примерот на Европските Скандинавски држави како: Шведска, Финска и Данска. Токму овие држави имаат целосен пристап на бесплатно образование, како и на хартија, така и во пракса. Дозволете им на тие што сакат да се образуваат, истото да им биде достапно и бесплатно!

  • Право на бесплатно здравство

Второ, иако овие деца и младинци се група на граѓани со ограничени парични средства, повторно се изоставени и ги плаќаат основните здравствени услуги), да не зборуваме за секојдневните донации и објави за хуманитарни акции за помош на деца и млади самохрани семејства. Константно се споделуваат банкарски сметки за лекување во домашните приватни клиники и странските земји за овие деца. Државата иако има Фонд за здравствено осигурување, сепак одредени тешки дијагнози речиси и воопшто не се покриваат. Ова како што е проблем на самохраните семејства, така и на сите фамилии во државата. Останува заеднички сите да се бориме за еднакви права и можности, бар ако не повеќе, елементарните и примарните здравствени дејности да се целосно бесплатни со редовни прегледи и консултации.

  • Социјална политика

Трето, речиси скоро сите самохрани и еднородителски семејства се со необезбедено станбено прашање, а социјалните станови и државните објекти под закуп не се распределуваат по транспарентен пат, па некои за жал остануваат и понатаму без решение на овој животен проблем. Тука е и делот на стипендиите, пензиите или друг финансиски надоместок од државата. Институциите немаат посебен износ каде се финансирани овие видови на млади. Во делот на семејна пензија од родител, се изоставуваат членови како на пример деца родени, но во меѓувреме едниот родител починува, а со тоа автоматски не е заведен како дете на починатот родител и нема право на користење на оваа придобивка. Исклучително тука семејна пензија добиваат само деца и млади чии родители биле заведени во извод од матични родени и имаат работен стаж од 12 години. Се друго е надвор од овие правни тематики. Повторно Европски Држави земам за пример, европските граѓани со години живеаат во државни станови особено ако се под социјална заштита, како социјална помош, станбено необезбедени, па дури млади брачни парови,

За крај, овие претставуваат само дел од реалната слика за тоа со какви проблеми се соочуваат самохраните и еднородителските семејства и кои треба да бидат идните заложби на оваа држава, за да им се овозможи безбедна и сигурна иднина! Можеби еден унифициран пристап, се разбира дополнет со членови во зависност од финансиската состојба, материјалните средства или останатите извори на живеење, би бил одличен систем за подобрување на правата на самохраните семејства и надминување на потешкотиите што се соочуваат овие млади, а со тоа и земјата се унапредува кон задржување на младите во својата татковина. Сите финансиски средства се доста значајни, како образовен и детски додаток, стипендија, семејна пензија, социјален стан, социјални-правни и здравствени услуги, додаток за студирање и така натаму. Не е исто кога сте самохран родител со просечна македонска плата или пак со минимална македонска плата. Р.С. Македонија треба да изготви закон којшто ќе биде во институционална корист и на двете страни се со цел мотивирање на овие лица својата иднина да ја креираат и градат тука.

Темата е доста специфична, истовремено и чувствителна. Колку да пишувам е малку, не сум експерт, не сум студент на родови и социјални студии, само сум млада личност од самохрано семејство кој има видено многу, повеќе од потребното, не знам што допрва би следело за да биде пострашно. Како и да е завршувам со силната волја и надеж, борбата за подобро утро и опстанок. Можеби токму овој есеј, колумна, писмо, што и да е некој надлежен ќе го прочита, разбере и ќе изгради нови реформи, но, мене како млада личност, најмногу ќе ме радува кога млад човек од ваков тип на семејство ќе го прочита ова и можеби барем малку ќе ја смени својата сопствена перцепија дека за секого има надеж. „Среќата ги следи најхрабрите – бидете доволно храбри за да бидете подеднакво среќни“. Останете поздравени, насмеани и среќни, но и чувајте се до следниот пат!

 

+58