[Литература] Сара Христовска – VIII одд.

,,Што ме движи кога сè стои ?”

Понекогаш тешко ни е да го издржиме денот и што тој ни носи. Понекогаш сакаме сé да застане, да се откажеме и овој кошмар да заврши, но што е тоа што ме движи дури и кога сé стои, кога сѐ не оди по план. Тоа е надежта! Да! Таа е единственото нешто што мене, но верувам и сите нас, нѐ одржува. Надежта е таа која ме храбри, кога сакам да се откажам, кога сè стои, дури и кога сè е изгубено. Таа е оној тивок глас, кој во мојата глава ми дошепнува и ми вели: „Можеш да го направиш ова!“. Вербата дека сè е можно па дури и невозможното и дека може да се најде светлина во темнината, и тоа на крајот од тунелот.

Во овие тешки времиња, времиња поврзани со пандемијата Ковид-19, сите ние сме постојано преплавени со нашите проблеми, грешки, маки, грижи, стравови, стресови и тага, та само гледаме на лошото и остануваме безнадежни. Сè започна со едно мало непријателче, кое за кусо време стана големо и сите нè изненади. Човештвото се соочи со нешто ново, невидливо, но силно и штетно, кое никој не знае од каде дојде, но последиците кое тоа ги остави и сѐ уште ги остава, за жал, се чувствуваат. Оваа пандемија ни одзема многу работи, многу луѓе останаа без работа, многумина ги изгубија своите животи, нашите планови останаа нереализирани. Сите останавме дома, затворени, со страв за нашата иднина и за тоа што ќе биде следно. И она што навистина ме вознемирува е стравот во човечките очи, кој направи голема оддалеченост кај луѓето и придонесе да се изгуби она што сите нас нè одржува а тоа љубовта, вербата и надежта. И со сите овие нови, ненадејни, брзи промени во начинот на живеење, со затворање по домовите, носење маски, ограничено движење, забрана за одење на училиште, забрана за нормална детска дружба, тешко е да се приспособиме. Секојдневните извештаи за тоа колку се заболени, излечени, но и починати, ни влева некоја несигурност за утрешнината. Промената од еден нормален и безгрижен живот до еден живот полн со нови стриктни граници и нови мерки за начин на живеење, е навистина многу напнат, тежок и збунувачки. И иако затворени дома, проблемите сѐ уште не бегаат, дури и сѐ повеќе се натрупуваат. Проблемите од надворешната околина и нашите индивидуални проблеми со час се зголемуваат и нè тераат да се откажеме, затоа што не успеваме да ги решиме сите одеднаш и на крај остануваме безнадежни. Вистинска, но и голема е борбата да најдеме малку време за себе во оваа трка со времето и често ги забораваме вистинските приоритети во животот. Затворени дома, немаме свест за времето и колку тоа брзо лета, се чувствуваме како да сме затворени во еден затворен круг, каде сѐ се повторува и само чекаме да дојде крајот. Со текот на времето, сите наши товари се собираат на едно место и почнуваат полека, но сигурно да нѐ кршат. Постојано се чувствуваме беспомошно и невредно затоа што мислиме дека не можеме да помогнеме да се направи некаква промена.

И со сѐ што се случува надвор од ѕидовите на нашите домови, невозможно е да се има некакво чувство на надеж или пак да се гледа оптимистички за иднината. Напорно е и голем предизвик е да се замисли иднина, во која работите постојано се менуваат, особено иднина во која работите се секогаш добри, и покрај тоа што гледаме што сѐ се случува околу нас во светот. Особено во оваа ситуација не знаеме што носи иднината и дали некогаш нештата ќе се вратат во ,,нормала”. Забораваме што значи добро и како е да се живее стабилно, се фокусираме само на проблемите, но не и на решенијата. Со поедноставни зборови кажано остануваме без надеж и често се откажуваме од сѐ. Голем е проблемот кога се гледа само на лошо и за жал многумина од нас го имаме.

Но, како што кажав, за секој проблем има решение. Потребно е да гледаме на работите што ни причинуваат задоволство, за секој индивидуално. За мене, она што ми претставува задоволство е кога ќе го погледнам небото и природата и секое мало суштество во неа или кога свирам на моето пијано, но за некој друг изворот на надежта го наоѓа во нешто друго. Но, најважно во сето ова е, да најдеме надеж која иако мислиме дека тотално се изгубила, таа секогаш се крие во нашата глава. Таа чека и тивко, но јасно, ни вели да не се откажуваме!

Како пример за ова може да бидат и личности од нашето минато кои сепак се избориле и ја пронашле својата надеж секогаш кога им било тешко. Нивната надеж ,не дозволила да се откажат и да копнеат за подобра иднина. Значи можеме да заклучиме дека нема секогаш да биде добро, немаме контрола на сите работи и дека има луѓе кои поминале низ многу полоши услови, но се избориле и не дозволиле тагата да преовладува со нив. Нашле надеж во најмалите нешта. Таа надеж ја чувале и ја одржувале за подобра иднина и таа нивна надеж останала со нив сè до нивната смрт.

Затоа треба да научиме да бидеме поцврсти, да не дозволуваме најмалите работи да нè растажуваат и да нè прават безнадежни. А за да бидеме поцврсти, потребно е да се соочуваме со нашите тешкотии. Може да звучи малку глупаво, но да, тоа е патот на созревањето и градењето на надежта во нас за подобро утро! Затоа што како што ги надминуваме тешкотиите, знаеме како да постапуваме во разни ситуации и како да не се откажуваме одеднаш и да останеме истрајни.

И откако ќе се пронајдеме себеси и ќе ја вратиме нашата надеж, проценуваме дека сѐ е минливо и нема сѐ да биде како што замислуваме, туку напротив преку нашите тешкотии, да научиме дека мораме да продолжиме да живееме макар и под вакви околности. Да бидеме свесни, да се облечеме со облеката на верата и љубовта, со надежта како наше спасение во неволја. Да научиме дека вреди да се бориме и да истраеме за вистинските приоритети во нашиот живот, а тоа е нашето семејство и нашите најмили. Да го вреднуваме животот, кој ни е од Бога подарен, и да го поминуваме во исполнетост секој миг, како да е наш последен, правејќи сè од срце, со многу љубов и добрина. Да живееме со надеж за подобро утре, не заборавајќи дека љубовта, верата и надежта се нашите вистински и единствени двигатели во животот.

 

+64