[Литература] Марија Ѓошевска – IX одд.

Што ме движи кога сѐ стои

Чудно, необјасниво и ново за мене. Се сретнав со тема на која не знам што да пишувам, а инспирацијата длабоко потоната веќе 6 дена ме мачи. Не знам како да го напишам она за кое имам толку многу да кажам. Безброј стравови соберени надвор од дофат на околината, стојат сами и оставени. Дури и изливите на емоции кои останаа во гужвите и сенките на луѓето кои не знаеја како да се движат. Тука се и патоказите кои укажувајќи ни како да се движиме и кога сѐ стои, а ние не им поверувавме, а можеби сега ќе чекоревме со помалку рани на душата и болка во срцето, но само можеби…

Мислам дека одлучив… Решителна сум. Тука ќе пишувам за грешките кои ми го сопреа текот на времето и ме оставија мене во него. За грешките после кои јас не сум истиот човек. За грешките со кои застанав во времето и размислував за сѐ, со часови… Сѐ додека не заклучив дека она што ме движи во таквите мрачни долги денови за паметење е љубовта кон сѐ и сите, како и истрајната верба во себе и Бога. Љубовта е решение дури и за она што нѐ мачи доцна во ноќта додека месечината ни го милува лицето кое гледа безнадежно во празнината на хоризонтот. Дури и за проблемите со кои срцето се запозна, за аритмијата и оние катастрофи за кои душата немоќно го цеди еликсирот на добрината. Верувајте ми! Дури и кога светот ќе застане единствено со помош на љубовта можеш да си дадеш потпорна точка и да ги споиш границите, скршиш предрасудите, разрушиш бариерите и со сето тоа ставиш крај на проблемите. И станеш енергија што верувајќи во моќта на љубовта ќе се движи дури и кога сиот свет занемено ќе стои. Да, љубовта ќе биде она што ќе те движи и кога сѐ стои. Но само ако љубовта ти е искрена и целосно посветена ќе можеш да ја доживееш нејзината моќ и сладост. Не прашувајте ме како знам или сеедно прашајте ме. Еве ќе ви кажам. Бев сакана, но имав страв да сакам. Ја одбив убавината на љубовта само поради непријатното чувство на страв, страв од емоции, страв од скршени срца и можеби пресудното, страв од неуспех. Без тронка љубов во мене, со горчината и стравот во мене останав сосема сама со желбата за успех во љубовта. Тогаш првпат ја почувствував осаменоста која ми беше потребна дисциплина во тој момент. Но гореше истовремено и желбата од некој до мене, некој кој ме уништуваше со денови. Стоев пред раскрсница заедно со времето, а околу мене светот функционираше. Таа немоќ од нефункционирање, лежење во кревет, мислејќи дека ништо не е вредно во животот ме доведе во една чудесна агонија. Почнав да се губам себеси, она за кое секогаш бев подготвена сега бев струполена на земја. Ништо не ме поткреваше, а моите родители се плашеа за мене, да не потпаднам под некој порок. Во тој момент морав да одлучам дали да останам таму каде што сум и ја покажам истрајноста, но залудно или да го узурпирам егото и се соочам со љубовта колку и да е ултимативна. Сепак во тој момент тоа ми беше посветлата точка која подоцна ми го осветлуваше патот по кој решив да чекорам. И сега со увереност можам да ви потврдам дека исполнета со енергија на љубовта јас сум онаа што си го зрачи патот и кога сѐ е темно. Случките нѐ прават посилни и истрајни, ни ја кажуваат нашата вредност која ја забораваме за сметка на другиот. Деновите ни минуваат талкајќи во бесцелно опсипување на чувства и искри, правејќи нечиј ден блескав. Таа изгубена енергија, чудно, но по сопствениот пад знае да се врати поубедлива од порано. Замислуваме цели кои се однесуваат на нас самите. Во почетокот како поубаво да изгледаме, потоа како да постигнеме успех, па одиме кон повисоки цели. Душевно се збогатуваме со нови идеи, нови пријателства и луѓе кои ќе го вреднуваат секој наш чекор и внимание. Сфатив дека по некоја болка, изгубена личност или неуспех почнуваме да мислиме и да ја планираме својата иднина, своите желби и идеали. Веќе своето достоинство нѐ води кон скалата на животот и успехот. Дознаваме дека љубовта нѐ движи и кога сѐ стои. Само сега љубовта ја пренасочуваме кон себе. Љубовта на сите ни дава една големина, вредност, која нѐ издигнува на пиедесталот на среќата. Споделување, примање љубов, нели е тоа двигателот на нашите сетила, ум, душа? Сите нишки од животот фукционираат совршено, само ако имаме во себе љубов кон нешто или некого. Може да ги сакаме пријателите, саканиот, може себеси, својата професија. Сеедно што и кого, мора да пронајдеме кон што ќе се стремиме. Таа движечка сила нѐ движи и денеска, кога сѐ ни е ограничено и во недостиг. Кога потпаѓаме и немаме волја ни за основните училишни обврски, правиме сѐ затоа што мораме. Немаме екскурзија иако сме деветто одделение, ама се радуваме на сликичка од нашиот алманах која ќе можеме да ја постираме на социјалните мрежи. Сега најмногу ни е потребна љубовта, кон сѐ и секого. Таа е мостот помеѓу раскараните луѓе, помеѓу болка и пребол, помеѓу зажарени усни и омраза, помеѓу две срца. Љубовта е неспоредлива со богатството. Иако парите многу добро ги раздвижуваат луѓето кон целта. Успеваат, се искачуваат на врвот, ама со една огромна празнина. Им недостига чувството кое ја раскрилува секоја мисла, кое дарува насмевка и кога сме осамени, кое не` крева и кога падот е очигледен. Богатството и парите ни даваат краткотрајна среќа, купуваме среќа која трае во моментот на купената нова облека, во моментот додека сме на некој убав одмор. Но љубовта секогаш буди мисла која скокотка, буди убав спомен, мирис на возвратено пријателство, грижлива прегратка од родителот. Мислам дека од сите вредности во животот – добрината, човечноста, искреноста и уште многу други, љубовта е сепак најмоќна. Затоа што не` менува, стануваме послаби или посилни, семоќни или немоќни, ја откриваме новата личност во нас, онаа за која не сме знаеле дека воопшто постои. И не знам дали станав имуна на личност од спротивниот пол, дали во моето срце ќе се всели и онаа поинаква љубов. Потајно посакувам, но не знам колку да подарам од она што многу го поседувам. Не знам до каде е границата на давањето, не знам ако ја поминам, дали пак ќе застанам? Како некогаш…Веќе сум лута на чувството од грч, болка, страдање, гледање во една точка, стоење на едно место. Сакам искри без стеги, да не се надмудруваме туку да се даруваме со убавото. Убавото кое крева до небо, кое не` движи кон бесконечноста, кое ја раздвижува секоја клетка од нашето битие и го мери секој здив. И кога се` стои, вие се движите, чекорите самоуверено, сигурно, знаете точно што сакате, а што ви е отповеќе и вишок.

Во сеќавање на минатото, заедно со грешките во него, стојам и новата јас. Го надвишив стравот и направив огромен простор за љубов. Љубов со која јас ќе чекорам во умствениот универзум додека сиот свет стои. И денес кога сите овие стравови и несовршености останаа во кутијата затворени, бледо наѕираат да ја гледаат новата Марија. Марија која зрачи од љубов на патот кон успехот, но и од успех во љубовта. Сега не се движам на прсти, скришно и исплашено, не сум веќе слатката мечтателка од порано. Денеска без ни малку страв храбро се движам во светот во кој сѐ стои.

 

 

+65