[Литература] Јана Величковска – VI одд.

 

 

 

НАГРАДЕН КОНКУРС

 

 

 

На тема: „Што ме движи кога се стои?“

 

Точно една година живееме во време на пандемија: носење маски, дезинфекцирање, држење на дистанца, полициски часови, повремени карантини дури и по неколку денови…

Чинам како вчера да беше 10.03.2020 година ( Вторник ), кога во училиште ни соопштија дека од следниот ден 11.03.2020 година ( Среда ) во наредните четиринаесет дена остануваме дома. Со неверување ја примив веста, но и со незнаење што всушност значи тоа! Првично се израдував и си помислив „Одлично ќе ни дојде краток одмор“! – Но всушност, ништо не беше онака како што изгледаше во тие моменти.

Се застана во тој момент, до денес. Во тој момент, ни за миг не помислив дека затварањето на училиштата ќе трае до денес, и дека наставата ќе се одвива онлајн или учење преку далечина. И дека училиштето ќе ми недостасува повеќе од било кога и да е. Дека повеќе ќе ги нема пробите по играорна двапати неделно, подготовките за на концерти и настапи, кои со нетрпение ги очекуваа моите родители исто колку и јас. Ќе ги нема подготовките за двете турнеи кои ми следеа во Италија и Турција. Како и подготовката за петдневната екскурзија „Настава во природа“.

Престанаа да се одвиваат и детските фестивали: „Златно славејче“, „ Поточиња“ и други. Престанаа да работат кината и театрите. Престанаа да работат стадионите во кои ги гледавме победите на нашата репрезентација Македонија. Со еден збор како да престанаа да работат стрелките на часовникот и времето застана!.

Настана тешка промена, од нашиот поранешен живот, во оној што го живееме денес. Секојдневно слушаме како бројката на заразени од вирусот Ковид – 19 постојано расте, и како овој невидлив непријател секојдневно одзема се поголем број на животи.

Јас, во едни вакви тешки моменти, единствено нешто што можам да разберам е дека нашето здравје е најважно, но и здравјето на нашите најблиски, роднините, пријателите но и на сите луѓе на земјината планета, без разлика каде и да се, без разлика на возраста, полот, бојата на кожа, религија…

За восхит, е нашата борба и желба да успееме во животот. Во една ваква тешка ситуација, како од некоја сцена од хорор филм, на која чиниш и нема крај. Како моја движечка сила се јавува семејството, мојата пасија кон цртањето, пишувањето, учењето, читањето книги, пеењето, спортот, возењето ролерки, возењето велосипед, грижата за домашните миленици…

Ме движи напред тоа што знам дека сум се обидела и давам се од себе. Дека моите родители секогаш се покрај мене и се мојата најголема подршка во секој момент, без разлика дали е среќен тој момент или е тажен.

Во моменти, кога ме обзема лутина и нервоза, а расположението често ми е променливо во последно време, бидејќи се наоѓам во една нова фаза од животот наречена – пубертет, со часови слушам музика и пеам, тоа ме смирува и орасположува. Понекогаш лутината ја смирувам со возење на велосипед и возење на ролерки.

Најголемиот стрес ми го создава онлајн наставата. Во тие моменти она што ме движи напред е мојата најголема пасија, а тоа е цртањето. Преку цртежите го искажувам моето секојдневие, но и мојата визија за свет во кој ќе нема насилство, дискриминација, булинг меѓу врсниците. Свет во кој царува толеранцијата и хуманоста меѓу луѓето, како една од основните човекови вредности. Со еден збор тоа е мојата најкреативна страна на која и се посветувам со часови, а понекогаш и со денови.

А што се однесува до емоциите и чувставта како што се: љубов, омраза, храброст, страв, радост, тага итн., нив ги искажувам преку пишување и творење. Тоа е моето бегство од реалноста, во која се наоѓаме последнава година. Но највеќе пишувам на веќе зададени теми на училишните конкурси и вонучилишните активности. Всушност, ова е мојот прв обид со пишан збор да учествувам на конкурс надвор од училишните рамки.

Досега проговорив за повеќе емоции и чуства кои ме обземаат лично мене, а верувам дека овие емоции се и составен дел на сите луѓе, без разлика каде тие и да се наоѓаат. Меѓу нив ќе го споменам и стравот како уште една многу значајна и чудна емоција. Понекогаш поради него не можам да ги направам работите што ги сакам или сум ги правела претходно. Но всушност стравот за сопствениот, но и животот на нашите најблиски, е тој поради кој луѓето станаа многу повнимателни. Во надминување на оваа необична емоција најголем придонес имаат моите родители, кои секогаш се тука до мене да помогнат со добар совет и позитивна мисла. Емоциите се голем дел од мотивацијата. Тие ни помагааат да одиме напред, но и не враќаат назад. Тие се многу моќни а понекогаш и навистина чудни, бидејќи треба да се контролираат многу внимателно, бидејќи ако преовладеат со нас, тогаш може да се повредиме себеси и да ги повредиме другите, нашите најблиски и најсакани.

Она што ме движи кога се стои во време на пандемија, се и општинските, регионалните и државните натпревари по одделни предмети, кои ми даваат дополнителен мотив да учам, да успеам во животот, а воедно и го зајакнуваата мојот натпреварувачки дух. Меѓу другото тука е и поттикот, посветеноста и одвоеното време кои несебично ми го даваат моите наставици за да успеам во сето тоа.

Додека го пишувам овој есеј листата на работите што ме движат кога се стои, постојано се зголемува и како да им нема крај. Во таа листа се впишува и мислата за подоро утре, во кое ќе ја нема короната и се ќе биде онака како што беше, и повторно ќе се вратиме на нашето секојдневие. Желбата за повторно враќање во училишните клупи, и на детскиот џагор во училиштата, дружба со моите врсници без физичка дистанца, курсевите по англиски јазик, играорната… Желбата за подобро утре и подобра иднина.

И додека пишувам, често ми се наметнува прашањето, дали мораше да ни се случи оваа пандемија и борбата со невидливиот непријател вирусот Ковид-19 за да ги сватиме вистинските вредности во животот. Дали ќе излеземе помудри, попаметни и ќе извлечеме некоја поука од сето тоа. Еден од нашите најголеми визионери и револуционерни дејци Гоце Делчев еднаш рекол „Јас го разбирам светот единствено како поле на културен натпреват меѓу народите“.

  • А, која е мојата визија, и што е тоа што ме движи кога се стои?

Тоа е визијата за создавање на Свет во кој ќе царува толеранцијата, ќе владее правдата, ќе постои солидарноста, ќе се почитува и заштитува човековото достоинство. Свет во кој ќе создадеме едно општество за сите.

Со еден збор ова се работите кои мене ме движат кога се стои.

Затоа и Вие правете ги работите што ги сакате и Ве прават среќни – творете, бидете креативни, спортувајте, возете ролерки, возете велосипед, читајте книги, гледајте филмови, цртајте, сакајте се, сонувајте …, движете се и одете напред. И никогаш не се откажувајте од вашите соништа и од вашата цел.

 

 

 

 

 

 

+279