[Литература] Јана Дамјановска – I година

„Што ме движи кога сè стои“

Почеток на 2020 година. Секојдневна трка со времето и плановите околу обврските и желбите. Се трудам да одржам рамнотежа. Млада сум, љубопитна, си поставувам прашања за животот. Размислувам за себе, за иднината, за училиштето, за односите со другарите, поблиски и подалечни. Сфаќам дека полека се менуваме, стануваме поодговорни, можеби и позагрижени, годините ги носат промените. Што треба да направам, кој е мојот следен чекор? Крај на еден период, почеток на нов. Нова неизвесност. Свесна сум дека се менува мојот личен живот, но сè уште не знам дека тоа му се случува и на светот.

Одвреме-навреме од телевизорот наслушнувам вести кои сè посилно ми го привлекуваат вниманието. Забележувам дека и другите членови на моето семејство подзастануваат за да разберат поубаво. Нешто чудно се случува таму некаде далеку, во земја која е многу, многу километри оддалечена од мојата. Ми се чини дека гласовите на спикерите кои ја читаат веста некако се менуваат. Ја менуваат бојата, стануваат потемни и подлабоки. Се прашувам зошто, зарем сè уште не навикнале на лошите вести кои речиси целосно ја исполнуваат содржината на вестите?! Се прикажуваат слики, ме потсетуваат на некој апокалитичен филм, не можам да се сетам точно на кој. За што се работи? Разбирам дека станува збор за некој вирус, нов и многу заразен, кој речиси неконтролирано се шири. Како може да се дозволи тоа? Зарем тие луѓе не знаат како да се заштитат!? Па, 21 век сме! Сигурна сум дека тоа е проблем кој треба да припаѓа на некои други, дамнешни времиња. Не на она во кое јас живеам! Се лутам и осудувам на глас, но во себе сочувствувам.

Вестите стануваат подолги, се прошируваат, токму како што се шири и вирусот. Јавуваат дека минува граници, не живее веќе само на една територија, во една држава. Патува заедно со луѓето, се пренесува, се населува насекаде… Дојде и кај нас, велат последно.

И тогаш се смени сè. Животот се смени. Се сменија деновите, се изгуби рутината. Други мисли започнаа да ни ги исполнуваат главите. Но, тие не се најстрашни, најстрашен е стравот. Тој не е во нашите глави, тој е во нашите гради, стомаци, срца… Возрасните немаат одговор, и тие се неспремни. Дури и поисплашени од нас, иако се трудат да го сокријат тоа. Повеќе ништо нема да биде исто. Излез? Мора да постои.

Започна борбата. Чекаме инструкции. Најавени прес-конференции, интервјуа, гостувања на телевизии… Треба да нè поучат и информираат за следните чекори. Како да се однесуваме, како да живееме, како да оддржуваме дистанца меѓу себе, да научиме да не се поздравуваме, да не си приоѓаме и никако да не се гушкаме. Да нè научат како да не бидеме сè што бевме до скоро, си помислувам со горчина и бес. Навистина е тешко.

Се затворивме дома. Седиме пред нашите компјутери, во нив е целиот наш свет. Во мониторите ги гледаме нашите другари, соученици, професори, драги луѓе. Горам од желба да прошетам надвор, да седнам на клупа близу до мојата другарка. Да се смееме и да си муабетиме…Знам дека морам да се стрпам.

Времето си минува, се менуваат различни ситуации, бранови на болеста, епидемијата си живее во својот ритам. Нашиот животен ритам е нов, но полека го учиме, се приспособуваме. Некои луѓе потешко се снаоѓаат, па дури и одбиваат да ги признаат и да ги прифатат промените. Но, секој со својот ум.

Размислувам и заклучувам дека пандемија нè раздели, но и поврза, соедини во желбата да се преживее, да се остане здрав, физички, емотивно и ментално. Навистина застана сè, но се роди и тргна решеноста да се преброди овој застрашувачки светски проблем. Да се крене глава и да се продолжи понатаму. Да се биде позитивен, не на корона, туку во мислите, во ставот! Ги знам сите надворешни услови и фактори, но ги знам и своите внатрешни потенцијали! Ова е само период, а не сиот мој живот.

Пребарувам на интернет, со цел да пронајдам и да прочитам нешто што ќе ми поттикне храбра и оптимистичка мисла, да ми поттикне навика да очекувам нешто добро и убаво. Пронајдов, вели: Она за што размислувате, тоа и го привлекувате. Затоа бидете позитивни и животот ќе ви биде добар! Ми звучи вистинито и прифатливо. Желбата и потребата да се пронајде и да се извлече нешто позитивно од целата ситуација, не стивнува, напротив, се разгорува.

Значи, почнувам од почеток. Што е новото и доброто во ова неубаво време? Дали сме сменети? Мислам дека многу. Почнавме повеќе да споделуваме. Ги читам дневниците и текстовите на луѓето од различни делови на светот, кај кои имаше карантин и полициски час пред да се случи кај нас. Во нив тие ни се обраќаат нам, на луѓето кои допрва се соочуваме со таквата ситуација. Зборуваат, раскажуваат, делат совети, помагаат. Се отвораат, зборуваат за свои интимни работи, мисли, болка, стравови, но и среќа. Сигурна сум дека во нормална ситуација не би се осмелиле да го сторат тоа јавно. Но, сега сè е поинаку. Се разбираме повеќе, комуницираме на еден разбирлив јазик, јазикот на грижата за здравјето и животот на нашите блиски, на нас самите, на сите луѓе вовлечени во оваа голема битка.

Свесни сме дека се сакаме. Таа љубов нè придвижува, нè крепи да издржиме, да опстоиме, да го победиме новиот непријател. Мислиме на убави нешта, ги замислуваме и очекуваме. И најважно од сè, ја научивме лекцијата која поучува колку е важно да се има почит: кон себе, кон другите, кон природата, кон животот, воопшто. Ароганцијата не е решение и манир што води напред. Научивме колку сме кревки, зависни едни од други, неразделно поврзани.

Почнав повеќе да читам, да се интересирам подлабоко за други народи и други култури. Повеќе не ми се чинат толку многу далечни и различни. Мислам дека сега подобро ќе ги разберам. Еве на пример, читам и пишувам јапонска манга и гледам аниме. Манга е јапонски стрип. И претходно го сакав, но сега имам повеќе време да му се посветам. Ми се допаѓа неговиот стил, неговиот специфичен визуелен израз. Тој секогаш има порака што ја пренесува на својот уникатен и моќен јазик. Многу ми се интересни тие вечни борби помеѓу доброто и злото, исцрпувачко рамноправни и неизвесни, но најчесто злото само на кратко победува и владее, а на крајот доброто триумфира. И секогаш, ама навистина секогаш, носи промена! Но, можеби највпечатливи ми се лицата на главните јунаци, кај кои тешко се открива дали припаѓаат на женски или машки лик. Тенка е границата, убава е пораката. Ние сме само луѓе, сите наликуваме едни на други, важно е само како делуваме и колку сме спремни да му помогнеме на светот. Убава поука, особено значајна во ова време.

Уживам гледајќи аниме. Тоа е јапонски стил на анимација. Ликовите се како оние од манга стриповите, но се дополнително анимирани, компјутерски оживеани. И тоа со каква вештина! Прекрасен производ од спој на традиционалното и новото.

Секако, тука е музиката. Не можам да си го замислам денот без неа. На нејзиниот секому разбирлив јазик, ми раскажува за убавината на постоењето. Ја слушам внимателно, минувам часови во нејзина придружба. Невидлива е, а толку присутна. Го исполнува целиот простор, ја прегрнува мојата соба. Мислам дека ме допира. Почнувам да свирам на клавир.

Чувството дека музиката е невидлива, а присутна, ме потсетува на една реченица која постојано ја слушам цела година. Сите велат мораме да го победиме невидливиот, а насекаде присутен непријател-вирусот. Значи, музиката е мојот невидлив пријател, а вирусот наш невидлив непријател. Не сакам да размислувам дека уметноста и вирусот имаат нешто заедничко, ама мислата самата се наметна. Невидливост, интересна карактеристика. Ако е нешто невидливо, дали треба да значи и непознато? Не, музиката е веќе дел од мене.

Ајде да позборуваме за невидливиот непријател! Колку навистина е невидлив? Да, не можеме да го видиме со голо око, но секојдневно ги гледаме последиците од неговото постоење. Бројки, статистики, човечки судбини. Разговараме со другарите, сите сме свесни за него, несвесно почнавме да се чуваме, стекнавме нови навики. И затоа знаеме дека сето ова ќе мине. Ние луѓето можеме да се справиме со него. Само да ги следиме и почитуваме препораките за заштита. Да, повторно се навраќаме на почитта. Во неа е спасот.

Пристигна пролетта 2021. Надвор веќе сè е зелено. Природата е одново будна. Сакам да сум дел од неа и сите да можеме да излеземе и уживаме слободно, да го помирисаме освежувачкиот воздух. Го гледам топлото сонце. Се сеќавам дека кога првпат го слушнав името на вирусот, зборот корона ме асоцираше на сонце. Повторно некаде се допираат доброто и лошото. Таков е светот, сè има две страни. Се навраќам на приказните во стриповите и филмовите со јунаците. Таму крајот е извесен, секогаш победува доброто.

Желбата и потребата да се истрае се преголеми кај сите нас, особено кај младите. Луѓето се вакцинираат. Разговараме дека се ближи крајот на овој тежок период, во кој видовме многу болка и страв, но и донекаде научивме како да се справуваме со нив. Сè минува, велат возрасните, најважно е да се остане позитивен и да се научи од искуството. Така ќе бидеме помудри и поспремни за следните предизвици, новите животни искушенија и неизбежните промени.

 

 

 

 

 

 

 

+4