[Литература] Ивана Бунгурова – VIII одд.
Што ме движи кога сè стои?
Беше убав сончев ден, кога гласот, што доаѓаше од телевизорот, кажа дека оваа година наставата ќе се одвива на далечина без физичко присуство во училиштата. Целата се стресов. Тешко го поднесов пролетниот целосен карантин, кога моравме да седиме дома и по неколку дена. Заради опасниот вирус, моите родители не одеа на работа, јас не одев во училиште, не можев да ја видам баба ми, не можев ниту да се прошетам, а ниту пак да си поиграм со другарчињата. Мојот свет се сруши како кула од песок. Си помислив како ли ќе биде сега и колку ова ќе трае. Сигурно година. Можеби и повеќе…
Некои мои другарчиња се позитивни на вирусот. Марија е дома, но Борјан веќе неколку дена е во детската болница во Козле. Засега имаат само лесни симптоми. Таткото на една моја другарка сè уште се бори со последиците од тешкиот вирус. Но, има луѓе кои многу тешко ги погоди овој вирус. Некои мораа да имаат и кислородна поддршка за да дишат. Има и луѓе кои ги загубија животите во оваа битка. Меѓу нив има и млади луѓе. Само можам да насетам како им е на нивните блиски, најверојано деновите им сè натопени со празнина и болка….
Има луѓе кои ги загубија своите работни места и кои не знаат како во вакви услови да продолжат понатаму, кои не знаат како да го преживеат наредниот ден, дури и да сè здрави. На социјалните мрежи има сè повеќе барања парична помош за лица кои немаат доволно средства за лекување. Дали нивните блиски ќе успеат навремено да обезбедат средства? Дали ќе успеат да им помогнат во битката да преживеат? Дали тоа ќе биде доволно?
Има моменти кога вирусот изгледа посилен од луѓето. Денови кога ситуацијата наместо да се смирува, како да се разгорува. Часови кога сè изгледа толку страшно. Како сето ова да нема крај, како да ваков ќе ни е цел живот. На моменти се чувствувам толку безнадежно и исплашено. Што ќе се случи ако се разболи некој од моите блиски? Не сакам ни да мислам….
Тмурните мисли кои ми се препелкаат низ главата, ги прекина мајка ми. Како да насети што мислам…
Сака да ми раскаже за нејзиниот омилен писател. Тој за време на Втората светска војна работел во Универзитетската библиотека во Варшава. За време на бомбардирањето на Варшава, сите негови колеги бегале избезумено, бидејќи биле убедени дека библиотеката е наредната цел. Само Чеслав бил мирен и не бегал. Ги поминувал своите лекции по англиски јазик. Подоцна дознал дека ниту еден негов колага не успеал да се спаси од налетот на бомбите. По војната, емигрирал прво во Франција, па во САД. Таму станал и професор по литература на престижниот Универзитет Беркли. На 69 години добил и Нобелова награда за литература.
Приказната ме замисли. Да, тој не бегал, иако можело да падне бомба врз библиотеката и врз него. Но, можело да падне бомба врз него и ако бегал. И знаел дека не можел да го сопре бомбардирањето. Но, наместо да паничи или да се сожалува, учел и се надградувал. На среќа, бомба не паднало врз библиотеката, а тој подоцна напишал толку добри дела и добил престижна награда. Станал и професор, а за тоа морал многу добро да го познава англискиот јазик.
Така и јас решив, наместо секој ден да се сожалувам и плашам, да учам и да се надградувам. Сè уште не знам што би сакала да биде мојата животна определба. Имам многу таленти и хобија. Но, би сакала да можам полесно да се изразувам, подобро да цртам, да танцувам, поубаво да свирам гитара, да научам повеќе за хемиските реакции и физичките закони. Сакам да направaм подобра web- страна од онаа што ја направив лани…
Да, сè уште ме плаши целокупната ситуација. Се плашам за моите родители кои секој ден одат на работа. Можеби некој нивни другар не носи маска или не ги почитува другите пропишани мерки. Но, сепак, наместо паника, подобро е да вложам во нешто што можеби ќе ми се најде утре или барем ќе ме исполни во овие тешки моменти. Правам свет од бои преку моите цртежи, преку моите танци, преку моите книги.
Кој знае можеби и јас ќе станам професорка на Универзитетот Стенфорд, Оксфорд или Токио или пак научник. Можеби мои дела ќе бидат изложени во МЕТ. Независно од мојата професија, би сакала светот во кој ќе растат моите деца да е подобар од светот во кој растам. Ќе работам неуморно во исполнувањето на оваа идеја. Во тој свет, човекот повеќе ќе се грижи за средината во која што се наоѓа, за земјата што го рани. Воздухот ќе биде чист. Езерата и морињата ќе се полни со риби, наместо со пластика и отпадоци. Дрвјата нема да се сечат, туку ќе се садат нови шуми. Во такви услови и болестите ќе се помалку на број. Животните ќе се поздрави и побројни. Луѓето ќе се многу поблагодарни и почовечни. Ќе се зголеми смеата, а таму каде што има многу искрена и незлобна смеа, секогаш доаѓа до благосостојба и среќа.