[Литература] Ива Чекарова – II година

Здраво. Јас сум обична шестнаесет годишна девојка со големи соништа и планови за иднината. Речиси сум сигурна дека секој од нас има вакви планови и соништа. Дека секој од нас мечтае за нешто. Можеби некој. Дека и покрај секоја замислена желба при дување на свеќичките на сите досегашни родендени, многу од тие желби и ден денес не се оствариле. А колку само желби се замислени на сите други “обични,, денови, кога не ни е роденден? Можам само да замислам. Но, зошто? Зошто овие желби никако да се остварат и зошто соништата никако да станат јаве? Прашање кое ме мачеше многу долго. На секоја препрека од мојот досегашен пат сум си го поставувала ова прашање. Зошто едноставно она што ќе го наумам додека да пукнам со прстите не стане вистина? Сѐ додека еден ден не ми се разјасни. Не, Ива. Нормално дека желбите нема да се остварат сами од себе. Тоа треба да го направиш ти. Ти си таа која треба да почне да работи на своите соништа, за тие еден ден да станат вистина. Можеби сега ќе се запрашате што зборувам? За кои пречки во животот зборувам на само 16 години? Но верувајте, не би знаеле. Она што мене во моментот ми претставува најголем проблем, во споредба со нечии туѓи проблеми можеби изгледа смешно, но мене тоа ми е најголемата мака. Сѐ додека на местото на таа мака, не дојде некоја друга, па трета и така натаму. Кога ќе се разминете со некого на улица, многу често по начинот на кој тој некој е облечен или по шминката на неговото лице ве напаѓаат претпоставки, да не речам осудувања. Е па не. Никој не знае апсолутно ништо за никого. Ние дозволуваме луѓето да го запознаат само оној дел од нас кои ние им го нудиме и им го даваме на тацна. Но, што е со оној другиот дел? Тој друг дел е само наша тајна. И тоа е сосема во ред. Можеби тоа е најкревката верзија од нас, или пак може тоа е нашиот најмрачен демон. Во секој случај, само ние знаеме кој е тоа и што всушност крие. Оваа наша таинствена личност ги крие оние мечтаења и желби кои ги спомнав уште на почетокот. Кога ја видов објавата за конкурсов, самата тема навистина ме поттикна да размислам. Но, не да размислам што би пишувала, туку едноставно самото прашање – Што ме движи кога сѐ друго стои? Прашање со кое никогаш до сега не сум се соочила. Па навистина, што би можело да биде тоа? Што е толку силно и моќно? Најпрво си помислив се разбира, тоа се семејството, пријателите, моите најблиски, љубовта која тие ми ја пружаат. Тие се оние кои секојдневно ме мотивираат. Но, некако мислам дека тоа се подразбира и дека е сосема очекувано. Сите ние имаме личности во животот кои не движат, без разлика дали се тоа нашите родители, брат, сестра, дедо, баба, роднина, можеби пријател. Но, што е она што особено те тера да продолжиш понатаму, кога сѐ се чини како да стои во место? Долго размислував и дојдов до еден заклучок. Иднината. Сега можеби малку ве збунив. Па, да објаснам. Претходно споменатите желби, мечтаења и соништа се однесуваат на нашата иднина. Сѐ што правиме го правиме за нашата иднина. Моментално ние живееме во сегашноста. Но, еве додека ја напишав оваа реченица, веќе моментот во кој ја напишав стана минато. Ете толку е тесна поврзаноста на времињата. На минатото, сегашноста и иднината. Како мала, како и повеќето девојчиња сонував да бидам балерина. Дојде моментот кога навистина почнав да посетувам часови по класичен балет и имав чест да бидам дел од доста балетски претстави. Потоа, како што растев дојде време да донесам одлука каде ќе го продолжам своето средно образование. Се разбира, сакав тоа да биде во некое успешно училиште каде што ќе продолжам да ги развивам своите интереси. И еве ме денес, одличен ученик во втора година во Гимназијата ,,Орце Николов”. Сега веќе почнувам да размислувам и за факултет. Би сакала тоа да биде правен факултет некаде во странство, со одлична програма за млади адвокати. Но, сега тоа не ми е целта на ова што го пишувам. Она што пробувам преку примериве да го објаснам е токму следново:

Во секој момент од моето созревање се стремам и размислувам за иднината. И не само јас, туку и сите ние. Тоа е дел од сите нас, што не можеме да го занемариме. Епа, токму тоа е она што ме движи и кога сѐ стои. Еве, за жал светот веќе многу подолг период од очекуваното, се наоѓа во една ужасна ситоација на пандемија, општ хаос. Секојдневно на телевизија слушаме колку луѓе се заразиле, колку починале, а колку успале да ја надминат борбата со вирусот. Страв, трепет, болка и тага се чуствуваат низ улиците, а маските ни станаа сосема нормален акцесоар за да го поминеме денот. Ужасно е болно за сите нас. Но, што е она што сите не сплотува? Повторно желбата за подобро утре. Желбата следното утро да се разбудиме, да отвориме очи, да ги кренеме ролетните и сѐ ова да испадне дека била само една ноќна мора. Туку-така, да ја снема пандемијата, сите да сме живи и здрави и целиот свет да се врати назад во нормала. Ова е пример за општ двигател и колективна желба за сите нас. Но, имам и индивидуални желби. Е тие- тие се она што и кога сѐ стои, ме движат. Желбата за успех, подобра јас, одлична кариера, еден ден семејство. Тоа е она што не ми дозволува да застанам. Секојдневно работам на себе и на своето утре. Пробувам секое утрe да си го направам подобро. Иако можеби резултатите не се инстантни, сепак утре, задутре, за две, пет, можеби и десет години тие ќе излезат на виделина. А тогаш мирисот на успех, на мој личен успех, ќе биде опоен. Нема поубаво чуство од она кога знаеш дека си успеал. Дека и покрај стрмниот пат, и покрај сите препреки успеа да се искачиш на врвот. Но, тоа не е крајот. Како што рекле, секогаш може подобро. Затоа сега те чека следен врв. Ако годинава си го искачил Водно, стреми се следно да го искачиш Кораб. Потоа излези малку од границите, спознај го светот, качи се на Килиманџаро. А, по доволно работа и труд тргни на патот за Монт Еверест. И кога ми е тешко и кога не се чувствувам како најдобрата верзија од себе, нема да дозволам да паднам. А и да паднам, ќе станам. Таа позитивна мисла ме води напред. Како мојот сопствен глас од иднината да ми вели: ,,Ајде, стани! Направи го тоа за тебе, за нас.” И во право е. Знам дека на сите ни е позната изреката од Ида Скот Тејлор која вели: ,,Не живеј во минатото и иднината, туку живеј во сегашноста”. Можам да кажам дека делумно се сложувам. Точно е дека не треба да живееме во минатото, бидејќи ништо добро нема од тоа. Нема ништо добро во живеење во стари навики и начини и трошење на секој скапоцен ден заглавени во минатото и оптоварувајќи се со постапки од истото. Но, делот од изреката кој вели да не живееме во иднината, мене лично ми нема смисла. Иднината е она што ни определува како да ја живееме сегашноста. Стремежот е таму, идеалите ги поставуваме таму, едноставно потсвеста ни е таму, без разлика дали тоа нам ни се допаѓа или не. А се разбира, треба да го извадиме максимумот од сегашноста. Затоа што моментот на сегашноста е еден. Го имаш сега, а веќе додека да трепнеш го немаш. Тоа е животот и чудесиите кои тој ги носи со себе. Ако го разгледуваме од уметничка страна, изгледа како еден вид куклена претстава, а ние луѓето сме марионетките и куклите. Но кој ги движи конците? Ние. Се разбира, многу нешта за жал не зависат од нас и ние немаме никаква контрола над нив. Но, кога станува збор за нашите улоги во оваа голема куклена претстава наречена ,,Живот”, нив ние самите ги определуваме. Дали ние ќе бидеме добриот или лошиот лик во приказната зависи од нас и нашите постапки. Иднината е толку таинствена. А, јас ја обожавам убавината на непознатото. Можеби токму тоа е она што ме влече. Никој од нас не знае што ни носи утрешниот ден, и каде ќе се најдеме себеси. Затоа, не дозволувај да паднеш. Не дозволувај минатото да ти претставува пречка и да те сопне на патот кон иднината и остварувањето на себе како личноста од твоите соништа. Биди упорен и сѐ што правиш прави го за свое и подобро утре на сите. Мене ме движат желбите и соништата, дозволи да те движат и тебе.

 

+137