[Литература] Ема Чупоска – II година

“Што ме движи кога сѐ стои”

 

Човек да живее без цел во животот е исто како да нема смисла за својот идентитет како личност. Огромен притисок е да ја исполниш оваа норма дека неопходно е да си го испланираш животот и сѐ да дознаеш за себеси пред да ги стигнеш годините на сериозност. Тинејџерите денес се претставени како идните лидери кои ќе го водат светот и потребно е до прв да се подготвуваат за она што ги очекува. Од друга страна пак, сите се третирани како несозреани и како поради нивната возраст не можат да имаат најмала идеа за каква е реалноста околу нив. Сите тие норми, предрасуди и потреби да се исполнат туѓите очекувања имаат негативно одраз не само врз моето размислување, но и на размислувањето на секој тинејџер во 21 век.

 

Демотивацијата е пречка со кој секој се соочува, вклучувајќи ме и мене. Затворена во четири ѕида за повеќе од една година, со чувството дека моите години од младоста ќе ги поминам пред компјутерски екран. Толку многу инспиративни луѓе имам сретнато, кои наместо да ме поттикнат да туркам напред, го предизвикуваат спротивното. Заклучувам дека немам доволно вроден талент, и не сум доволно способна за да постигнам ништо во животот како нив. Во тие мигови на безнадежност, што би можело да биде тоа што ме движи иако стојам во една точка? Таа енергија која ме предизвикува да пробам и да продолжам со секојдневната рутина, додека целиот свет е закочен во овој лавиринт? Таа водилка која со сила ме предизвикува да ја гледам чашата половина полна, наместо половина празна?

Неподвижноста за време на оваа пандемија е само една од бројните причини кои ме тераат со сила да стојам на една скала. Не, можеби не поседувам некои интелигентни особини, можеби едвај имам мотивација за да станам од кревет и да ги правам истите активности секој можен ден. Но и покрај сето тоа, она што ме движи е помислата за подобрување. Помислата дека единствено ако јас сама не најдам поттик да дадам се од себе, нема кој друг да ми помогне. Помислата дека моите бројни неуспеси не се еднакви од мојот единствен успех, и како со поддршката на моите пријатели и блиски ќе можам да бидам таа единствена свеќа која свети.

 

Кој би знаел дека едноставни делови од нашите рутини, како пиење ладно кафе во утринските часови би можело да го смени мојот начин на размислување. Во границите на мојот ум, станување наутро е еднакво со искачување на Монт Еверест. Но тоа пријатно чувство на утринско кафе со шеќер и млеко ми делува далеку по мотивирачки, него бројните обврски како следење настава од далечина и помагање по дома. Она што ги движи и инспирира луѓето не мора да биде некој идол, автор или личност од секојдневниот живот. Може да биде како шетање надвор со домашниот миленик, пишување книга или готвење. Сѐ во животот претставува непрекината рутина и навика. Потребно е да се согледа дека бројни беспомошни ситуации не очекуваат, и нашата задача како луѓе е да се адаптираме и да не дозволуваме да ни биде попречен патот.

Ние како луѓе сме во контрола врз тоа што го мислиме и правиме. Иако се чувствуваме како да немаме контрола, посебно во границите на оваа здравствена криза, потребно е да најдеме еден мал предмет или активност за да станеме од кревет, да го почнеме денот со позитивна мисла и да направиме сѐ што е во наша моќ за да се движиме.

 

За пример можам да го искористам овој есеј. Се очекува од мене да кажам нешто мотивирачки, нешто позитивно, но кај мене реалноста е поинаква. Јас немам секојдневна водилка која ме влече напред и со мака барав една единствена причина да седнам и да напишан една реченица. Но подоцна согледав дека тоа е сосема нормално, и го искористив како вид на инспирација. Патувањето од илјадници километри започнува со еден чекор!

 

 

 

+52