[Литература] Дамјан Златановски – III година

„Што ме движи кога сè стои?“

 

Нозеве се распејуваат без да пуштат глас; белтинг каков одамна немам слушнато! Им се бендиса притисокот од столицата и моето тело. Седам на сивите столици од нашиот двор, со нозете стокмени под мене, а рацете потпрени на лимените рачки цврсто го притискаат обрачот од една керамичка шолја. Со сладок чај во лето го пуштам августовското сонце да се слизне како коцките шеќер покрај попарените билки.

Сонцето трча по вратот бркајќи се со топлото летно ветре и го чека месечевиот отсјај да го замени. Ме замислуваш ли сега? …седнат покрај бршленот полазен зад мене, завиткан во развлечен џемпер од кој никогаш не се откажав и скиселени очи од цитрусниот вкус на чајот. Замисли ме во полароид, каков секогаш сонував да имам, со шолја чај в рака, која ми ја грее душата во оваa августовска квечерина.

Избеган од светов во мојот малечок, сладок свет, се кријам од реалноста која не ги отсликува вредностите кои ми влеваат сила. И ако веќе ме замисли, гледаш еден привид кој се труди да одржи баланс со желбите со кои живее. Може е ова задоволство кое буди вина или пак само саботажа на се што сум и ќе бидам. Сеедно, тоа е моето тајно опстојување…

Кога мижам се замислувам во градина. Широка ко ливада. Во заседа од зеленило нашарано со најубавите бои кои човечкото око ги перципира. Ја кубам почвата присвојувајќи си ги нејзините чеда како мои вечни сопатници. Кога си во цветна градина го кинеш најубавото цвеќе, а јас го кубам она израснато не намерно, по грешка, инстинктивно, она дивото кое двои од другите. За мене тоа е најубавото. И никогаш никој не можеше да ме разбере кога ќе кажам дека единствената разлика меѓу цвеќето и тревата е суровата осуда.

По светов одам пеш со само една шанса за прва импресија, а во мојата нирвана шансите се бесконечни. Тука секогаш има правда за луѓето чиј ден не чини. Секој заслужува втора шанса и секој ја добива. Пеколен е патот до рајот, но кај мене во мисливе живееш само ако си свој, и како таков секоја патека ќе те однесе кон заслуженото.

Тука нема осуда. Тука е цело бидејќи има сè. Над широките градини, се редат високи ридови со стрмни падини, а од нив се смеат извори кои жуборат во среќни ноти. Крај нив има грмушки со црвени малини и модри капини. Тука мириса на спокој и единство. Прошарај со очите, разгледај на наоколу. Види ги луѓето како со рацете врзани танцуваат. Во студените дланки се топлат едни други.

Често кога замислувам, сретнувам и дрвја со крупни портокали во идеална тркалезна форма. И секогаш ќе наберам бар еден. Дебелата кора ќе ја прободам со забите и со палците ќе ја распукам за да можам убаво да го излупам портокалот. Го обожавам тој благ мирис на кисел цитрус. Ме потсеќа дека не треба да бидам преблаг и да заборавам да бидам кисел, или премногу кисел па да заборавам да бидам сладок; освен што во реален свет слатка е добрината, а кисела интелигенцијата.

Преголема е фантазијава за малите луѓе.

Зар не гледаш дека оваа приказна е од оние кои никогаш не се напишани, како што најдобрите филмови на сите времиња никогаш не се снимени. Така е бидејќи тука често нештата застануваат. Ќе се замрзнат и ќе те расонат со студен здив со кој во вратот ти дишат. А кога се’ ќе застане можат само две работи да го придвижат секој свет. Љубов и страв. Всушност ако еден свет го разделиме до неговото јадро, таму ќе најдеме две сили кои го градат во срж, и тоа токму овие две. Страв од љубов; или љубов ради страв – сеедно, светот го владеат овие две елементарни енергии во кохезија.

Кога реалноста застанува се прикрадувам во мислите, а кога и соништата запираат нештата кои ги сакам и од кои се плашам ме збираат во својата прегратка.

Сите слики кои ги сликам во мојот мал свет, што самиот ме претвора во привид, се во боите на љубов и страв. Сите тие копнежи и сонови за идеално општество, кое никогаш вистински не го видов, се изградени врз овие два столба. Хармонијата во моите сонови зад себе крие страшна љубов и љубовен страв, а јас во срцето кријам простор за придвижување кон вистинските идеали.

… веќе застудува. Се слизнува и август полека низ календарот, доаѓа есен обоена во злато. Во шолјата остана само кесичката чај и мало парче лимон. Ја фатив врвцата од ќесето со шарени билки и го фрлив во корпата во дворот, а со него и моите фантазии. И последните капки сок ги исцицав од жолтиот лимон, како што од мене тој ја испи благоста. Денес се откажувам од сништата и стартувам со дела. Денес го започнав остатокот од мојот мал живот!

 

 

+119