[Литература] Ајла Мехмеди – VIII одд.

Што ме движи кога се’ стои ?

 

Што се случува кога бебешкиот плач доаѓа на овој суров свет? Доаѓањето на тие невини очи кои имаат свое место и улога на оваа земја. Дали сме тука со некаква улога и цел или пак самите ја бираме? Дали оваа голема целина наречена ,,планета” е менлива, или се’ се движи благодарение на човековите постапки?

Додека бев малечка, премногу работи ми беа нејасни. Гледајќи наоколу како пијана птица, де лево, де десно, со еден куфер прашања, но никаде одговор.Го барав насекаде, под дрво и камен. Под мојата постела, во очите на мајка ми кои секогаш носеа некаква загриженост. Го барав и во небото додека ги броев ѕвездите, во сонцето додека ги топлеше моиве румени образи.Слика од однесувањето на луѓето, нивната променливост, лутината и злобата. Но, додека ти стоеја скаменети, со празни срца и бледа душа, јас се движев со самото мое созревање. Во моиве мисли создадов патување, ретроспекција. Се присетив на сите детски игри и наивни насмевки. Безгрижното време за кое постарите велат дека недостасува, додека ние едвај чекаме да преминеме на улогата ,,возрасен”. Но, кој ли е во право? Дали навистина вреди да пораснеш, или сепак да останеме деца засекогаш. Гласни во нашите игри и другарување, со силен вресок низ полињата, без паметни телефони и компјутери. Само движењето на нашите чувства кои ја бараат слободата. Се навратив на ликовите од цртаните филмови, особено на оние храбрите и постојано посакував да сум како нив. Да бидам херојот кој ќе го движи овој суров свет во еден поубав, благодарен и човечен. Сакав да ја имам силата на Попај Морнарот, убавината на Снежана и душата на Калимеро, која впрочем и ја поседував. Со текот на времето, сфатив дека филмовите не се вистински, а ниту ликовите. Но, доволен беше поттикот која од најмали години ме движеше кон подобриот пат. Сега, се запознав со вистински ликови, оние од секојдневието. Во училиште стекнав пријатели кои со нивната смеа и забава го направија секој ден поубав, иако на првиот училишен ден се запрашав: ,,Зошто ми е потребно училиштето и зошто воопшто да учам”? Можеби бев се’ уште мала , но покрај нив се чувствував сигурна во себе, како да си го пронајдов местото на овој свет. Токму пријателите беа онаа сила која ме движеше напред. Ми ја всадија жедта за знаење, за повеќе и повеќе. Другарувањето продолжи и прерасна во вистинско пријателство. Делењето на последното чоколадо со девојчето од мојата клупа, водење дневник за оние тајни кои посакував некаде да бидат скриени, а само јас да допрам до нив тогаш кога ќе почнат да недостасуваат. Се’ беше совршено, до почеток на оваа пандемија која почна да гуши. Неочекувано, од нигде и никаде. Се започна на шала, по појавата на првите видеа по социјалните мрежи, на кои и ние се смеевме, без да претпоставиме дека ќе биде вака.Недостасуваа моите соученици, како и остриот глас на наставникот. Повторно се застана. Молк, тишина и огромни мисли. Понекогаш добри, но понекогаш удираа со огромен чекан по главата. Што се случува кога се’ стои ? Каде ли е онаа крива линија на детските насмевки? Нивните игри по маалските улици. Собиранките до касно. Долгите чекори на возрасните кои се’ некаде брзаат. А, се прашував зошто? Дали тие заборавиле на игрите? Темнина и безброј прашања во главата. Ама, се поминува, та ќе помине и оваа навидум безнадежна ситуација која освен што не затвори во своите домови, стави катанец и на нашите срца. Но, срцата се’ уште чукаат, особено моето. Во ова време – невреме, каде посакувам да се здобијам со уште поголемо знаење.Мојата желба за напредок и светла иднина. Инспирацијата се движи во нагорна линија, та верувам дека ќе успеам. Сега, тука. Оти сега можеме да застанеме и размислиме што навистина е добро, а што погрешно? Каде сме погрешиле, дали намерно или од невнимание. Да се навратиме на моментите кога некого сме растажиле или расплакале без причина, зарем тоа е човештвото ? Да се обидеме да се движиме напред кон создавање на подобро ЈАС. Оти веќе и започнав. Ме движи онаа идеја да помогнам на постарите и изнемоштени лица, колку можам и кога можам. Да бидам искрен пријател на моите родители, без да ги растажувам.Ме движи помислата дека еден ден повторно ќе се најдеме во училишните клупи и ќе го слушнеме толку посакуваното училишно ѕвоно, но сега за почеток на часот. Ме движи самата идеја дека сите ќе бидат поинакви во позитивна смисла кога се’ ќе заврши. А, кога ќе заврши, јас ќе бидам розевиот цвет кој ќе се издигне над останатите. Ќе блескам додека ја читам мојата поезија, онаа која ја пишувам во ноќните часови.Поезијата која ме доближува до нашето минато, та ме фрла во иднината. Тивките разговори со Конески и Рацин. Оние кои ги водиме во моите стихови. Истата која ме заспива и ме буди наутро. Поезија за подобро утре, безгрижни насмевки кај постарите, живот со помалку проблеми, оти понекогаш и без нив е невозможно, та и досадно. Ме движи убавината на животот кој секако самите го креираме.Ние сме главните ликови во секоја наредна епизода. Та да го усреќиме и тажниот, да го збогатиме и сиромавиот, да го најадеме гладниот. Ние тоа го можеме. Еднакво општество за сите, безразлика кои сме и од каде доаѓаме. Ме движи идејата дека сите размислуваат токму на истиот начин. Она што го посакувам токму во овој момент: ,,Да нема дискриминација, омраза и несогласување меѓу луѓето”. Ме движи позитивата која можеби за чудо се појави токму во едно вакво време.

 

 

 

 

+707