[Литература] Михаела Николовска – IX одд.
„Што ме движи кога се стои ?“
„Што ме движи кога се стои ? – прашање кое сите си го поставуваат во ова време на пандемија, но ретко кој може да си даде одговор. По долго размислување и себеиспитување дојдов до заклучок дека движечка сила во мојот живот е љубовта кон дружењето, истражувањето и запознавањето на нашата татковина кое ми го овозможува учеството во извидничкиот одред „Сидро“- Скопје.
Се започна во разговор со една сосетка која со воодушевување раскажуваше за доживувањата, згодите и незгодите при патувањата со извидниците. За мене таа тема беше непозната и со љубопитност ја слушав. Таа раскажуваше за дружењето, сплотеноста, што ја има во друштвото, дека се поделени по возрасни групи само, но не и по пол, националност, односно си има правила на однесување кои сите мора да ги почитуваат без исклучок. Во време кога подолг период имаше вонредни мерки, карантини, изолации, поради вирусот Ковид – 19 , ова ми се стори многу примамливо. Наставата ја слушам on – line , со што се загуби дружбата со моите соученици на училиште, а и со другите познанички имавме слаби контакти поради високиот ризик од заразување со овој вирус со кој животот ни го смени за 360 степени. Семејните собири се проретчија скоро и да ги немаме па така социјалниот живот ни се сведе само во кругот на семејството. Досадното секојдневие кај мене како млада, амбициозна личност предизвика негативни емоции, фрустрации, незадоволство што ми го труеше телото и умот. Добив на тежина од постојаното дружење со фрижидерот, без никаква физичка активност. Затоа разговорот со мојата сосетка инаку со муслиманска вероисповед што за мене лично не преставува никаков проблеми ми годеше и ме поттикна на размислување да се приклучам и јас кон групата извидници.
Првото искуство беше неверојтно , за мене се ново и непознато. Долгото пешачење , искачувањето до Солунска глава, тие десетици километри беа за мене како неискусен извидник многу тешки, ужасно напорни, но справувањето со предизвикот во мене разбуди некое ново чувство на гордост и самопочит ,кое до тогаш го немав. Во пожртвеноста и хуманоста на членовите на оваа извидничка дружина се уверив многу брзо уште на ова мое прво патување. Неискуството доведе до тоа да ја направам и јас почетничката грешка да тргнам на планина без соодветни обувки. Цената си ја платив со повреда на глуждот на десната нога. Откако повозрасните членови на групата ми ја мобилизираа ногата го продолживме искачувањето. Јас со силни болки, но со помош од моите нови другари кои ги запознав само пред некој час .Без приговор се менуваа двајца по двајца на кои се потпирав за да не ја оптоварувам болната нога со целата моја тежина. Многу бев изненадена од солидарноста и помошта што ми ја пружаа иако заради мене побавно се движевме и правевме почести одмори никој не ме обвинуваше, дури не ми ни приговараа, што за мене беше многу збунувачки . Колкава човечност имаше во овие ликови. Кога стигнавме до крајната дестинација им се заблагодарив на сите , иако никој од мене тоа не го очекуваше и како нешто најнормално ми рекоа дека е тоа нивна должност и истото би го направиле за било кој. Ова требаше да ми биде поука за во иднина. Искуството беше болно но душата ми беше исполнета со радост и среќа што ги запознав овие прекрасни луѓе кои ме прифатија како дел од нив . Иако болката беше неподнослива целиот пат го поминавме со разговор, кој толку многу ми фалеше претходните месеци , а паузите за одмор беа исполнети со шеги и смеа а можеше да се слушне како некој си потпевнува некоја песна, а останатите го следат. Вечерта во планинарскиот дом беше вистинско доживување за мене. Од дечиња на најмала возраст, млади и возрасни на различна возраст сите сплотено се дружевме, разменувавме искуства се до доцна во ноќта и покрај заморот што го чувствувавме од долгото пешачење.
Следниот ден го минавме во истражувањето на околината на нашата прекрасна татковина. Необични билки, растенија кои до тогаш ги немам сретнато, инсекти и слично. Бев силно импресионирана од сплотеноста, дружбата, почитувањето меѓусебно на извидниците . Без завист, „ подметнување нога “, исмевање , клевета , користољубие, работи на кои бев навикната како дел од нашето секојдневие од моите соученици на училиште, се најдов затекната од ова нивно однесување кое многу ми се допадна .Со задоволство се вклопив во оваа средина која функционираше како едно семејство. Сите сме еднакви, облечени исто со униформи, со еднакви права, но и со обврски спрема можностите и возраста, без било каква дискриминација по пол, верска припадност, социјална положба во општеството, образование, имотна состојба и слично. Во извидничкиот одред „ Сидро “ се функционира како една голема фамилија.
На мојата среќа и немаше крај . Подигањето на извидничкото знаме, игрите со натпреварување, подигање на шатори, дружење со песна околу логорскиот оган, меѓусебното помагање и грижа за другиот без исклучок или некаква корист беа, новите доживувања кои ми донесоа нови искуства на следните патувања на кои учествував како редовен член на извидничкиот одред. Мојот ентузијазам со кој на долго и широко на моите дома им раскажував после секое мое планинарење го поттикна и моето помало братче да се приклучи кон оваа група и да стане и тој извидник.
Додека оваа глобална пандемија ги запре сите животни циклуси во светот, го сопре социјалниот и општествениот живот, растури многу семејства, се случија многу трагедии и многу луѓе ги загубија своите животи или некој близок, кога економијата падна на колена, јас си ја најдов мојата движечка сила. Се движам, истражувам, се дружам и се потсетив на одамна загубените човечки вредности на меѓусебно почитување, помагање и вистинско пријателство. И додека се стои под контрола и закана на вирусот Ковид – 19, мене ме движи помислата на следната средба со моите извидници до нова дестинација, запознавањето и дружењето со мештаните кои секогаш со радост не дочекуваат почестени што сме ги посетиле во нивните честопати изолирани, зафрлени, да не речам заборавени планински села.