[Литература] Мартина Атанасова – VI одд.

Што ме движи кога сѐ стои

Почетокот на пандемијата за мене значеше бескрајно долги и здодевни денови. Седев затворена дома не смеејќи да излезам од мојот дом и без идеја што да правам. Најголем дел од времето го поминував со мобилниот телефон в раце. Кога веќе светот запре, сакав да најдам нешто што ќе ме движи, што ќе ме инспирира и радува, нешто што сакам да го правам.

Го изледав целиот серијал филмови Хари Потер, цртав или пак го пополнував мојот дневник на прочитани книги кој ми го подари мајка ми. Сфатив дека читањето ми предизвикува најголемо задоволство. Ми помага да заборавам на она што ни се случува и за момент да се најдам во некои нови, возбудливи светови, да бидам се’ што ќе посакам. Патувајќи со помош на мојата фантазија во светот на книгите, дознав дека тие навистина имаат супермоќ. Посакав и јас да можам да напишам книга. Знаев дека тоа не е едноставна работа и дека не се случува преку ноќ. Се охрабрив и го напишав мојот прв расказ чија тема беше поврзана токму со моќта на книгите. Бев пресреќна кога ми јавија дека мојот расказ бил објавен во збирка од најдобри творби на деца од целата држава. Тоа ме придвижи и охрабри да читам и да пишувам уште повеќе. Знаев дека упорноста и трудот ќе ми помогнат да го остварам мојот сон да станам писателка.

Пандемијата ми украде дел од моето детство, ме одалечи од другарчињата, ми ги зема безгрижноста и слободата. Чувствувам како животот да ми застанал. Деновите наликуваат еден на друг, ништо не се менува, се стои. Тоа ме прави тажна. Како да минувам низ тунел на кој не му се гледа крајот. Во моментите кога ќе ме совладаат овие чувства, најмногу ми помагаат долгите разговори со моите родители. Мајка ми секогаш ми вели да го правам она што ми предизвикува најголемо задоволство. Да вложувам во себе и постојано да се надградувам. Да размислувам со своја глава и искрено, со љубов и посветеност да однесувам кон сите и кон работите што ме инспираат. Сфатив дека читањето и пишувањето се она што најмногу сакам да го правам. Моето бегство од оваа нова реалност. Ништо не ми помага толку колку ставањето на хартија на моите чувства и мисли.

Оваа година сум шесто одделение. Во почетокот бев исплашена како ќе биде со толку многу наставници и нови предмети. Бев загрижена каков успех ќе постигнам со оглед на мојата повлеченост и несигурност и фактот што со наставниците и другарчињата се гледаме само на камера. Затвореноста дома како да ми ја уништи сета самодоверба што ја имав претходно. И покрај големата поддршка од моите родители, ретко се охрабрував да кренам рака, да кажам гласно што мислам и колку знам. Пандемијата ми го зголеми стравот од неуспех, и чувството дека ќе се посрамотам пред сите.

Работите се влошија кога јас, моите родители и сестра ми бевме заразени од вирусот. Три недели бевме во изолација чекајќи што ќе се случи со татко ми кој беше во болница. Мајка ми ме охрабруваше што повеќе да читам и да пишувам. Иако не одев на училиште, ги пишував домашните само по македонски јазик. Наградата на училишниот конкурс ме мотивираше да не престанам со ова хоби. Паметам колку татко ми беше горд со мене кога се врати од болница и кога на глас го читаше мојот расказ. Ми рече: „писателка на тато“, и цврсто ме прегрна.

„Кога ќе ги ставиш емоциите на хартија како да ти паднал огромен товар од грбот. Ја имаш моќта да создадеш нешто ново, дотогаш невидено и чудесно, да ги поместиш границите на фантазијата “ – ми рече мајка ми. Ова ми звучеше зачудувачки, но во исто време ми стана голем предизвик. Веќе можев да се замислам на промоцијата на мојата прва книга. Како воодушевени деца ми приоѓаат и бараат посвета. Како ми кажуваат што најмногу им се допаднало, како сум ги инспирирала и тие да пишуваат.

Годинава учествувам на сите литературни конкурси. Секоја тема за мене е нов предизвик. Успехот не е воопшто важен. Во оваа моја љубов голема поддршка ми е мојата наставничка по македонски јазик. Никогаш нема да го заборавам часот кога на глас читаше мој расказ додека очите ѝ се полнеа со солзи. Се чувствувам горда и знаев дека можам повеќе и подобро.

Пишувањето е тоа што ме движи кога се стои. И времето поминато со моето семејство и другарчињата, особено со мојата најдобра другарка Симона. Се надевам дека некој наскоро ќе го исклучи копчето пауза и дека нашето детство ќе продолжи спокојно и безгрижно. Сонувам за свет во кој сите деца ќе имаат еднакви можности за образование и за остварување на своите соништа. Мојот е да станам писателка и да ги правам среќни сите што ќе ги читаат моите книги.

 

+117