[Литература] Анѓела Арсиќ – VIII одд.
ШТО МЕ ДВИЖИ КОГА СЕ́ СТОИ
Секогаш кога ќе ги видам луѓето кои се предаваат уште пред првата препрека, не верувам дека навистина можат да се откажат толку рано, без да се борат, без да се интересираат за понатамошните авантури низ кои ќе поминат додека да стигнат до својата цел. Јас тогаш уште повеќе се мотивирам и наоѓам храброст да ја надминам препреката и да продолжам да чекорам по мојот пат. Не сакам да се предадам без борба, без интерес за тоа што ќе се случи понатаму.
Кога распеаните птици молчат, кога зелената природа спие, кога сонцето зад планините се крие, јас не мирувам. Се движам, патувам низ фантазијата, уживам, ништо не ме спречува да летам во моите сни…
Кога се́ стои како карпа, јас не застанувам, не се предавам. Ме движат желбите за подобро утре. Ме мотивираат да не се предавам, да продолжам да се борам, да се надевам дека утре ќе биде подобро од денес. Сонот кој го сонувам, додека сета се внесувам во него, не ми дозволува да мирувам. Ме движи детската насмевка која грее со силата на сончевите зраци, ме поттикнува да одам подалеку, да не застанувам. Фантазијата која секојдневно ме прави посреќна и посилна не ми дозволува да мирувам, ме движи насекаде. Сонот ме носи далеку во облаците, во светот на фантазијата, ме носи да летам како самовила со свилени крилја. На миг, ме носи во тој розов свет каде се́ е така убаво, во тој свет од кој никогаш не ти се заминува… Ме движи љубовта кон моите најмили, не ми остава простор за мирување, ме плаши да не им се случи нешто, па ме поттикнува да ги сочувам… да ги заклучам во моето срце, секогаш да се со мене. Песната, која со нежните мелодии допира длабоко во срцето, не ме остава да стојам… ме движи кон луѓето кои бескрајно ги сакам и не дозволувам да се повредени. Ме движи природата – да го почувствувам животот со сите сетила, да уживам во него секогаш кога можам.
Кога лошите луѓе ми ги замаглуваат соништата и ми ставаат препреки на патот до остварувањето на моите сни, јас не застанувам, се движам… Ме движат силните желби за постигнување на моите цели, ме воздигнуваат да летам – да ги надминам препреките и луѓето кои имаат црна душа, луѓето кои не се задоволни со својот живот па сакаат да го направат и мојот живот црн, мрачен, дождлив, без соништа, желби, љубов, надеж… Јас не застанувам, се движам. Само ги одминувам истите луѓе и продолжувам по мојот пат кој води до исполнети желби, остварени соништа, бескрајна љубов со вистински луѓе. На сите оние чии срца се полни со злоба а не со љубов, на оние кои мислат дека јас сум тажна, несреќна, дека моите облаци се сиви како нивните, им укажувам дека не успеале во рушењето на моите желби и цели, па им давам совети и тие да се движат, да не се задоволуваат со малку полесниот живот, ги поттикнувам да се позанимаваат со својот живот и да си го разубават наместо да се интересираат за туѓ.
Се исправам и повторно се движам кога гледам дека се́ може да биде подобро, па она што е лошо јас го гледам на друг начин, велам дека има и полошо и си продолжувам.
Ни темното небо не е доволно да ги прекрие моите желби за движење. Не постои сила која ќе ме спречи да се движам во моите соништа, моите фантазии, моите бајки кои секојдневно ги замислувам како вистински.
Не го сонувам мојот живот, јас си го живеам сонот! Се́ доживувам како некоја авантура низ која секој човек мора да помине за да стигне до целта.