[Литература] Сеада Шуман – II година
Што ме движи кога сѐ стои?
Што ме движи кога сѐ стои? Едноставно прашање, со многу кратки и нејасно возвратени одговори. Се прашувам каква сила е оваа што ме држи на нозе, се прашувам што е нештово што ме тера да одам напред? Се прашувам дали добивам сила гледајќи ги постарите како стануваат успешни или сепак е во прашање мојата заинтересирана младост која сака да се движи по непознатиот свет? Прашањето ме обзема целосно, ме тера да се нурнам во длабочината на мојата душа по одговори, да сфатам, да разберам, а притоа созревам, се надевам и непрестајно копнеам дека ќе ја откријам таа чудесна сила која доаѓа од непознат правец и ме прави самоуверена, на прав пат исправена, подготвена да се соочам со непредвидливоста на секојдневните случувања. Верувам и сѐ уште се надевам дека секојпат кога ќе му погледнеш на другиот до тебе во очи ќе забележиш надеж, љубов, сочуство и несомнена желба за подобро утро, за еднаков свет, за посветла и со радост исполнета иднина.
Во време кога сѐ е сменето, кога сѐ е поинаку, кога ништо не е како порано, мојата неизмерна сила ја најдов, ја видов во моето семејство кое и во вакви тешки времиња за време на овој пеколен вирус е покрај мене и ме поддржува во сѐ. Овој вирус однесе над
100.000 животи. Ни го смени животот, ни го смени начинот на којшто живееме. Ни покажа колку лоши нешта можат да се случат за толку кратко време. И ни покажа дека треба да бидеме благодарни за малите убави нешта што ни ги носи животот. Исто така, нѐ научи на трпеливост, толерантност кон оној послабиот, различниот од нас, нѐ научи секогаш да го очекуваме најдоброто, ни ја даде совршената дефиниција за старата добра реченица „после секое зло, доаѓа и некое добро“. Ме држат на нозе добрите работи, убавината на животот, добрината на луѓето, скромноста и спокојот на овој наш убав народ, којшто претрпе сѐ и сешто ама сепак на крајот на денот е насмеан. Убавината на мојата Македонија, градовите, селата и убавите планини како Шар Планина ме држат во живот, не дозволуваат да снемам сила, не дозволуваат да паднам на колена. Ме држат на нозе моите големи неостварени соништа за кои и ден денес мечтаам. И се надевам дека што поскоро ќе станат реалност, дека ќе ме однесат на прекрасни места, ќе ме исполнат со радост и занесна убавина! Малите нешта, а за мене големи колку и вселената, оние чисти и искрени, од сѐ срце подарени мали нешта ми го прават цел свет. Топлите прегратки и убавите насмевки на мојата мала сестричка, којашто ме смирува со само еден свој мил поглед, тие се големи како вселената. Гордо чекорам низ овој мој живот, со полно срце и душа, ведра и смирена го чувствувам секој возбудлив момент којшто ме бодри и поттикнува да истрајам и да создадам мозаик од прекрасните мигови на секојдневието. Сега би сакала да ви раскажам за животните лекции коишто ги научив благодарение на татко ми. До некаде, благодарение на нив, јас сум ова, благодарение на зборовите на тато знам што се чувства, знам какви нешта се чувствата. Тато ми е животен тренер, животна поддршка, ме научи да ја гледам разликата меѓу доброто и лошото, ме научи секогаш да го правам потребното. Ми покажа дека лагите и грабежите се лоши работи и со тоа поле, со тој пат уште не ме запозна. Од мене побара никогаш да не тргнам на тој пат! Кога бев слаба, кога немав сила да стојам на нозе, тато беше мојата сила, зборовите на тато ме креваа нагоре, ме поддржуваа. Немаше никој покрај мене, никој не рече – го можеш ти ова, додека пак тато ќе рече само: „До кај си со тоа – ќе видиш убаво
ќе биде“. За секој мој успех тато беше среќен, после секое мое добро дело, после секоја моја победа на прекрасното лице на тато владееше неговата прекрасна насмевка, а во меѓувреме блескаа неговите прекрасни очи.
Како за крај би сакала да напишам уште нешто:
„Животот е чудна работа, некогаш те носи на врвот, а некогаш те фрла на дното. Тука се и емоциите како што се: среќата и тагата. Човекот кога е среќен пред него сѐ е убаво, сѐ е шарено и разиграно, возбудливо и прекрасно. Додека пак кога е тажен пред него сѐ е мрачно, насекаде е темнина. Не дозволувам да ме обвие тагата, да ме однесе на дното, не дозволувам да престанам да се грижам, да сакам и почитувам. Се борам и ќе се борам, помош барам од насмевките и малите безначајни разговори со блиските, се стремам за да успеам и да ја победам секоја битка зошто силата на мојата душа е неизмерна, непроценлива. Одам напред со крената глава и со една единствена мисла во срцето:
„Можам, ќе успеам!“