[Литература] Ангела Јовановска – III година

Што ме движи кога сè стои?

Уште како мала мајка ми ме предупредувашеи ми велеше дека светот е суров. Таа тоа толку многу го зборуваше што еден ден решив да ја прашам зошто постојано ми го повторува тоа. Нејзиниот одговор беше “Ќе сфатиш кога ќe пораснеш”.На едно деветгодишно дете како што бев јас тој одговор претставуваше само уште една загриженост на пожртвувана жена – борец која сè би направила за своето детенце. На мене пак се додека ведрото небо сјаеше и сонцето високо искачено ми се смешкаше, занесена во играта со моите другарчиња сметав дека светот е совршен. Тогаш се што ме опкружуваше имаше некоја посебна, автентична вредност: цвеќињата,дрвјата, луѓето, па дури и мравките и пчелите, сите тие во моите очи беа насликани како посебни и уникатни на свој начин, но во исто време еднакво исти. Со часови ќе седев и ќе ги набљудував малите мравчиња како трудољубиво ја носат храната во своите домови, пчелите како уморно слетуваат на штотуку расцутените цветови, дрвјата кои растеа и растеа со години и не опсипуваа со најразлични плодови или пак моите родители кои секој ден во исто време се враќаа изморени од работа за да овозможат подобар живот за своето семејство. Тие иако беа различни на безброј начини, за мене беа еднакви и секој од нив внатре во мене предизвикуваше посебно чувство на восхит и наклонетост.Кога детската илузија помина и светот ме фрли во канџите на суровата реалност, реченицата на мајка ми се до ден денес не престанува да ми се врти во главата и да одsвонува како непрекинливо sвоно. Сликата на која беше насликан мојот идеален свет се сруши пред моите очи и настапи нова слика насликана со најтемни нијанси.

Кога станува збор за светот денеска, можам да кажам дека сеуште го немам целосно запознаено и проучено, но неговата агонија и бесчувствителност и како секој ден се повеќе да тоне во поголема беда, во некои моменти ми влева страв длабоко во коските. Поставените столбови на светот врз кои се градат секој ден нови идеали и критериуми за кои е невозможно да се исполнат, ги турка луѓето во бездна и ги исполнува со огорченост нивните животи. Светот и општеството се толку фокусирани на своите стереотипи: расизмот, сексизмот, дискриминација по облеката што ја носиме, со кого се дружиме, па дури и начинот на кој го живееме нашиот живот, а не им дава важност на големите нешта и во очите на луѓето ги прикажува како неважни и невидливи. Случки во кои дечкото ја малтретира својата девојка или родителот своето дете на јавно место, а луѓето поминуваат без да кажат ни збор бидејќи нели тоа е “семејна работа”. Начинот на кој луѓето здогледуваат бездомник и без да ја знаат неговата животна приказна дофрлуваат,,Сам си е виновен, нека најде работа, а не да седи тука“.Или пак кога група луѓе имаат исто мислење, а едниот од нив се издвојува и тој веднаш станува “чудниот тип” исмејуван од истите тие луѓе бидејќи светот нема создадено сигурна околина во која луѓето можат слободно да си го искажат своето мислење.Токму поради оваа причина поголемиот дел од нас кој има многу да каже за калапот по кој е формиран современиот свет, најчесто молчиме бидејќи мислиме дека ако проговориме нашето мислење ќе биде стуткано и фрлено како лист хартија. Иако би можела да набројувам уште милион вакви случаи во кои се гледа немилосрдноста на луѓето и отровта впиена во нив од страна на желбата за постигнување на општествените идеали, моето гледиште на ова е дека сите сме заслепени од тоа да го следиме патот кој нѝ го гради општеството и сите сме навикнати да го правиме тоа што ги задоволува неговите барања, што самата помисла да се ослободиме од ланците со кои сме врзани е невозможно. Би сакала сите луѓе да можат да дојдат до таа точка во нивниот живот кога ќе се помират со тоа дека стандардите по кои треба да се водиме се недостижни. Немозможно е да се вклопиме бидејќи ако сме тивка и смирена личност тогаш премногу молчиме, но ако сме весели и комуникативни тогаш сме премногу гласни и луѓето секогаш ќе успеат да најдат пукнатина за која ќе не осудуваат. Кога сега некој би седнал и би ме прашал што ме движи кога сè стои, јас би рекла дека тоа се најмалите нешта во целиот овој лавиринт од хаос кои во мене влеваат надеж дека можеби постои подобро утре.Мали нешта кои можеби некој нема ни да ги забележи, а за мене се сè она што ме движи напред додека светот стои во ужасот кој секојдневно си го создава. Човек кој вдомува улично куче, видеото што го изгледав вчера во кое едно девојче забележува во продавница друго девојче кое е од различна етничка припадност и извикува “Tато погледни имам близначка, носиме исти фустанчиња” бидејќи единствено нешто што и е важно е дека има ново другарче, девојчето кое секој ден кога ќе го купам моето утринско кафе ми вели “Повелете, имајте убав ден и дојдете ни пак” или пак луѓето кои сеуште застануваат на улица само за да и помогнат на старата бабичката да ги однесе своите тешки кеси или дедото да ја помине улицата.Детенцето кое во училиште седнува до детето кое сите го исмејуваат и понижуваат затоа што е сиромашно, онаа жена која кога во продавницата немав доволно пари за да си ја платам мојата сметка ми се насмевна и рече дека не е проблем и ѝ ги даде парите на продавачката или дедото кој секој ден кога тргнував на училиште ме поздравуваше со убави зборови и ми го разубавуваше денот. Можеби некои личности нема да ја разберат целата магија која се крие зад еден хуман акт и би сакала за сите нас хуманоста да е најскапоцениот подарок што можеме да го примиме и подариме на друг. Подарок кој претставува баланс и мир во сета оваа бркотница наречена живот. Да еден обичен мал знак на хуманост е тоа што ме исполнува со среќа и радост, ме потсетува дека можеби човечноста сепак не е изумрена и дека не сите луѓе на оваа планета на која живееме се монструми.

Заклучно со сето ова, моето мислење е дека огромен дел од нас среќата ја бараме во големите нешта и мислиме дека ќе се задоволиме со среќа која е привремена, но всушност тоа е вистинската причина зошто понекогаш стануваме алчни и не можеме да видиме дека тајната се крие токму во тие мали нешта кои се наоѓаат пред нас. Го обвинуваме светот дека е суров, но ние како човечки битија го градиме и тој е претставен преку нас, не можеме да очекуваме дека светот ќе се смени се додека самите луѓе што го прават таков не се сменат. Секогаш кога сè ќе се сруши пред моите очи, кога ќе помислам дека светот не може да биде повеќе суров отколку што е, се појавува детето во мене, ми влева искра надеж и ме покорува. Можеби сликата која ја имам насликано за светот денеска не е толку совршена како кога бев малечка, но сите тие нешта кои ме движат кога сè стои ми даваат сила да ја подигнам четката и врз тоа црнило да насликам неколку линии со светли бои и да му дадам втора шанса на светот. За крај “Mамо ти имаше право овој свет е навистина тежок и полн со сурови луѓе, ти благодарам што не ми дозволи да се претворам во таков човек и ме научи до ден денеска цвеќињата, дрвјата, мравките, пчелките и луѓето да ги гледам со истиот оној поглед и сјај во очите како тоа деветгодишно девојче. Те сакам”.

+286