[Литература] Зафир Стојчевски – III година
Што ме движи кога сè стои
2020 година нè научи дека и невозможното станува возможно. Година кога светот, ја притисна кочницата и застана. Тоа што само можевме да го видиме на филмските платна и да го замислиме, стана реалност. Затворени во своите домови, гледајќи ги нашите најблиски само преку екраните. Социјалниот живот го заменивме со физичката дистанца. Човечкиот допир стана нереалност. Светот застана, застана се што се случуваше околу нас. Но, една година подоцна, се научивме да живееме со невидливот непријател и научивме како да останеме будни, додека се околу нас застана.
Што ме движи додека сè стои? Ме движат моите најблиски, моето друштво, моето семејство. Изминатите месеци сфатив дека секој момент поминат покрај најблиските е важен. Научив дека треба да го ценам тоа што некогаш го земав здраво за готово. Секој семеен неделен ручек, секоја прошетка, секое патување. Сè тоа што некогаш беше обично секојдневие, стана нереалност во новото време. Ме движи поддршката од своето семејство, меѓусебното разбирање и покрај изолираноста во нашиот дом. Ме движи секој викенд поминат заедно, секое попладне после нашите работни обврски, поминати во разговор околу нашиот ден. Ме движи здравјето и благосостојбата на моите најблиски. Околу нас, се појави непријател кој не ја бира неговата жртва, непријател пред кои многу луѓе клекнаа на колена, преку кои фамилии ги изгубија своите најблиски. Во тешките моменти на самоизолација, во моментите кога ќе ги видиме нашите, болни и немоќни, против нешто што не можеме да го видиме. Научив дека менталното здравје е подлежно на трајни последици. Согледав дека најважно за себе, е да работам да го заштитам моето здравје, пред сè физичкото, но и психичкото. Но, едно нешто кое ме движи е тоа што го движи целиот свет, од денот број еден на затворањето на светот – надежта.
Надежта е таа што ме движи и ме прави оптимистичен дека подоброто утре е на хоризонтот. Гледајќи го светот, во борбата да се спаси од пандемијата, да го заборави ,,новото нормално“, изнаоѓајќи разни начини за спас на секој човек, е моја водилка, која сето ова време, покрај осамените денови, кога светот ги заклучи сите брави, ме мотивира дека подобрите денови наскоро ќе дојдат. Имам надеж дека ќе се вратиме на нормалниот живот, живот во кој маската не ја крие насмевката, живот во кој можеме без страв, да ги гушнеме постарите и најмилите. Но, негативната страна на изолираноста, ме допре да направам нешто повеќе, не само за другите, туку и за себе.
Пандемијата ме научи дека грижата за себе, одвојувајќи време само за себе, дури и само еден час, е многу важно за мене, важно за да можам да одвојам и време за другите. Времето за себе е најважната алатка која ме движи сето ова време. Читање на книга, слушање на музика, прошетка низ парк или дури и само неколку минути медитација. Тоа се малите работи кои беа и остануваат неопходни за мојот секојдневен живот, фактори кои помагаат да го заштитат моето ментално здравје, фактори со кои го почитувам личниот простор на останатите во моето семејство. Поставив темели за моите визии за иднината, кои ме движат напред и ме мотивираат да работам повеќе и подобро, да обезбедам безбедна иднина, да работам на моето образование и мојата работна иднина. Ме движи се тоа што ќе го движи светот секој ден понатаму – ме движи оптимизмот.
Изминатата година, сè променија многу работи. Нашите секојдневни разговори се префрлија на нашите компјутери, нашето маалско кафе го заменивме со кафе на нашите тераси, прошетките во природа се заменија со едноставно отворање на нашите прозорци. Се смени светот во целост, со надеж да се вратиме во нашата претходна верзија. Но, промените не секогаш значат негативни промени. Многу од нас согледавме дека повеќето слободно време во нашите домови, можеме да го искористиме разумно, да бидеме креативни, да бидеме свои и да работиме на подобрите нас. Мислењето дека се наоѓам во ограничен простор, сам во својата соба, го заменив со фактот јас го креирам своето катче и ја имам слободата да се изразам во мојот простор како што сакам. Пандемијата ме научи дека живееме за денес, а не живееме за утре. Секој момент од животот, секоја седмица од месецот, секоја ден од седмицата, секоја минута од денот, се важни и не треба да ги потценуваме. Не знаеме што нè чека следниот ден или следната недела, не знаеме дали повторно ќе ги живееме драгите моменти со најблиските. Тоа што нè движи во време кога сè стои, нè движи напред кон подобрите нас во подоброто утре, со светла иднина, со разумни планови, со нашите најдраги покрај нас. Само оптимизмот и надежта, моите другари, моето семејство, ме движи кога сè стои.