[Литература] Бојана Бојковска – VIII одд.
Што ме движи кога сè стои?
Во време на пандемија кога сè е запрено размислувам позитивно, најчесто темата на моето размислување е спорт, читање на добри книги и цртање. Кога велам спорт мислам на возењето велосипед, планинарење, трчање, одбојка, скијање и слично.
Многу ме исполнува и се чувствувам среќно кога со моите другари возам велосипед покрај кејот на реката Вардар, минувајќи покрај скопските улици па до врвот на планината Водно. Се чувствувам исполнето кога го гледам прекрасниот пејзаж на главниот град од планината Водно, восхитувајќи се на сè што ме опкружува околу мене. Низ тесните патеки на планината Водно секојдневно ги слушам милните звуци на птиците, шумот на лисјата како и средбата со по некоја верверичка што крадешкум од дрво на дрво се појавува. Возбудата е се поголема кога со моите другари ќе си споделиме по некоја шега додека возиме. Секој ден претставува нов предизвик за освојување на нов предел со мојот велосипед. Па така беше предизвикот да се искачиме на браната Козјак за која ќе ви раскажам една многу интересна авантура. Искачувањето беше многу тешко и исцрпно, но со мојата физичка спремност и упорност успеав да ја постигнам целта. Спуштањето од браната беше уште повозбудливо. Мојата другарка Ана загледувајќи се во височината каде што безгрижно летаа два сокола, не обрнувајќи внимание по патот што возиме се излизга на земјата надвор од патот. Сите се исплашивме и дојдовме кон неа за да видиме дали е се во ред или ќе треба да повикаме помош. За среќа тоа беше само мало лизгање и гребаница на раката и ногата кои ги измивме со водата која ја носевме во нашите ранци. Се одморивме малку и ја замоливме Ана да проба повторно да се качи на велосипедот за да продолжиме понатаму , но за жал се соочивме со мал проблем. Ана не можеше да го вози велосипедот , а јас предложив да го повикам мојот татко да дојде и да ни помогне во решавањето на овој проблем, со што на крај на денот сè се заврши се добро. Одењето на планина и кампување ми претставува огромно задоволство. Кога сè стои , а јас се движам низ шумата со цел да пронајдам соодветно место за кампување. И прилагодување кон планинските услови. Посебно задоволство ми претставува разгледувањето на сите растенија и дрвја во планинските предели. Кога кампувам голем дел од денот го поминувам во берење на шумски плодови и разни чаеви од кои подоцна правиме топли напитоци и уживаме во читањето на некоја добра книга. Исто така кога времето е убаво се организирам со моето друштвото да одиме да трчаме на кејот на Вардар. Интензивните подготовки најчесто се случуваат пред мојот настап на Скопскиот маратон на кој имам учествувано веќе неколку пати, што претставува за мене огромна чест и задоволство . Често пати размислувам и многу ми недостасуваат тренинзите со мојот одбојкарски тим кој за жал во ова време се невозможни. Голем дел од денот го надополнувам играјќи сама со мојата одбојкарска топка. Кога сè стои многу често размислувам на убави нешта поврзани со моите другари, со одбојката и сè она што ме опкружува. Постојано се навраќам и размислувам за моите натпревари , за успесите и падовите кои ги имам доживеано. Љубовта кон одбојката е нешто посебно за мене, бидејќи со неа научив како да се однесувам и да споделувам тимски. Се чувствувам многу среќно и исполнето кога заминувам на зимски одмор. Скијањето за мене претставува задоволство кое не можам да опишам со зборови. Секој поминат ден на планина за мене претставува предизвик за освојување на што поголема височина. Кога скијам го чувствувам планинскиот ветер на мојата кожа како милно ме пецка и гали. Најголемо задоволство за мене се прекрасните глетки од височините планината. Снегот со неговата белина ми дава посебно чувство на смиреност и релаксираност во моето тело и душа. Прекрасните бачила и планински кукички кои ѕиркаат на планинските падини се исто така многу интересни за глетка. Одлично чувство кај мене предизвикува огромниот број на скијачи кои како мравки летаат низ планинските патеки. Кога се стои задоволството од убаво поминат ден на скијање го заокружувам со вечерното седење покрај каминот и читање на добра книга. Голем љубител сум и на книгите кои за мене претставуваат огромно задоволство кое ми помага да научам многу нешта. Од многу бројните книги посебно би ги издвоила енциклопедиите кои се многу интересни за мене. Слободно можам да ги издвојам „Светски алманах на интересни факти 2021”, „Енциклопедија за камења и минерали “ и „Енциклопедија на позната музика”. Преку нив ги учам и дознавам светски познатите факти. За мене многу големо значење имаат книгите во кои се опишува биологијата и историјата. Тезата дека книгата е најдобар пријател на човекот е навистина така бидејќи преку книгата учиме , осознаваме и стекнуваме нови знаења. Посветеноста кон науката и читањето за мене се од особено значење и предизвик секојдневно да барам нови дела за изучување. Кога читам моите мисли навлегуваат длабоко во книгата со што имам чувство дека станувам дел од неа. Секоја прочитана книга за мене претставува сила и моќ која ми нуди знаење и поглед кон нови светови. Особен интерес во мене будат книгите посветени на историјата и историските вредности. Светската историја буди посебен интерес кај мене бидејќи во неа се опишани историски настани кои дале значаен печат во денешното изучување. Дури кога светот стои во моите мисли преку книгата осознавам, учам и мечтаам за подобро денес и подобро утре. Кога сè стои исто така и цртањето е во моите мисли, преку кои ги изразувам моите чувства, потреби и мисли кон сè она што ме опкружува. Често цртам природа и пејзажи. Сето ова ме исполнува кога сум тажна и нерасположена .
Кога сум задлабочена во моите мисли и кога сè стои јас патувам, осознавам, творам и мечтаам. Посакувам поубава иднина исполнета со љубов, радост, насмевки, среќни лица кои ме опкружуваат насекаде.
Тоа за мене претставува убава насликана слика исполнета со насмевки, смеа, радост, задоволство и убавина во секаков поглед.
Мој мотив кој ме води кон подобро утре е:
Спортувајте, учете, споделувајте, творете, сликајте, чувајте ја животната средина, помагајте на сите на кои има потребна помош и осознавајте го светот како најдобро место за живеење бидејќи само така ќе се движиме и кога сè околу нас е запрено и стои.