[Литература] Аника Абдулаху – III година

Што ме движи кога сè стои

Сметам дека сум страсна за многу работи; страсна сум за науката, за храната и за максималното искористување од животот, но, би рекла дека она за што сум најстрасна се приказните. Кога гледам во светот, мојот ум секогаш лута и мислам на приказната зад секоја ситница. Гледам во камче и мислам на реката која го измазнувала, гледам во дрво и додека догледувам во гранките замислувам колку луѓе стоеле тука пред мене и го гледале токму ова дрво, со колку од нив се збогувало. Мојот сопствен живот: само уште една приказна во книгата на светот.

Како и секоја приказна, има и подеми, и падови, и пресврти кои никој не би можел да ги очекува, но, она што ми е заедничко со сите што некогаш гледале во ѕвездите или зјапале на сонцето е дека сме луѓе. Танцуваме, пееме, раскажуваме приказни за работите што не можеме да ги објасниме, создаваме и сакаме. Ние сакаме целосно. Ние ги даваме нашите срца; ги делиме меѓу семејството и пријателите и љубовниците. Кога сè стои, љубовта е таа што нè движи. Те сакам е врежано во срцето на светот, во секоја приказна што ја раскажуваме. Љубов кон птиците, кон дрвјата, кон луѓето – кон човештвото. За ѕвездите што ги гледаме, прашувајќи се дали некој нè гледа назад.

Сепак, има убавина во стоењето. Кога светот запира, дури само за еден миг, може да се види од поинаква гледна точка. Отстранет од него, го гледам јасно. Забележувам работи што не би ги забележала. Земам здив и престанувам да бидам дел од нешто поголемо; наеднаш сум само јас: душа во пространството на Универзумот. Кога светот ќе запре, и јас запирам. Давејќи се во мирот, ослободена сум од товарот на постоењето. Издишувам, и приказната продолжува. Љубовта нѐ одржува, кон некого или нешто. Љубовта секогаш нè одржува, без разлика дали забележуваме или не. Се обидувам да забележам. Мислам дека таа го прави животот вреден за живеење.

Во долгата приказна на човештвото сме сите ние, и тоа што ме движи мене е фактот дека илјадници години во минатото, луѓето погледнале околу себе, во светот и во небото, и продолжиле да се движат. Заради нив сум јас овде, и заради мене илјадници години во минатото, ќе има некој друг. Учиме од минатото и работиме за иднината.

 

+2